Достапни линкови

Документарец за делото на Илија Николовски Луј


Илија Николовски Луј, музички педагог.
Илија Николовски Луј, музички педагог.

„Илија Николовски-Луј / Сеќавања 1913-1973-2013“ е насловен документарниот филм на музикологот Бранка Костиќ – Марковиќ со чие премиерно прикажување беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на човекот чие име го носи Државниот музичко-балетски училишен центар. Во него, таа прави обид за виртуелно портретирање на Луј, визионерот со неверојатно чувство за препознавање на талентот и личноста чии заслуги за развојот на македонското музичко образование и култура се немерливи.

На иницијатива на Сојузот на композиторите на Македонија, а со идеја да биде прикажан на денот на одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање (22 октомври), музикологот и музички новинар Бранка Костиќ Марковиќ, како автор, го потпишува документарниот филм „Илија Николовски-Луј / Сеќавања 1913-1973-2013“. Станува збор за дело во кое таа се обидува преку сеќавањата на соговорниците, негови ученици и современици (Благој Цанев, Стојан Стојков, Милка Ефтимова, Горан Димитровски, Ѓоко Николовски, Лепша Пипиерковска, Александар Џамбазов, Фимчо Муратовски, сопругата Нада Николовска, ќерката и внуката, да направи виртуелно портретирање и да побара одговор на прашањето: Кој бил Илија Николовски Луј?
Ако се случело да горат училиштето и неговиот дом, тој најнапред ќе трчал во училиштето, па дури потоа да види што се случува со семејството.
Бранка Костиќ Марковиќ, музиколог и музички новинар.

Бранка Костиќ Марковиќ, музиколог и музички новинар.
Бранка Костиќ Марковиќ, музиколог и музички новинар.
„Николовски бил строг, хуман човек, одличен педагог и организатор, и како што рекоа, неговата професија била директор во вистинската смисла на зборот. Во филмот, соговорниците зборуваат на теми Луј како директор, Луј како „втор татко“, ги кажуваат и анегдотите за него. Тој бил вистински рудник за анегдоти бидејќи бил боем. Кога не бил на работа, сакал да се дружи, сакал да биде во кафеаните, имал големо друштво. Но она што го симболизира него, а кое што ми го кажа еден од соговорниците е неговата посветеност. Ако се случело да горат училиштето и неговиот дом, тој најнапред ќе трчал во училиштето, па дури потоа да види што се случува со семејството. Бил до максимум предаден на работата. Буквално директорувал до крајот на својот работен и животен век. Кога се пензионирал – починал“, вели Костиќ Марковиќ.
Можеби ова ќе биде и поттик да се направи и за нив нешто за да не се чувствува некој дисбаланс дека е направен документарен филм за Илија Николовски Луј, а не е направен за Гајдов, Прокопиев, Скаловски и останатите.
Бранка Костиќ Марковиќ, музиколог и музички новинар.

Музикологот дополнува дека незаслужено за Луј се знае малку и дека ако тој имал скромно творештво, ако не е познат како композитор и како врвен инструменталист, кој патем свирел на десетина инструменти, а предавал труба, сепак бил одличен педагог. Од неговата класа излегле бројни врвни уметници, кои потем се школувале во странство и кои подоцна станале основоположниците на музичкото образование во Македонија.

Од друга страна, и колку документарецот да фрла сноп светлина врз ликот и делото на Илија Николовски Луј, како на една од личностите чии заслуги за развојот на македонското музичко образование и култура се немерливи, Бранка Костиќ Марковиќ потенцира дека наспроти заложбите на СОКОМ, сепак се ретки делата и публикациите во кои се говори за оние кои имаат голем влог во развојот на нашата музичка мисла. Таа дополнува дека лесно можат да се избројат биографиите посветени ним и дека уште помалку има телевизиски потрети кои на еден поинаков, помодерен, „нетраорен“ визуелен јазик би проговориле за нивниот живот и за творештвото.

„Можеби ова ќе биде и поттик да се направи и за нив нешто за да не се чувствува некој дисбаланс дека е направен документарен филм за Илија Николовски Луј, а не е направен за Гајдов, Прокопиев, Скаловски и останатите. Сметам дека треба подобра организација и ако е ова некој предвесник на такво време, тогаш може да очекуваме дека ќе почнат во иднина нашите музиколози и етномузиколози посериозно да се занимаваат со бележење на фактите за вакви големи личности додека уште има време, бидејќи сите мои соговорници се навлезени во осмата деценија од животот и повозрасни и ретко кој од нив ќе биде во можност во следната декада да ни сведочи за вистинските процеси во развојот на македонската музичка историја“, вели таа.

Инаку, чисто како потсетување. Илија Николовски-Луј бил роден на 7 октомври 1913 година во Прилеп. Првите сознанија за музиката ги добил од музичките раководители на културно-уметничките друштва, за подоцна да се школува во Белград и во Софија. Во 1944 година пристапил на Народноослободителната војска на Македонија и раководел со хорот на Втората и Петтата пролетерска бригада. Формирал и Дувачки оркестар кој одиграл значајна улога за ширење на музичката култура. Во 1948 година, Луј бил поставен за директор на Средното музичко училиште во Скопје и на таа должност останал до смртта во 1973 година.

Во 25-годишното раководење, Николовски водел успешна кадровска политика за единствената музичка педагошка институција, со што се едуцирале првите кадри потребни за Македонската филхармонија и за Операта и се создавала погодна почва за отворање на Високата музичка школа. Тој активно учествувал и во изработка на учебници по музичко образование, но се занимавал и со компонирање, за што сведочат неговите дела - Збирка за 12 песни за детски хор, „Маршот на Македонија“, како и поголем број оркестарски аранжмани за дувачки оркестри.

За својата работа бил одликуван со Орден на трудот од трет степен, Орден за храброст, Орден за братството и единството со Сребрен венец и ја добил „Ноемвриската награда“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG