Достапни линкови

logo-print

Обвинителите ќе станат и истражни судии


Архивска фотографија: Прес-конференција во врска со резултатите од преземените дејствија за сообраќајната незгода во која загина сопственикот на Фокус Никола Младенов. Претседателката на скопското обвинителство Гордана Гешковска, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Архивска фотографија: Прес-конференција во врска со резултатите од преземените дејствија за сообраќајната незгода во која загина сопственикот на Фокус Никола Младенов. Претседателката на скопското обвинителство Гордана Гешковска, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Со новиот закон за кривична постапка што од 1 декември треба да стапи во сила, обвинителството добива зголемени надлежности и обврски, односно ја презема и истрагата.

Со половина милион евра повеќе од лани, Јавното обвинителство ќе треба да ја спроведе една од најголемите реформи во судството, да ја преземе истражната постапка на свој грб. Со новиот закон за кривична постапка што од 1 декември треба да стапи во сила, обвинителството добива зголемени надлежности и обврски.
Обвинителството ќе има проблем, затоа што ваквиот закон бара голема екипираност и големо познавање на материјата, особено што и истрагата сега ќе ја води обвинителот. Недостига кадар и недостигаат многу средства.

Според последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, обвинителството во изминатава година со буџет од 6,6 милиони евра немало доволно пари за надградување на информатичката структура. Во извештајот се наведува дека 75 проценти од парите одат на плати за вработените. Во предлог буџетот за 2014 година, за обвинителството се предвидува сметка од 7,1 милиони евра, од која ќе треба да се одвојат пари и за новите трошоци за истражната постапка.
Како што ЕК има забележано во извештајот за напредокот, Македонија сè уште треба да работи на јакнење на виталните аспекти на са својот правен систем, како што се независноста на судството, неселективна правда и квалитетни судски одлуки.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека со примената на овој закон, судството го очекуваат доста предизвици. Најтешкиот дел ќе го поднесат судиите, односно ќе треба да го сменат концептот на работа, наместо да бидат активни учесници во докажувањето на обвинението, ќе треба да бидат набљудувачи на презентирањето на доказите од двете страни.

„Од друга страна, обвинителството ќе има проблем, затоа што ваквиот закон бара голема екипираност и големо познавање на материјата, особено што и истрагата сега ќе ја води обвинителот. Недостига кадар и недостигаат многу средства, затоа што ќе мора да се формира истражен центар, каде што од многу области ќе мора да имаат луѓе, познавачи на многу работи“, вели Давидовиќ.

Спроведувањето на оваа реформа во судството е одложувана во изминативе две години. Министерот за правда Блерим Беџети неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека причините за тоа не биле само парите.

„Ние како држава сме презеле низа активности, како во обезбедување на новата зграда на Јавното обвинителство, во Министерството за правда и во другите ресори е работено интензивно, бидејќи требаше да се усогласат повеќе закони со Законот за кривична постапка затоа што го менува концептот, фактички целата надлежност на истражниот судија преминува во надлежност на обвинителството и се даваат нови можности за спогодување“, вели Беџети.

РСЕ: Ако добро ве разбрав, проблемот не е во парите?

„Не е само во парите реков. Факт е дека многу средства беа потребни додека да се стигне до примената на Законот за кривична постапка, но конечно ние работевме интензивно и убеден сум дека примената ќе биде соодветна“, рече Беџети.

За одбраната со новиот закон, предизвик ќе биде финансиската состојба на нивните клиенти, затоа што ова ќе биде скапа постапка, вели Давидовиќ.

„Затоа што и ние имаме право да назначиме свои истражители и да побараме и свои вештаци кои ќе се спротивстават на вештачењата и на вештаците и на истражителите на обвинителството, но сето тоа чини многу пари“, вели Давидовиќ.

Со новиот Закон за кривична постапка, одбраната ќе има пристап до доказите во моментот кога ќе стартува постапката, односно обвинителството е должно да и ги презентира доказите на одбраната, самата постапка ќе се води меѓу одбраната и обвинителството, а судијата нема да го има во раце како досега предметот и доказите. Кога ќе почне судењето, и двете страни ќе ги презентираат фактите и доказите пред судијата, а со тоа двете страни ќе имаат еднаква можност за докажување, вели Давидовиќ.

Заменик шефот на Мисијата на САД во Македонија Бартон Патни на симулацијата на судски процес неодамна изјави дека владеењето на правото е клучна основа за силно демократско општество и дека САД инвестирале 1 милион долари во поддршка на развојот на македонскиот правен систем.

„Како што ЕК има забележано во извештајот за напредокот, Македонија сè уште треба да работи на јакнење на виталните аспекти на са својот правен систем, како што се независноста на судството, неселективна правда и квалитетни судски одлуки“, рече Патни.

Давидовиќ вели дека и одбраната, и судиите и обвинителите ќе мора да ги решаваат во од проблемите и предизвиците кои ќе се појават по први декември. Но, додава дека со оваа реформа се очекува судството да излезе од таа летаргија во која се наоѓа.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG