Достапни линкови

Локалните избори на Косово со инциденти на северот


Вчерашните локални избори на Косово беа проследени со напад и со уништување на гласачките кутии во северниот дел на Митровица. Одѕивот на гласањето е многу мал, на северот на Косово околу 13, а во другиот дел скоро 46 насто. Демократскиот сојуз на премиерот Хашим Тачи прогласи победа на ниво на Косово, а во сите шест општини јужно од Ибар победи листата „Српска“.

Маскирани мажи околу 17 часот упаднале во главното избирачко место во северниот дел на Митровица каде што живеаат Срби. Тие претходно фрлиле солзавец по што почнале да ги кршат и крадат гласачките кутии.
Почнаа да кршат кутии, да го фрлаат гласачкиот материјал, да ги навредуваат членовите на избирачките одбори. Притоа една госпоѓа е тешко повредена бидејќи била нападната со столче, а друга се здобила со скршеница под коленото.

„Почнаа да кршат кутии, да го фрлаат гласачкиот материјал, да ги навредуваат членовите на избирачките одбори. Притоа една госпоѓа е тешко повредена бидејќи била нападната со столче, а друга се здобила со скршеница под коленото“, изјави кандидатот за градоначалник на Митровица, Крстимир Пантиќ, од „Српска“, листата која е поддржана од Белград.

Прекини на гласањето имаше и на други места во Митровица при што од три мораа да бидат евакуирани членовите на избирачките одбори и набљудувачите на ОБСЕ.
На тој начин тие ја ризикуваа безбедноста на домашниот и на меѓународниот персонал во неколку гласачки места во северна Митровица.

„На тој начин тие ја ризикуваа безбедноста на домашниот и на меѓународниот персонал во неколку гласачки места во северна Митровица“, изјави претседателката на Централната изборна Комисија, Валдете Дака, која синоќа побара од ОБСЕ да помогне во транспортот на гласачите кутии во Приштина.

Косовската претседателка Атифете Јахјага ги предупреди српските тврдокорни сили да не ги поткопуваат напорите на централната влада во Приштина.

„На ваквите акти ќе се одговори со сите механизми за безбедност со цел да се воспостави неопходното владеење на правото“, изјави таа.

Вчерашниот напад се случи и покрај апелите од Белград Србите да излезат на изборите, за прв пат по едностраното прогласување на косовската независност во 2008 година.

Изборите беа особено набљудувани во северниот дел на Косово каде што дел од тамошните Срби изјавија дека ќе ги бојкотираат.

Имаше и извештаи дека извесни групи не им дозволувале на граѓаните да одат на гласање.

„Гласавме денеска за да ни биде подобро утре. Барем се надеваме. Гласав бидејќи немам ништо. Добив заканувачки пораки на телефон и тоа ме натера да гласам. Тоа е срамно“, изјави Драгица Цериќ од Митровица.

На Косово има околу 120 илјади Срби, а Белград официјално не ја признава независноста на Косово, но ги охрабри да излезат на локалните избори како дел од договорот за нормализација на односите со Приштина што во април беше постигнат со посредство на Европската унија.

Белград се надева дека тоа во декември ќе значи и почеток на преговорите за влез во Унијата.

„Луѓето во Брисел очекуваа Белград да направи нешто во врска со тоа. Дали се обидоа и не успеаа или воопшто не се обидоа? Не го знам одговорот. Но можам да ви кажам дека тоа лошо се одразува врз Белград и се додека не го расчистат нередот не можат да очекуваат почеток на преговорите“, вели Даниел Сервер, аналитичар од Вашингтон. Вториот круг од локалните избори на Косово ќе се одржи на 1 декември.
XS
SM
MD
LG