Достапни линкови

САД: шпионирањето странски лидери, нормална работа


Директорот на Агенцијата за национална безбедност Кит Александер и директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Кит Александер и директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер.

Директорот на американското национално разузнавање Џејмс Клапер изјави во Конгресот дека шпионирањето странски лидери е вообичаена практика. Според него, таа била дел не само на американските операции за следење, туку и на оние што ги спроведувале и други земји.

„Основен принцип на американското разузнавање е откривањето на намерите на странските лидери“, им изјави на конгресмените директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер, додавајќи:

„Откако сум во разузнавчката дејност, веќе 50 години, интенциите на странските раководства, изразени во каква било форма, се основна цел на она што ние го собираме и анализираме.“

Но, Клапер избегна да ги потврди извештаите за следењето на германската канцеларка Ангела Меркел.

Тој и директорот на Агенцијата за национална безбедност Кит Александер сведочеа во Комитетот на Претставничкиот дом за разузнавање по гневот на европските сојузници кои деновиве дознаа дека нивните телефони биле прислушувани од американските разузнавачки служби.
Тешко можам да сфатам зошто, ако оваа информација се сметала за премногу чувствителна за да биде споделена со Комитетот за разузнавање, тогаш не била толку чувствителна за да дојде до рацете на аналитичар од понизок ранг како Сноуден.

Тоа беше откриено од документи што ги обелодени поранешниот соработник на Агенцијата за национална безбедност Едвард Сноуден кој сега живее во егзил во Русија.

„Тврдењата во францускиот Монд, шпанскиот Ел Мундо и италијанскиот Еспресо дека Националната агенција собрала десетици милиони телефонски разговори на европски граѓани се целосно лажни. Тие цитираат докази врз основа на снимки од интеренет алатка. Но, ни тие ни личноста што ги украде тајните податоци, не сфатиле за што всушност станува збор“, изјави Александер, додавајќи дека тоа што немало масовни напади во Соединетите држави од 11 септември 2001 година не било само чиста среќа. Ова негово тврдење беше поддржано од неколкумина членови на Комитетот.

Сепак дел од конгресмените изразија разочарување што воопшто не биле информирани дека американските разузнавачи шпионираат странски сојузници.

„Зошто ништо не знаевме дека шефови на држави биле прислушувани, шпионирани? Тоа е важно, бидејќи таквата политика има многу големи последици. Тоа може да ја отежне американската позиција“, р​ече Џен Шаковски, демократка од Илиноис.

Со неа се согласи и Адам Шиф кој прецизира дека разузнавачките агенции имаат законска обврска да ги информираат ресорните комитети во Конгресот за такви значајни работи. Притоа тој ја оспори одбраната на Клапер дека споделувањето на таквата информација со Конгресот би можело да ја искомпромитира целата активност.

„Тешко можам да сфатам зошто, ако оваа информација се сметала за премногу чувствителна за да биде споделена со Комитетот за разузнавање, тогаш не била толку чувствителна за да дојде до рацете на аналитичар од понизок ранг како Сноуден. Тоа за мене нема никаква смисла.“

Сослушувањето во Комитетот во почетокот беше нарушено од неколкумина кои гласно протестираа против тајните следења.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG