Достапни линкови

Археолошкиот локалитет Визианус - уште една туристичка атракција


Археолошкиот локалитет Визианус во близина на Куманово.

Археолошкиот локалитет Визианус во близина на Куманово.

Археолошкиот локалитет Визианус, освен што има научна подлога, претендира да стане 14-та туристичка атракција во козјачко-пчињскиот регион.

По последните археолошки активности, локалитетот Визианус, освен што има научна подлога, претендира да стане 14-та туристичка атракција во козјачко-пчињскиот регион. Меѓутоа, археологот и раководител на овој проект, Дејан Ѓорѓиевски, од кумановскиот Музеј, вели дека со оглед на неговата географска одредница, двете општини, Куманово и Старо Нагоричане, можат да имаат бенефит. Што е тоа што се наоѓа на овој локалитет, инаку многу достапен за љубопитните, научниците и случајните минувачи, Ѓорѓиевски раскажува:
Самиот интерес за истражување на Визианус беше поттикнат од две причини. Прво, научниот интерес и второ како туристичка презентација.

„Самиот интерес за истражување на Визианус беше поттикнат од две причини. Прво, научниот интерес и второ како туристичка презентација. Научниот интерес е кога како студент работев со тогашниот истражувач Звонимир Николовски, а инаку самиот локалитет е документиран и се претпостави дека се работи за една римска станица Визианус, од сега покојниот археолог Блажо Ѓорѓиевски.“

Претпоставуваме дека се работи за прилично голем град кој што чека наредните години да биде целосно откриен и истражен.
Иако е интересно што локалитетот се наоѓа на многу поволна позиција, на магистралниот пат од Скопје кон Ќустендил, потоа кон Софија, Бугарија, жално е што Визианус долги години бил запоставен. Според Ѓорѓиевски, тој е на прометно место и помеѓу два многу посетувани ресторана, а постоело сознанието за базилика за која се претпоставува дека е од ранохристијанскиот период.

„За оваа година ние ја откривме таа базилика, за која сè уште не знаеме дали е ранохристијанска. Имено, има наоди од 11-от век, значи не знаеме кога е изградена. Меѓутоа знаеме дека таму престанало со живот некаде во 11-от век, со тоа што таму има една огромна црква. Претпоставуваме дека се работи за прилично голем град кој што чека наредните години да биде целосно откриен и истражен.“

За сега, вели Ѓорѓиевски, базиликата можат да ја препознаат само стручни лица, иако според големината можеби е една од најголемите од таков вид во државава, бидејќи за истражувањето од Министерството за култура биле добиени околу 150 илјади денари.

„Ние го отворивме целиот габарит на црквата, ги отворивме ѕидовите и точно знаеме како изгледа конструкцијата на црквата и до кои граници се движи. Утврдивме дека се движи до 35 метри.“

Сепак, според Ѓорѓиевски, засега локалитетот не е обезбеден за посети, следат уште истражувања, целосно отворање и документирање на црквата, конзервација на објектот што ќе се пронајде и на крајот е туристичката презентација.

Многу интересно е тоа што локалитетот се наоѓа на самата меѓа помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане, која, пак, е богата не само со природни раритети, туку и со археолошки локалитети и други културно-историски споменици. Доколку двете општини помогнат во што поскоро оспособување на овој локалитет, Ѓорѓиевски додава:

„Ако имаме отворено два-три објекти, а тоа е три-четири години истражување, тоа е веќе доволна основа за отпочнување некаква туристичка презентација.“

Локалитетот Визианус ќе се најде на туристичката мапа заедно со мегалитската опсерваторија Кокино(Татиќев камен), црквите Свети Ѓорѓи и Свети Ѓорѓи Победоносец, испосницата на Прохор Пчињски, Костоперската карпа, манастирите Забел и Карпино, Меморијалниот музеј АСНОМ и други, кои што се интересни за туристичките групи од земјава и од странство.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG