Достапни линкови

logo-print

Напорите на Европската унија за интегрирање на политичкиот систем на Косово в недела се соочува со голем тест кога етничките Aлбанци и Срби ќе излезат на локални избори. Тоа е прво гласање на целата територија на Косово откако прогласи независност во 2008 година. Меѓународниот фактор побара од двете страни да дадат се од себе изборите да бидат мирни и успешни.

Изборите се најважната пресвртница досега во спроведувањето на спогодбата постигната во април годинава што престставуваше најголем напредок во 14 годишните релации меѓу косовските Срби и Албанците. Таа му овозможи на Косово деновиве да ги почне преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, прв чекор на патот до Европската унија.

Од друга страна во декември се очекува и почеток на преговорите и со Србија. Тоа, според посматрачите, е своевидно охрабрување на Белград да помогне во успешноста на косовските избори.

„Високиот претставник и потпретседател на Европската комисија Кетрин Ештон ги повикува луѓето на Косово да учествуваат на изборите в недела, бидејќи учеството е најдобар начин да се слушне нивниот глас“, изјави Маја Коцијанчиќ, портпарол на Кетрин Ештон со чие посредство беше постигната априлската апогодба меѓу Белград и Приштина. Косовскиот премиер Хашим Тачи изразува уверување во успешноста на гласањето.

„Целосно сме уверени дека целиот процес ќе заврши многу добро, дека Косово ќе го положи европскиот тест и дека Србите на северот ќе учествуваат на изборите и ќе изберат легитимни лидери.“
Целосно сме уверени дека целиот процес ќе заврши многу добро, дека Косово ќе го положи европскиот тест и дека србите на северот ќе учествуваат на изборите и ќе изберат легитимни лидери.

Учеството на Србите ќе биде последен знак дека Косово има политичка надлежност врз целата територија.

Локалните избори всушност се влез на измените во јавната администрација на северот на Косово кој е контролиран од србите и каде што повеќето институции, вклучувајќи ги судството и полицијата се финансирани од Србија.

По изборите, финансирањето и целосната управа ќе минат во рацете на косовската централна влада. Сепак специјални гранки на судството и на полицијата ќе бидат креирани за да им служат на Србите на северот на Косово.

Премиерот Ивица Дачиќ ги охрабри Србите да учествуваат на изборите, но не се очекува нивниот одѕив да биде голем. Последните анкети кажуваат дека само 16 насто од Србите планираат да гласаат, додека 44 проценти дека ќе ги бојкотираат.

Има и извештаи дека постојат обиди за нарушување на гласањето. Загриженоста за влијанието на измените е интензивирана и од фактот што јавниот сектор е најголем вработувач на северот на Косово. Измените би довеле до намалување на платите, но и до кратење работни места.

Со априлската спогодба се предвидува дека изборите ќе водат до формирање Здружение на српски општини, што пак предизвика стравување кај косовските Албанци дека со тоа ќе порасне српското влијание.

Од друга страна има негодувања и поради тоа што со априлската спогодба е можно на северот на Косово да се формираат судови и на општинско ниво. Според косовскиот Устав, судови можат да се основаат само на регионално ниво.

Во меѓувреме, Европската комисија соопшти дека донесе одлука за издвојување дополнителни фондови за општините со српско мнозинство на Косово. За почеток станува збор за сума од 15 милиони евра.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG