Достапни линкови

ЗНМ бара од премиерот Груевски да се заложи за аболиција на Кежаровски


Здружението на новинари на Македонија денеска достави писмо до премиерот Никола Груевски во кое бара прашањето за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски да се стави на дневен ред на наредната седница на Влада.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селамни во денешната изјава потсети дека пред речиси два месеца имаат поднесено предлог до Министерството за правда за аболиција на Кежаровски и до денеска нема одговор од министерот Блерим Беџети.
- Сметаме дека аболицијата на Кежаровски е од интерес на Македонија, прво затоа што е невин, не направил ништо лошо, туку открил злоупотреба на сведок, што е највисок јавен интерес и второ затоа што овој случај сериозно го нарушува угледот на Македонија во светот, изјави Селмани.
Според ЗНМ, Владата треба да ја искористи оваа законска можност и да спречи невин човек да остане во затвор.
- Сега се е во рацете на премиерот Груевски, кој реално може да го искористи неговиот неспорен авторитет во Владата и да му наложи на министерот Беџети да ја покрене постапката за аболиција кај претседателот Ѓорге Иванов, изјави претседастелот на ЗНМ, според кого, ова е и можност да се покаже пред светот дека македонските власти водат сметка за слободата на изразување.
XS
SM
MD
LG