Достапни линкови

logo-print

Хајредини - Заблуда е дека има економски резултати


Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Груевски и на Ставрески ја држат јавноста во заблуда дека тие остваруваат резултати во економијата. Токму во економијата, кога не би биле околу 2 милијарди евра приливи на девизи од странство, ние би имале континуирана рецесија, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Хајредини, ќе ја оцените новата мерка на Министерството за финансии со која јавно ќе се објавуваат имињата на должниците?

Што значи објавување на имиња? Па кој рекол дека имињата се тајни и што сакаат со тоа да постигнат, освен да го свртат вниманието на граѓаните кон небитни работи. Па најголем должник во Македонија е владата на Македонија. Груевски и Ставрески со години ја лажеа јавноста дека не должат ни по основ враќање на ДДВ, ни по основ на обврските за реализација на проектот Скопје 2014. После некое време излегоа и рекоа да, должиме, ама нема да ви платиме, ќе ви одложиме за догодина. Ако државата толку многу му должи на бизнисот, тоа е генераторот на долговите на сите други учесници во процесот на репродукција во државата. Според тоа, за неликвидноста, за неплаќање на сите субјекти во стопанството, виновен е Ставрески со неговата политика, затоа што не ги плаќа и не гради објекти кои генерираат БДП.

Колку мерката на владата е лицемерна, бидејќи до неодамна не сакаше да објави колку пари му должи на стопанството?

Ништо не е нелицемерно во јавните настапи на Груевски и на Ставрески, не сега, туку со години. Тие ја држат јавноста во заблуда дека тие остваруваат резултати во економијата. Токму во економијата, кога не би биле околу 2 милијарди евра приливи на девизи од странство, ние би имале континуирана рецесија. Тие за ова никогаш не зборуваат. Тие не зборуваат со никого што ги следи овие работи, ги знае и им кажува, а не да пелтечи во Министерството за финансии и не дозволува ни прашања да му поставуваат.

Министерот за финансии Зоран Ставревски најави и раст од 2,5 проценти и дека Македонија е меѓу најдобрите земји во Европа според економските резултати во првата половина од годинава?

Тој вели најстабилна економија во Европа. Во Македонија се стабилни сиромаштијата, невработеноста и падот на бруто општествениот производ. Објавениот раст е исклучиво заслуга на приватните девизни дознаки на граѓаните на Македонија што поради Груевски и Ставрески се избркани да работат надвор. А, за процентите, четири години го следам Ставрески, тој има несреќа никогаш да не прогнозира нешто точно. Ништо не се остварува, во 2012 тој предвиде раст на БДП-то од 4,5 отсто и кога виде дека тоа е глупаво и воопшто не доаѓа предвид, тој после два-три месеци што е невообичаено, излезе и направи ребаланс на буџетот. Тоа е несериозно однесување на човек кој треба да се однесува најсериозно во државата.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG