Достапни линкови

Мирко Илиќ – Панкер во светот на дизајнот


Мирко Илиќ е култен балкански автор на стрипови, илустратор, графички дизајнер и арт директор кој долго живее и твори во Њујорк. Неговите дела од поодамна ги красат постојаните поставки на прочуените светски музеи, а во Македонија конечно пристигна како претседател на жирито на актуелниот шести по ред „Скопје постер фестивал“. Неговата изложба е поместена во галеријата на Младинскиот културен центар, тој го потпиша и плакатот за „Огнени јазици“, а ќе одржи и предавање за сопственото творештво.

Иако со право го нарекуваат „суперстар“ и „икона“ на дизајнот во глобални рамки, Мирко Илиќ нималку не остава впечаток на некој кој има намера да се улулкува во ѕвездената прашина. Немирен по дух и константно критичен кон светот околу себе, тој и денес им припаѓа на оние кои ги премостуваат границите. Како таков, конечно пристигна и во Македонија.
За младите од помалите средини е особено битно својата работа да ја споредат со она што се случува во светот.
Мирко Илиќ, графички дизајнер.

„Ова ми беше единствената прилика да дојдам во Македонија затоа што во времето на комунизмот кога живеев овде сите сакавме да одиме на Запад, а не на Исток или кон Југ. Мислам дека е многу важно, дури и повеќе отколку што вам сега може да ви изгледа, да имате фестивал за дизајн на кој ќе учествуваат студентите. За младите од помалите средини е особено битно својата работа да ја споредат со она што се случува во светот. Притоа и ним и нам некогаш ни се чинело дека тоа таму некаде е многу подобро, поубаво, а токму ваквите фестивали знаат да покажат дека авторите од овие средини како што е Македонија знаат да сработат еднакво квалитетни, ако не и подобри плакати и дизајни од некои во извиканите центри. Сметам дека размената на идеи е извонредно битна за овие творци, и ако се има на ум дека во конкуренција за награди влегоа над 100-тина идејни решенија на автори од сите страни на светот, тогаш и тоа доволно говори колку „Скопје постер фестивал“ е потребен како манифестација во ова опкружување“, ќе рече Илиќ како претседател на жирито во пресрет на отворањето на изложбата на селектираните и на своите дела во МКЦ.
Јас најчесто не сакам да прикажувам за себе. Моите предавања вообичаено се однесуваат на некакви политички или општествени состојби.
Мирко Илиќ, графички дизајнер.

Тој појаснува дека глобализацијата е особено важна бидејќи ги поврзува уметниците од светот и убеден е дека на секој добар уметник и добар човек вратите кога тогаш ќе му бидат отворени. Вели дека тоа е и она што сака да го запомнат неговите студенти и се надева дека тие ќе бидат подобри уметници и индивидуи од сопствените професори.
Скопје постер фестивал 2013.
Скопје постер фестивал 2013.

Генерално графичкиот дизајн што се случува на Балканот е навистина на светско ниво, но притоа единствено што е проблем е тоа што тој ја нема поддршката на индустријата и на власта.
Мирко Илиќ, графички дизајнер.
Инаку, роден на 1 јануари 1956 година во Бијелина, Босна и Херцеговина, Илиќ кариерата ја започнал како автор на стрипови во загрепската група „Нови квадрат“, а паралелно објавувал и илустрации во „Студентски лист“, „Полет“, „Старт“, „Данас“. Тој е автор на идејните решенија за обвивките на албумите на најпознатите југословенски групи од 1970-те како „Бијело дугме“, „Парни ваљак“,„Прљаво казалиште“, „Азра“, „Филм“, „Леб и сол“, една од значајните фигури на „новиот бран“ во Хрватска, уметник кој потпишал многу плакати за театарски претстави и автор на плакатот за култниот филм „Ко то тамо пева“ на Слободан Шијан.

Сонот за Западот започнува да го живее во 1986, кога само по една недела во Њујорк добива задача да направи насловна страница за Тајм. Веднаш потоа, слободниот уметник станува арт-директор во магазинот, а нешто подоцна истата функција ќе ја има и во Њујорк тајмс.

Денес живее во Големото јаболко каде што е сопственик на студиото за графички дизајн, 3Д и компјутерска графика и анимација „Мирко Илиќ корпорејшн“, меѓу неговите редовни клиенти се и Вашингтон пост, Вол стрит журнал, Сони мјузик, Најк, Варнер брос. Предава дизајн во „Cooper Union“ и „School of Visual Arts“ во Њујорк, коавтор е на книгите „Genius Moves: 100 Icons of Graphic Design“, „Handwritten“ и „Design of Dissent“, стрипови објавувал во најпознатите магазини како „Alter, Alter“, „Metal Hurlant“, „Heavy metal“, марвеловиот „Epic Illustrated“, неговите дела се дел од бројни трајни постановки во светските музеи и за нив се вели дека се општествено одговорни, политички ангажирани и дека говорат со јазикот што го разбира светот.

Илустрации и дел од творештвото на Илиќ ќе биде претставено на изложбата во галеријата на МКЦ, а во рамките на „Скопје постер фестивал“ авторот е предвидено да одржи и предавање за студентите и за сите љубители на уметноста.

„Јас најчесто не сакам да прикажувам за себе. Моите предавања вообичаено се однесуваат на некакви политички или општествени состојби, но овојпат бев замолен да им се обратам на студентите и да им кажам неколку збора за подемот или падот на нечија кариера за да едноставно се видат себе во сето тоа. Затоа, за жал, предавањето ќе биде за мојот развој од стрипот до дизајнот, нешто за што одбегнувам да говорам оти ми е здодевно или, пак, треба нешто да измислувам за да биде ми биде поинтересно додека сум на сцена. А, како дизајнер да проектирам поубаво минато не ми вреди и таа задача вообичаено им ја оставам на политичарите. Тие се вешти лажговци“, вели тој.

Мирко Илиќ е автор и на плакатот за претставата „Огнени јазици“ на Горан Стефановски и Слободан Унковски што деновиве премиерно беше изведена во Драмски театар и говорејќи за соработката тој нагласува дека таа е резултат на средбата со писателот летово на Бриони.

„Со Горан се знаевме, но лично не се познававме. Јас го познавав неговиот брат Влатко Стефановски од времето кога за „Леб и сол“ го работев дизајнот за нивниот албум „Калабалак“ и низ разговорот му спомнав дека есенва веројатно ќе бидам во Скопје, па така тој ме замоли да го сработам плакатот за претставата. Се согласив да го сторам тоа бидејќи ми стана јасно дека станува збор за навистина силна претстава во која се говори за јазикот што нè спојува и за јазикот којшто нè дели. Затоа плакатот е направен само од букви и конечно навистина е убаво да дојдеш во градот и да се прошеташ по улиците од кои те демне твоето дело. Дизајнерите тоа го сакаат многу повеќе отколку огледалото пред себе“, вели Илиќ.

Иако долго живее и работи во Мегалополисот, дизајнерот знае да каже дека често погледот со носталгија го врти кон Балканот и дека овде има мнозина талентирани луѓе кои допрва ќе ги открива светот, а потем и нивната родна грутка.

„Кога постарите мажи се вртат по младите девојки, тоа најчесто се млади дами кои личат на оние кои ги одбиле кога биле млади. Па затоа мислат: Ех, ех бар да имав можност!!! Ете затоа мојот поглед на поранешна Југославија од прилика е на тоа ниво. Како да ја гледате својата прва љубов којашто не ви се случила. Мене навистина ми е многу драго да дојдам и да видам што се случува овде во земјите од поранешната заедничка држава затоа што на подрачјето на дизајнот има многу подобри идеи и решенија отколку во многу други области. Стефановски е одличен писател, но тоа сепак треба убаво да биде преведено. Луѓето што се врзани за јазикот генерално тешко е да се преведат и онака како што треба да им се објаснат на некои таму, а графичкиот дизајн како дисциплина е многу поуниверзален. Генерално графичкиот дизајн што се случува на Балканот е навистина на светско ниво, но притоа единствено што е проблем е тоа што тој ја нема поддршката на индустријата и на власта. Квалитетот на дизајнот не се одразува на изгледот на вашите пасоши, пари, натписите на влезот на границите. Сето тоа изгледа по малку аматерски во однос на професионализмот и квалитетот на дизајнот што го имате во вашата земја. И, така кога тие млади талентирани дизајнери ќе си заминат во странство ќе ви остане само да кажете: Аааа, овој е лист од нашата гора! И, толку“, вели Илиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG