Достапни линкови

Мала корекција на буџетот или „финансиска пијанка“ на владата


Архивска фотографија: Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и тогашниот гувернер на Народна банка Петар Гошев.

Архивска фотографија: Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и тогашниот гувернер на Народна банка Петар Гошев.

Динамиката на растот на јавниот долг е дефинитивно неодржлива и ако продолжи оваа финансиска пијанка на владата на овој начин, сигурно дека ќе бидеме доведени во многу тешка ситуација, предупредува поранешниот министер за финансии и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев.

Ребалансот на буџетот стигнува на собраниска седница. Со промените најмногу ќе се офајдат Фондот за пензиско осигурување и Министерството за образование. Пратениците на 75 седница треба да расправаат за предлогот за изменување и дополнување на буџетот, кој предвидува зголемување на приходите во однос на претходно планираното, но предвидува и уште поголемо зголемување на расходите. Ребалансот предвидува приходите да се зголемат за скоро 22 милиони евра во однос на претходно планираното, а расходите да се зголемат за скоро 47 милиони евра.
Владата продолжува да го ѕида јавниот долг на Република Македонија и сега едноставно бара покритие на она што веќе го направила.

Министерoт за финансии Зоран Ставрески.

Министерoт за финансии Зоран Ставрески.

Предвидено е буџетскиот дефицит да се зголеми на 3,9 отсто од БДП-то, односно на 313 милиони евра, што е за 25 милиони евра повеќе отколку во сè уште актуелниот буџет. Ова е и донекаде разбирливо со оглед на тоа што, според податоците на Минстерството за финансии, до крајот на септември државата веќе потрошила 250 милиони евра повеќе отколку што прибрала преку даноци и други давачки. Тоа значи дека државата предвидува во наредните три месеци да си ги пушти нозете за уште 63 милиони евра „надвор од чергата“.
Динамиката на растот на јавниот долг е дефинитивно неодржлива и ако продолжи оваа финансиска пијанка на владата на овој начин, сигурно дека ќе бидеме доведени во многу тешка ситуација.

Со предложениот ребаланс, на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му се додаваат скоро 22 милиони евра, а на Министерството за образование и наука скоро 7 милиони евра за опремување лаборатории. Средствата во овие ставки не се пренаменети, туку е проширен дефицитот. Кај другите ставки нема позначајни промени и другите позиции остануваат во рамки на проектираното.

За власта, ова е мала корекција на буџетот, додека за опозицискиот СДСМ тоа значи отворање на патот за нови задолжувања.

Поранешниот министер за финансии и поранешен гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека вистинскиот дефицит е далеку повисок од 3,9 отсто ако се земат предвид и „обврските што владата ги крие“, а не ги измирила во законските рокови.

„Нема ништо ново во политиките на владата, таа продолжува да го ѕида јавниот долг на Република Македонија и сега едноставно бара покритие на она што веќе го направила“, вели Гошев.

РСЕ: Но, владата неколку пати повторува дека Македонија е една од најмалку задолжените земји. Долгот, според Министерството за финансии, е помал од 34 отсто од БДП-то.

„Тој аргумент не држи, затоа што има многу држави, многу примери низ историјата, коишто дошле во ситуација да не може да ги измируваат своите долгови или со други зборови банкротирале, на многу пониски нивоа на задолженост, како учество на долгот во БДП-то“, вели тој.

Ако владата смета дека ова е безбедно ниво на долг, вели Гошев, зошто тогаш имаше толкава драма со неизмирувањето на долговите кон приватниот сектор. Краткорочните задолжувања исто така покажуваат дека има проблеми со полнењето на буџетот, вели тој.

„Динамиката на растот на јавниот долг е дефинитивно неодржлива и ако продолжи оваа финансиска пијанка на владата на овој начин, сигурно дека ќе бидеме доведени во многу тешка ситуација“, вели Петар Гошев.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG