Достапни линкови

Изборите во Косово тест за политичката зрелост


Локални избори во Косово

Локални избори во Косово

Во Косово денеска се одржуваат локални избори. Косовската претседателка Атифете Јахјага изјави дека локални избори ќе бидат тест за политичката зрелост на земјата, која се обидува да воспостави поблиски односи со ЕУ. ОН повикаа на максимално учество на изборите.

Во Косово денеска се одржуваат локални избори, на кои учествуваат 103 изборни листи, утврдени од Централната изборна комисија, со вкупно 7.932 кандидати за советници. Право на глас имаат 1.779.357 граѓани кои ќе избирааат советници и градоначалници во 39 општини. Во споредба со претходните локални избори, бројот на лица со право на глас е зголемен за 11,72 проценти. Од вкупно потврдените 103 изборни листи, 38 се албански, 33 српски, а останатите се листи на независни кандидати, како и на Бошњаци, Турци, Роми, Црногорци, Хрвати, Горанци и Ашкалии.

Централната изборна комисија во Косово соопшти дека излезноста до 15 часот била над 33 проценти. Најслаба излезност имало во северниот дел на Митровица, каде жителите се жалеле на закани за да не гласаат.
Локалните избори ќе бидат тест за политичката зрелост на земјата, која се обидува да воспостави поблиски односи со ЕУ.

Шефицата на изборната комисија Валдете Дака изјави дека одредени групи во сверениот дел на земјата не им дозволуваат на граѓаните да гласаат. Србите од северниот дел исто така спроведувале и кампања за бојкот на изборите. Според неа, пред и при отворањето на гласачките места членовите на избирачките одмори биле попречувани во нивната работа. Но и покрај тоа членовите на избрачките одбори останале на избирачките места.

„За оваа состојба информирана е и полицијата на Косово и другите релевантни инситуции, како ОБСЕ, но ќе ја информираме и ЕУ“, изјави Дака.

Кандидатот за советник на Алијансата за иднина на Косово, Беким Биринѓику е убиен вчера во Србица, јави приштинскиот портал „Зери“. Според порталот, повикувајќи се на сведоци, непознати напаѓачи отвориле оган врз кандидатот за советник на утрешните локални избори од партијата на Рамуш Харадинај во момент кога тој разговарал на телефон на паркинг пред еден ресторан. Од полициската станица во Србица не соопштија повеќе детали за инцидентот, но потврдиле дека убиството е извршено.



Вчера беше нападнат и кандидатот за градоначалник на Косовска Митровица од Граѓанската иницијатива „Српска“, Крстимир Пантиќ од страна на двајца маскирани мажи. Тој изјави дека целта на нападот била негова ликвидација и изрази надеж дека тоа ќе биде последен политички мотивиран напад врз Срби во Митровица. Според него, организаторите на нападот се партиите кои два месеца заговараат бојкот на локалните избори на Косово, кои ќе се одржат утре. Српскиот министер без ресор задолжен за Косово и Метохија, Александар Вулин го осуди нападот врз Пантиќ и нагласи дека тоа е кукавички чин.

Локлани избори во Косово

Локлани избори во Косово

Косовската претседателка Атифете Јахјага изјави дека локални избори ќе бидат тест за политичката зрелост на земјата, која се обидува да воспостави поблиски односи со ЕУ. Според неа, учеството на Србите на изборите за прв пат од независноста на Косово во 2008 година ќе помогне за нивна интеграција во општеството. На одѕивот на Србите на изборите во Косово се гледа како на важен чекор на патот на Србија кон членство во ЕУ.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун повика на максимално учество на локалните избори во Косово. Тој порача и дека слободните и фер локални избори ќе претставуваат пресвртница во јакнењето на мирот и стабилноста во земјата. Според соопштението, Ки Мун го поздравува напредокот постигнат пред одржувањето на изборите и одлучноста на сите страни да „обезбедат инклузивни избори, без застрашувања и насилства“.

Изборите ќе ги следат локални и меѓународни набљудувачи. За безбедоста на изборите се задолжени 5.500 косовски полицајци, а ќе бидат ангажирани и меѓународните мисии ЕУЛЕКС и КФОР.

Првите прелиминарни резултати од денешното гласање се очекуваат утре, а официјални најдоцна до 6 ноември. Во вториот изборен круг, кој ќе се одржи на 1 декември, во општините каде ниту еден кандидат не ја освоил довербата на повеќе од 50 проценти на гласачите, ќе се гласа само за двајцата првопласирани, кои во првиот круг добиле најмногу гласови и со тоа добиле право да ја продолжат трката за градоначалник.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG