Достапни линкови

logo-print

Социјални или партиски вработувања во Битола?!


Совет на општина Битола.

Совет на општина Битола.

Битолската опозиција обвини дека меѓу 1600 вработени во „Македонски шуми“ од социјално загрозени семејства има блиски роднини на локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу 1600 вработени во „Македонски шуми“ од социјално загрозени семејства е и сопругата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и член на општинскиот Совет. Социјално вработување доби и сестрата на уште еден актуелен советник на владејачката партија во Битола, обвинија од СДСМ.
Една од избраните, која случајно ја извлече компјутерот е извесна В.Ш, која „случајно“ е сопруга на актуелниот советник и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, во Битола, Благој Шаклевски.

„Една од избраните, која случајно ја извлече компјутерот е извесна В.Ш, која „случајно“ е сопруга на актуелниот советник и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, во Битола, Благој Шаклевски. Уште една што ја извлече компјутерот е извесната Б.М.К, која исто така „случајно“ е родена сестра на бизнисменот, вечниот советник, екс-градоначалник и поранешен координатор на ВМРО–ДПМНЕ во Битола, Златко Милошевски. Многу случајности на едно место“, рече Васко Ковачевски, претседател на СДСМ од Битола.

Социјалдемократите обвинија дека ова, како што го нарекоа, „лото шоу“, е продолжение на непотизмот кој ВМРО-ДПМНЕ го практикува подолго време во Битола.

И тие подеднакво, како и другите, чекале и барале шанса за вработување на чесен начин.
„Каква мака имаше Јовко Крстевски, поранешен директор на јавното претпријатие „Комуналец“? И тој по завршувањето на партискиот мандат остана социјален случај, па го вработивме во РЕК „Битола“? Ги вработивте и неговиот син и девојката. Зарем социјалната мака на актуелниот, во трет мандат градоначалник на Битола, Владимир Талески беше пресудниот момент неговата ќерка да се вработи на работното место технички секретар на Ветеринарскиот факултет во Битола. Или Илија Белџигеровски, доскорашен директор на училиштето „Елпида Караманди“ е социјален случај, па му овозможивте да си ги вработи сопругата и синот“, праша Катерина Димовска од СДСМ.

Зоран Илиоски, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, изјави дека кампањата за социјални вработувања се извела транспарентно, а во тек е жалбена постапка.

„Тоа што имиња блиски до наши членови и функционери се споменуваат меѓу вработените во „Македонски шуми“ зборува токму за принципиелноста дека и тие подеднакво, како и другите, чекале и барале шанса за вработување на чесен начин“, изјави Илиовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за разлика од СДСМ кој отпуштил 23.000 вработени лица во Битола, тие денес вработуваат.

„Бескурпулозноста и понатаму да си играат со приватноста, со туѓата мака и човечки судбини ќе им ја препуштиме на СДСМ. Тие и нивните семејства се и онака одамна обезбедени, згрижени во државни фирми со високи плати и се дел до високата средна класа“, додаде Илиовски.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG