Достапни линкови

logo-print

Една Европа, многу Европи


Европската економија се прибира и повеќето Европјани веќе веруваат дека најлошото мина. Но, она што се случуваше во изминативе неколку години би можело да биде само почеток на долг кризен циклус, пишува Њујорк тајмс, наведувајќи дека кризата ќе биде многу полоша доколку ЕУ не ги поправи проблемите со раководењето.

За време на кампањата, реизбраната германска канцеларка Анегла Меркел ги сумираше европските предизвици со проста математика:

„Европа денес претставува 7 насто од светската популација, продуцира 25 насто од светскиот БДП и плаќа 50 насто за социјални давачки.“

Без драстична политичка акција, таа нерамнотежа ќе станува се полоша. Најголемиот проблем е демографијата.

До 2015 година во Европа ќе умираат повеќе луѓе од оние што ќе се раѓаат. За 50 години денешната просечна возраст од 41, ќе порасне на 47 години. Во Германија веќе за 25 години просечната возраст ќе биде 50 години.

Само ако секоја земја проработи на нејзините слабости, Европската унија ќе биде во можност да го зголеми нејзиното влијание на глобалната сцена.
Европа ќе личи на старечки дом со се помалку работна сила. Скоро 30 насто од луѓето ќе имаат 65 години.

Без реформи, тоа ќе значи повеќе пари за пензии, а помалку за инфраструктура и едукација, со што Европа ќе станува се понеконкурентна и поневлијателна во светот.

Една од најпопуларните опции на политичките елити е поцентрализирана Европа значи и подобра Европа. Но, тоа е лош одговор, бидејќи тоа нема да се случи. Не само затоа што европејците не сакаат такво нешто, туку и бидејќи тоа нема да успее.

Мултилатералните институции се прекрасно место за дискутирање за проблемите, но ужасно кога треба да се решаваат. Всушност, тие се измислени за колективна неодговорност.

Политичарите секогаш си се враќаат дома во надеж дека некој друг за нив ќе ги плати сметките и ќе ги донесе тешките одлуки.

Го видовме тоа за време на кризата со еврото. Често Европа и Германците беа жртвеното јаре за елитите во земјите погодени со кризата со цел да го одвратат бесот на нивниот електорат поради корупцијата и неспособните политичари.

„Повеќе Европа“ не е начинот за подобрување на конкурентноста на Континентот.

Малку проблеми се заеднички за повеќето западни општества, како например стареењето. Повеќето проблеми се специфични за секоја земја посебно и бараат национални одговори.

Европа како целина ќе се подобри само доколку секоја европска земја си ја поправи нејзината игра.

Грците треба да изградат функционална бирократија.

Шпанците да го раскинат корупцискиот триаголник меѓу политичарите, големите градежни фирми и регионалните банки.

Италијанците да не гласаат популистички политичари како Берлускони.

Французите да престанат да се преправаат дека можат границата за одење во пензија да ја држат на 62 години, а Германците да си се мамат дека затворањето на нуклераните централи нема да ја погоди нивната индустрија.

Само ако секоја земја проработи на нејзините слабости, Европската унија ќе биде во можност да го зголеми нејзиното влијание на глобалната сцена.

Европа ќе треба да се реформира локално за да може да дејствува глобално, се наведува во коментарот на Њујорк тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG