Достапни линкови

И кредибилитетот на ЕУ во заложништво на спорот за името


Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Попоски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Попоски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Занемарувањето на демократските прекршувања во Македонија заради инсистирањето на решавање на спорот за името го поткопува кредибилитетот на ЕУ.

Инсистирањето на решавање на спорот за името и занемарувањето, премолчувањето или бледото реагирање на другите демократски прекршувања во Македонија сериозно го нарушува кредибилитетот на Европската унија, но го подрива и кредибилитетот на организациите и интелектуалците во Македонија кои се обидуваат да ги промовираат демократските вредности. Кредибилитетот на Унијата дополнително се нарушува и поради тоа што Европската комисија пет години дава препорака за почеток на преговори за членство со Македонија, но Европскиот совет пет години одбива да ѝ даде на земјава датум за преговори.
Таквиот пристап дека ќе се жртвуваат демократските стандарди на сметка на решавање на поголеми, крупни прашања можеби дава резултати на краток рок, меѓутоа еве на долг рок во нашиот случај се покажува дека не се решава ниту едното, а другото се влошува.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Европската унија е свесна за тој проблем, велат нашите соговорници, Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование и Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Маричиќ вели дека пристапот на Европската комисија, не само кон Македонија, туку и кон државите од Западниот Балкан пред сè е фокусиран на стабилноста, функционирањето на државите и воспоставувањето траен мир, многу повеќе отколку кон задоволување на одредени демократски стандарди.

„Таквиот пристап дека ќе се жртвуваат демократските стандарди на сметка на решавање на поголеми, крупни прашања можеби дава резултати на краток рок, меѓутоа еве на долг рок во нашиот случај се покажува дека не се решава ниту едното, а другото се влошува. Затоа мислам дека тоа е погрешен пристап“, вели Маричиќ.
Без реално да има перспектива за членство, ваквата политика на подолг рок не може да успее, значи веќе се исцрпува потенцијалот на една ваква политика.
Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.

Ристевска Јорданова вели дека со ваквото влијание на спорот за името во обликувањето на оценките, се урива кредибилитетот на политичката условеност на ЕУ.

„Европската комисија е свесна за ваквиот ефект и затоа се обидува во своите извештаи да ја задржи препораката, но да ги засили критиките и тоа е видливо во годинашниот извештај. Меѓутоа, без реално да има перспектива за членство, ваквата политика на подолг рок не може да успее, значи веќе се исцрпува потенцијалот на една ваква политика“, вели Ристевска Јорданова.

Таа посочува дека се потребни промени и во политиката на ЕУ и на Македонија. Во спротивно, вели таа, кредибилитетот на процесот ќе се урива, а Македонија и понатаму ќе паѓа во европската агенда.

„Потребно е од нивна страна да се постигне поголема согласност, односно поголема критична маса на држави членки кои ќе бидат порешителни во однос на разумно решавање на прашањето за името коешто ќе ги земе предвид македонските позиции со цел да се направи поголем притисок врз Грција со цел таа да остане изолирана. Доколку остане изолирана, помало ќе биде нејзиното влијание“, вели Ристевска Јорданова.

Од друга страна, вели таа, во Македонија треба да се постигне национален консензус во однос на спорот, со што јасно ќе се постават македонските црвени линии и ќе се зајакне позицијата на Македонија и да се престане со назадувањето во политичките критериуми.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG