Достапни линкови

logo-print

Да нема лица без здравствено осигурување, ама има


Несиме Салиоска, невладина организација РОМА С.О.С.

Несиме Салиоска, невладина организација РОМА С.О.С.

Повеќе од 120 илјади семејства го изгубиле правото на здравствено осигурување и со тоа се подложуваат да плаќаат приватни цени за здравствените услуги, пишува Несиме Салиоска од невладина организација РОМА С.О.С. во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Неодамна група на здруженија (РОМА С.О.С. – Прилеп, ЕСЕ-Скопје, КХАМ-Делчево, СУМНАЛ-Скопје, НРЦ-Куманово, Х.Е.Р.А – Скопје и Македонска платформа против сиромаштија) информираа дека 50 отсто од невработените лица со пониски примања, осигуреници на ФЗОМ, го изгубиле правото на здравствено осигурување во април оваа година поради непроследување на административната процедура пропишана со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, а што е и официјално потврдено и со дописот од ФЗОМ во мај 2013.
Ако оваа обврска не е тешка или проблематична за граѓаните, тогаш зошто 120.255 семејства си дозволиле да го изгубат правото и со тоа да се подложат на плаќање приватни цени за здравствените услуги?

Во интерес на граѓаните, здруженијата ја разгледаа законската регулатива и констатираа пропусти во примената на одредбите од релевантните закони, поради кои настанала ваквата ситуација.

Имено, констатиравме дека согласно Одлуката на Уставен суд од 14.11.2012 година на граѓаните не може со закон да им се наметне обврската да поднесуваат Изјави за остварени приходи во постапката за остварување на правото на здравствено осигурување, односно одлуката укажува на тоа дека ваква обврска може да вршат само надлежните институции или ФЗОМ преку Управа за јавни приходи во дадениот случај.

Со цел да се превенира идно губење на правото на здравствено осигурување за оваа категорија на граѓани, како и да се примени целосно мотото на Министерство за здравство „Да нема лице без здравствено осигурување“, поднесовме Ургенции до Министерство за здравство и Министерство за финансии со барање да се воведат соодветни измени на истиот закон, согласно Одлуката на Уставен суд.

Покрај ова, поднесена беше и Претставка до Народен правобранител, како и Апел до Комисијата за здравство при Собранието.

Одговорите ги добивме во месец септември 2013 година. Според Министерството за финансии и Министерството за здравство, целосно е применета Одлуката на Уставен суд, иако се свесни дека бројот на лицата кои останале без здравствено осигурување поради неподнесување Изјава за остварени приходи е голем. Дополнително ни дадоа образложение дека поднесувањето на Изјава еднаш годишно не е голема обврска за граѓаните.

Во секој случај, Народниот правобранител го потврди нашето согледување и укажа на тоа дека нема целосно спроведување на уставната Одлука и поради тоа има потреба од итно донесување на нови законски измени и дополнувања.

Јас, како граѓанин на Македонија од оваа ситуација почнувам да се прашувам како да ги почитувам законите во Македонија и да ги исполнувам граѓанските обврски кога за истите различна институција има различно толкување и примена, и кога истото е противуставно? Кој има право да ми наметнува обврски а со тоа да ми ги скратува можностите за пристап до услуги и заштита на своето здравје?
Кого да послушам сега – Уставен суд кој вели дека ваквата обврска не може да ми се наметне, или Министерствата кои велат дека тоа е моја обврска, или Народен правобранител кој вели дека Одлуката на Уставен суд не е испочитувана од страна на министерствата?

Кого да послушам сега – Уставен суд кој вели дека ваквата обврска не може да ми се наметне, или Министерствата кои велат дека тоа е моја обврска, или Народен правобранител кој вели дека Одлуката на Уставен суд не е испочитувана од страна на министерствата?

Министерствата, свесни за големиот број на лица кои го изгубиле правото на здравствено осигурување само заради неподнесување на Изјава за остварени приходи, наместо да преземат мерки за надминување на ваквата ситуација, даваат образложение дека истата обврска не е тешка за граѓаните. Ако оваа обврска не е тешка или проблематична за граѓаните, тогаш зошто 120.255 семејства си дозволиле да го изгубат правото и со тоа да се подложат на плаќање приватни цени за здравствените услуги?

По сè изгледа дека ни останува само да бидеме послушни кон институцијата која го спроведува законот (ФЗОМ), без разлика дали е тоа правично или не, за да можеме да ги користиме бенефициите од здравственото осигурување и на следниот Повик за поднесување Изјава за остварени приходи да го фатиме првиот ред.

Во меѓувреме, Министерствата може да донесат и нови/различни измени и дополнувања на законите и да ни наметнат плус обврски за кои ако не успееме да ги исполниме навремено, истото ќе биде наша грешка. Но, чија ќе биде грешката ако таа обврска е неуставна и не остави без нашето право? Или ние како граѓани немаме право ништо да коментираме туку ќе си поведеме повторно процедура за остварување на правото и во меѓувреме ќе се трудиме да останеме здрави. А може да преминеме и на алтернативна медицина бидејќи ќе ни биде полесно отколку да ги исполниме обврските наметнати од институциите.

Во меѓувреме, нашите здруженија ќе продолжат да се залагаат да ги штитат интересите и правата на граѓаните во корелација со уставниот поредок, а институциите се надеваме дека ќе успеат „да се договорат“ кој е кој во хиерархијата на системот и како кој може да се обезбеди владеење на правото во Македонија.
XS
SM
MD
LG