Достапни линкови

Тешко со кредит, уште потешко без него


Според последните податоци на Народната банка, до септември годинава граѓаните им должат на банките 1,47 милијарди евра. Граѓаните најмногу се задолжуваат за потрошувачки кредити.

На пазарот се нуди нов потрошувачки кредит, станува збор за кредит со кој граѓаните ќе ги покријат долговите во другите банки, односно наместо на повеќе места, тие ќе и должат пари само на една банка. Оваа последна понуда укажува на презадолженоста на граѓаните. Банките сè почесто нудат кредити со кои граѓаните привремено ќе можат да излезат од негативните салда на нивните тековни сметки.

Не може да опстојат, ќе заглават, па земаат друга картичка за да може да вратат на првата картичка и кога ќе заглавиш уште повеќе, после тоа оди до бескрај.
Анкетирана граѓанка.
Според последните податоци на Народната банка, до септември годинава граѓаните се задолжиле кај банките 1,47 милијарди евра. Од тие пари најголем дел отпаѓаат на денарски кредити.

Според податоците на Народната банка, граѓаните најмногу се задолжуваат за потрошувачки кредити, односно за нив им должат на банките 604 милиони евра, потоа следуваат кредитните картички со вкупен долг до септември во вредност од 200 милиони евра. Негативните салда на банкарските сметки на физичките лица со септември изнесуваат 87 милиони евра.
Банките почнаа да се соочуваат со нефункционалните кредити и затоа се повнимателни во давањето кредити. Заживувањето на економијата сигурно дека ќе го засили и кредитирањето на банките.
Ѓорѓи Јанчевски, претседател на здружението банкарство во Стопанската комора на Македонија.

Граѓаните се жалат дека во последниве неколку години трчаат од еден банкарски шалтер на друг за да вратат пари.

„Скрати на едно, скрати на друго, ама во секој случај мислам дека каматите се високи.“

„Не може да опстојат, ќе заглават, па земаат друга картичка за да може да вратат на првата картичка и кога ќе заглавиш уште повеќе, после тоа оди до бескрај.“

„Јас не би земал кредит право да ви кажам. Страшно е да земеш кредит, нема да ти тргне и после како ќе го враќаш“, велат анкетираните граѓани.
Лошите кредити кај претпријатијата растат во последните две години, додека кај населението тие стагнираат или дури се намалуваат. Тоа секако има одраз врз перцепцијата на банките и врз нивното однесување.
Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Македонија.

Граѓаните во Македонија најмалку помош бараат од банките за купување на нови автомобили, односно за автомобилски кредити се задолжиле со 19 милиони евра. Станбеното прашање кои граѓаните одлучиле да го решат со помош на кредити од банките чини 297 милиони евра.

Банките се жалат дека продолжува трендот на нефункционални кредити, односно дека дека секој деветти кредит во Македонија е проблематичен. Претседателот на здружението банкарство во Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчевски, вели дека овој тренд само покажува дека кризата трае подолго од очекуваното.

„Работењето на банките некогаш зависи и од движењата во економијата. Ако економијата паѓа, не може банките да имаат пораст на кредитирањето од 10 отсто. Банките почнаа да се соочуваат со нефункционалните кредити и затоа се повнимателни во давањето кредити. Заживувањето на економијата сигурно дека ќе го засили и кредитирањето на банките“, рече Јанчевски.

Гувернерот на Народната банка Димитар Богов неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека во последнава година банките повеќе се насочени кон кредитирање на населението, отколку кон стопанството.

„Факт е дека последните година, година и половина, банките повеќе се насочени кон населението, а помалку кај фирмите. Основната причина за тоа ја гледаме во поголемиот ризик кај фирмите, бидејќи лошите кредити кај претпријатијата растат во последните две години, додека кај населението тие стагнираат или дури се намалуваат. Тоа секако има одраз врз перцепцијата на банките и врз нивното однесување“, рече Богов.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија е наведено дека во однос на домашниот банкарски сектор кредитниот раст и понатаму забавува. Годишниот кредитен раст кон приватниот сектор е во опаѓање од мај 2012 година, достигнувајќи до 3,5 отсто на крајот на јули 2013 година. Растот, речиси целосно, беше поттикнат од кредитите за населението, кои се зголемија за 7,8 отсто.

Уделот на нефункционалните кредити (за населението и компаниите) во вкупните кредити изнесуваше 12,3 отсто на крајот на јуни 2013 година, споредено со 10 отсто претходната година, со најголем износ на удел за корпоративните кредити. Кредитирањето со странска валута се намали, но сепак изнесува скоро 40 отсто од вкупните неисплатени кредити, што претставува потенцијален ризик за стабилноста, со оглед на де факто фиксниот валутен курс.

Во извештајот се заклучува дека и покрај влошениот квалитет на кредитното портфолио, банките успеваат да ги избегнат значителните загуби во профитабилноста, но нефункционалните кредити претставуваат сè повеќе и повеќе предизвик.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG