Достапни линкови

Трајните вредности – синоним за „Есенски музички свечености“


Дванаесет перформанси на неколку сцени во градов, од 4 до 30 ноември, ќе се случат во рамките на 14-то издание на „Есенски музички свечености“, манифестацијата што како организатор ја потпишува Комисијата за култура и уметност – Скопје и чија основна заложба е преку разни форми на изразување да се поттикне, унапреди и развива културата. Публиката ќе има можност да проследи изведби на реномирани уметници од земјава и од странство кои едноставно ја живеат музиката и ги слават вистинските вредности.

Претстојниот месец наново звучно ќе биде обоен од „Есенски музички свечености“, манифестацијата која е планирано на скопјани да им донесе богат и интензивен културен живот. Случувањата ќе започнат в понеделник, на 4 ноември, во Музеј на град Скопје, со пијано вечерта посветена на педагогот Снежана Анастасова Чадиковска и насловена како „Музиката продолжува“.

Ова е навистина посебна можност да видиме и чуеме едно светски познато трио чија програма, или ако сакате чиј носач на звук – албумот „Affetuosso“ снимен за дискографската куќа „Оникс класикс“, во септември минатата година беше прогласен за најдобро издание во Европа.
На неа со дела на големите Шопен, Бах, Дебиси, Равел ќе се претстават постдипломци, професори и уметници како Симона Ѓорчева, Марија Ѓошевска, Нита Груби, Јасна Аврамовска – Костенарова, Никола Коџабашија и други. Публиката со видео-разгледници од Америка ќе ја поздрават и Тони Аџиниколов, пијанист, музички продуцент и композитор кој живее во Њујорк и музикологот д-р Сања Шојлевска – Хендерсон, која живее и твори на Западниот брег – во Лос Анџелес.

Веќе наредниот ден, на истата сцена, ќе биде претставен проектот „Песни“ што заеднички го потпишуваат тенорот Михајло Арсенски и пијанистката Милица Шкариќ.

Оперскиот пејач истакнува дека концертот е посветен на творештвото на соло песни за глас и клавир и дополнува дека ќе го изведат целиот циклус „Љубовта на поетот“ од Роберт Шуман работен според стиховите на Хајнрих Хајне, потем следува делот со песни од француските композитори Дебиси и Форе, за да завршат со дела од нашите Скаловски, Зографски и Прокопиев.

„Идејата беше да се спојат тие три култури поради тоа што јас потекнувам од Македонија, долго престојував и работев во Франција и од пред две години живеам и творам во Германија.“

Во рамките на „Есенските музички свечености 2013“, на 8 и 9 ноември, во Културно-информативниот центар во Скопје, ќе се одржи „П.С. Гитар фест“ на кој овојпат ќе музицираат Дарко Никчевиќ и Срѓан Булатовиќ од Црна Гора и Стела Митева – Динкова и Борислав Јасенов од Бугарија, за да во идниот петок, на 15 ноември, ДУО СКУПИ, во рамките на својот перформанс „Македонски звуци“ посегне по темите забележани на двете свои одлични албумски изданија.

Особено внимание заслужува и Концертот на студентите на Факултетот за музичка уметност посветен на јубилеите на Драгослав Ортаков, Александар Лековски, Драган Шуплевски и Ристо Аврамовски, за да потоа, на 22 ноември, во Салон 19.19, со камерна музика ни се претстави „ПРЕ-АРТ“, ансамблот кој доаѓа од Швајцарија и кој деценија и половина е активен во повеќе балкански држави.

Слегувањето до македонската фолклорна традиција ќе биде сторено со вечерта насловена како „Земи здив, заиграј!“ при што во Универзална сала ќе ни се претстави КУД „Илинден“ од Битола со своите гости Виолета Томовска, Вера Милошевска и ансамблот „Фонтана“, а во недела, на 24 ноември, во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, ќе настапи интернационалното трио „Г.А.П“. Во него се хрватско-македонскиот виолинист Емилио Перцан, шпанскиот виолончелист Ориол Ајмат Фусте и чембалистот Лука Квинтавале од Италија. Ним, во оваа пригода ќе им се придружи и сопранистката Рафаела Миланези, а коорганизатор на случувањето е Музичката младина на Македонија.

„Ова е навистина посебна можност да видиме и чуеме едно светски познато трио чија програма, или ако сакате чиј носач на звук – албумот „Affetuosso“ снимен за дискографската куќа „Оникс класикс“, во септември минатата година беше прогласен за најдобро издание во Европа“, вели Александар Герасимовски од Музичка младина на Македонија.

До крајот на манифестацијата ќе ги чуеме загребскиот ансамбл на флејти „ЗАФ КОЛАЖИ“, во Салонот на МОБ ќе биде претставено Танцовото патување по постјугословенскиот културен простор „Хе, Хе, Хелиум“, за кое патем кореографијата ја направи нашиот Игор Киров, а музиката е на Горан Бојчевски, и конечно завесата ќе биде спуштена со „Мечтаеме со звукот на флејтата“ на Страшо Темков кој овојпат ќе музицира придружуван од „Скопје лејдис оркестра“ под диригентство на маестро Саша Николовски Ѓумар.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG