Достапни линкови

Скупи фестивал 2013 – Огледало на реалноста


Осум современи драми од Косово, Италија, Албанија, Словенија, Унгарија, Германија, Франција и од САД, ќе бидат изведени на седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“, што од 4 до 10 ноември ќе се одржи во Скопје. Мотото на годинашното издание на манифестацијата е „Зграпчи го моментот!“.

По неколкугодишна пауза, Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“ се враќа во институцијата во која во 2007 година започна – во Албанскиот театар во Скопје. Овојпат, во периодот од 4 до 10 ноември, публиката ќе има можност да проследи осум современи проекти на трупи од Косово, Италија, Албанија, Словенија, Унгарија, Германија, Франција и од САД.
Навистина се чудам кога некој наши колеги прават претстави како да се од којзнае кое време и како да живеат којзнае каде.

Луциа Сипосова, актерка.

Луциа Сипосова, актерка.

Ова поднебје е познато како гостопримливо и сите ние од оваа наша театарска куќа ќе бидеме во функција на тоа фестивалот да ги има сите услови за нормално одвивање и на публиката да и дари еден убав сет на претстави.
Отворањето ќе биде со „Револвер“, сторија на унгарскиот автор Горди Габор, што во Театар Ѓаковица ја режираше Бурбуки Бериша и која на виделина ја изнесува приказната за тоа што сè прават луѓето за да добијат моќ и колку потем вложуваат да ја задржат. Следуваат театарскиот перформанс „Фијаско“ на Томазо Санти во режија и изведба на Валентина Банки и Франческо Борчи од трупата „Културфицио бр.7“ и потоа траги-комедијата „Конкурс“ на Александер Галин и Куштрим Бектеши и тиранскиот Метропол театар, во која се прикажани оние кои во период на транзиција го губат натпреварот со животот. В среда, на 6 ноември, љубљанскиот театар ШКУЦ ќе го одигра кабарето базирано на вистинската сторија за поетесата, есеистка, литературна критичарка, уредничка и издавач со Словенско и Словачко државјанство - Станислава Репар, претстава насловена како „Таа – два пати“ и во која игра Луциа Сипосова, режисер е Ник Апер, а драматург Нико Горшич. Следната вечер на програмата е „Хазард Геринго“, драма за едно чудно рандеву помеѓу животот и смрта на Виктор Хаим и Виктор Варга од унгарскиот Театар Цервинус, а в петок „Празен град“ на нашиот Дејан Дуковски во изведба на Ландес театар од Германија. Следува „А плус...“ - проект што е резултат на Европската работилница за автори и актери, всушност нова артистичка средба која има за цел да создаде современи театарски дела организирано од МТФ „Скупи“ и Лескалиер 4 продукција, а за спуштање на завесата на седмото издание на оваа манифестација е оставена „Мојот Бронкс“ - интердисциплинарно театарско остварување со оригинална музика и поезија на авторката Тери Џенор и американската Олд Дирфилд продукција.

Сите овие претстави ќе се одвиваат под мотото „Зграпчи го моментот!“, а Сенко Велинов, уметничкиот директор на „Скупи фестивал“, вели дека идеја е да се прикаже актуелниот момент од нашето живеење.

„Најдобриот театар е оној театар којшто говори токму за моментот што живееме. Најдобриот театар е токму оној театар со којшто се поистоветуваме, којшто ни ги отвора очите за нашите животи, сега и овде. И затоа е тој момент толку важен и не ретко, во нашите кругови, со колегите разговараме за тоа како треба да се враќаме повторно на нашата живеачка и да говориме за она што сме ние, затоа што театарот е огледало на реалноста. А ако е така, тогаш навистина се чудам кога некој наши колеги прават претстави како да се од којзнае кое време и како да живеат којзнае каде“, вели Велинов.

Тој дополнува дека одлика на годинашниот одбир е тоа што авторите имаат што да кажат, што е многу важно и што потем се одразува во самата претстава и дека тие така го одразуваат токму моментот во кој што самите битисуваат.

Веселинов, згора на ова, потенцира дека тие како организатори водат особено сметка да ги претстават домашните творци кои имаат успеси надвор од Македонија како во случаите со Дуковски и Бектеши и дека притоа се трудат програмски да не се поклопуваат со останатите фестивали и да ја задржат физиономијата на малку „поалтернативен театар“.

Од друга страна, Адем Карабег, актер и директор на Албанскиот театар во Скопје, истакнува дека е радосен што манифестацијата е повторно под стреите на оваа институција и дека тие ќе бидат и во овој случај гостпримиви домаќини.

„Ова поднебје е познато како гостопримливо и сите ние од оваа наша театарска куќа ќе бидеме во функција на тоа фестивалот да ги има сите услови за нормално одвивање и на публиката да и дари еден убав сет на претстави кои што ќе проговорат на сегашниот моментум, она што е наша реалност“, вели Карабег.

Кон ова само уште информацијата дека за единствената награда на „Скупи фестивал“ - најдобра претстава во целина, годинава ќе одлучува жирито во кое ќе бидат Ѓорѓи Јолевски, Теодора Абрашева и Музафер Етеми.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG