Достапни линкови

Путин ја враќа „колективната правда“ во Русија


Владимир Путин.
Владимир Путин.

На неколку месеци пред Зимските олимписки игри во Сочи, рускиот претседател Владимир Путин деновиве, со цел да ја зголеми безбедноста, потпиша нов закон за борбата против тероризмот. Критичарите велат дека законот всушност е враќање на ерата на Сталин.

Критичарите прецизираат дека законот кој е дизајниран за задушување на бунтовниците во немирниот руски регион Северен Кавказ ги обновува сталиновите принципи на „колективна вина“ и на „колективна правда“. Со законот се предвидува блиските роднини и познаници на некој што извршил акт на тероризам да ги плати, како што се наведува, и материјалните и моралните штети кои произлегле од таквиот акт.

Исто така властите можат да им го запленат имотот на пријателите и роднините на милитантите кои подготвувале или тренирале да изведат некаков терористички чин.

„Ова апсолутно не е нормално. Тоа е враќање во триесетите години од минатиот век кога Сталин се залагаше за колективна одговорност за сторени кривични дела. Уште еднаш се покажа дека Путин се смета себе си за поддржувач на Сталин“, вели Маирбек Вачагаев, аналитичар за Северен Кавказ во фондацијата Џејмстаун.
Ова апсолутно не е нормално. Тоа е враќање во триесетите години од минатиот век кога Сталин се залагаше за колективна одговорност за сторени кривични дела. Уште еднаш се покажа дека Путин се смета себе си за поддржувач на Сталин.

Законот стапи во сила само неколку месеци пред почетокот на Зимските Олимписки игри во Сочи кој е неколку стотици километри од Северен Кавказ.

Стравувањата од терористички напади се зголемија минатиот месец кога жена самоубиец активира експлозив во автобус во Волгоград при што 6 луѓе загинаа, а 30 беа ранети.

Сепак, аналитичарите велат дека законот бил во парламентот и пред нападот во Волгоград кој само го забрза неговото донесување.

Законот потпишан од Путин, како што се оценува, всушност е имитација на национално ниво на тактиката за казнување роднини што подолго време се спроведува во Чеченија на прорускиот лидер Рамзан Кадиров.

Оваа тактика, според Вачагаев, придонесе Чеченија да е најмирната република во регионот, во споредба со например Дагестан и Ингушетија.

Тој додава дека законот е двосмислен, бидејќи како роднини и блиски познаници може да се означат цели кланови во доминантно муслиманските републики во Северен Кавказ.
Рамзан Кадиров
Рамзан Кадиров

Андреј Солдатов, основач на истражувачкиот вебсајт „агентура“ изразува сомневање дека новата мерка би била ефикасна низ целиот Северен Кавказ со оглед на различните локални услови.

„Мислам дека тоа зависи од тоа за која република станува збор. Една работа е тоа што во Чеченија секој се плаши од Кадиров и неговите луѓе. Во таков случај, можеби оваа тактика би била ефикасна на краток рок. Но, мислам дека ситуацијата во Дагестан е целосно различна. Таму безбедносните служби ја губат битката за срцата на народот.“

Солдатов потсетува дека во изминатиов период руските служби покрај специјални операции спроведуваа и акции за охрабрување на луѓето да го предадат оружјето и да минат низ процес на рехабилитација.

Ваквата построга мерка, според него, би можело само да ја влоши ситуацијата со тоа што ќе го зголеми чувството на разочараност кај тамошните луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG