Достапни линкови

logo-print

Невработеноста - главен проблем на младите од Балканот


Интернационална младинска конференција во Крушево.

Интернационална младинска конференција во Крушево.

Владите не се грижат за потребите на младите и речиси никогаш не ги консултираат при креирање и имплементирање на политиките кои треба да го подобрат квалитетот на нивниот живот, констатираат младите од регионот на 11-та Интернационална младинска конференција што се одржа во Крушево.

Младите од сите балкански држави, но и од Турција, Германија, Италија и Франција ја лоцираат невработеноста како најголем проблем. Велат, се ангажираат во политичките партии, но само за да дојдат до работно место, што побргу. Од друга страна, посочуваат дека владите не се грижат за потребите на младите и дека речиси никогаш не ги консултираат при креирање и имплементирање на политиките кои треба да го подобрат квалитетот на животот на младите. Решенијата за овие проблеми се всушност препораките до владите на државите учеснички од 11-та Интернационална младинска конференција што се одржа во Крушево.
Солидарните вредности не се многу популарни меѓу младите, сè уште се зборува за тие неолиберални вредности каде првиот е прв, а сите други се втори, мораш да бидеш успешен, цената не е битна.

„Солидарните вредности не се многу популарни меѓу младите, сè уште се зборува за тие неолиберални вредности каде првиот е прв, а сите други се втори, мораш да бидеш успешен, цената не е битна. Е во тој контекст на вредности на демократско солидарно општество имаме дефицит дефинитивно“, смета Кире Василев од Битола.

Според него, инволвираноста на младите во политиката само им ја потиснува демократската свест, зашто присутен е стравот дека ќе станат дел од армијата невработени, секогаш кога ќе се обидат да направат нешто за општо, јавно добро.
Најгорливиот проблем во мојата земја е да најдете вработување. Фактот што младите луѓе зависат од семејниот буџет и не можат да создадат сопствен живот е најлошо за нив.

Невработеноста е голем проблем и за младите во Грција. Тие не сакаат да ја напуштат својата држава, туку инсистираат на решение за нивните потреби. Но, велат, грчката влада не може да го реши овој проблем, за кој одлучуваат креаторите на европските политики.

„Најгорливиот проблем во мојата земја е да најдете вработување. Фактот што младите луѓе зависат од семејниот буџет и не можат да создадат сопствен живот е најлошо за нив. А, од аспект на проблемот меѓу Македонија и Грција можам да кажам дека сакам и се обидувам да бидам дискретна овде, македонската страна има свои, а грчката страна свои аргументи и искрено посакувам Македонија да влезе во ЕУ, се надевам дека ќе има решение. На персонално ниво сметам дека Македонците се пријателски настроен народ и ние комуницираме одлично“, изјави Марија Атанацики од Солун.

Исти се проблемите и на младите во Босна и Херцеговина, каде маса млади луѓе се без работа и затоа постојано бараат можности за работа во странство. Во меѓувреме политичкиот ангажман за нив е само виза да се дојде до работно место.

„Тоа е еден од големите проблеми со кои се соочува еден млад човек, како да остане индивидуа, во земја во која политиката влегла во сите општествени пори: образование, спорт, култура, наука. Затоа, поради нашето уредување, поголем дел од младите гледаат да се вработат со посредство на некоја политичка партија“, порача Елма Бешлиќ од Босна.

Сите препораки и овојпат младите учесници на конференцијата ќе ги испратат од владите на нивните држави. Ова е практика од интернационалната конференција во изминатите 11 години, континуитет на средби и дискусии за проблемите на младите во Југоисточна Европа.

„Интегрирање на регионот во системот на вредности врз кои почиваат тие две структури Европската унија и НАТО. Значи ние сакаме да ги доближиме модерните европски вредности до младите луѓе од земјите од Југоисточна Европа. Младинската конференција секоја година испраќа препораки до доносителите на одлуки, до владините претставници во сите земји на регионот, не само во нашата земја, меѓутоа ретко каде некои од нашите партнери се повикани, ретко каде се нивните предлози прифатени“, вели Методија Стојчески, извршен директор на Младинската конференција со седиште во Крушево.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG