Достапни линкови

Фудбалот го допре дното, што сега?


Наместо да се бараат виновници, треба да се извлече поука и да се разговара за проблемите во националниот тим, велат поранешни капитени на репрезентацијата.

Македонската фудбалска репрезентација го допре дното, откако минатата недела и дефинитивно го освои последното, шесто место во квалификациската група за СП во Бразил.
Се случи тоа што се случи. Сега треба да се извлече поука, да се направи анализа од сето ова. Да се гледа конструктивно, не деструктивно.
Митко Стојковски, поранешен капитен на фудбалската репрезентација.

Ова е наш најслаб пласман во десетте досега одиграни квалификациски циклуси, а да биде болката поголема, дојде по срамниот пораз во Србија (5-1). Таму, на полувремето имало голема кавга меѓу играчите, кои деновиве преку медиумите обвинуваат дека репрезентацијата (од каде на само две кола пред крајот на квалификациите се повлече селекторот Чедомир Јаневски), е поделена и приватизирана, а капитенот Горан Пандев најави повлекување од националниот тим.

Сето ова донесе огромно разочарување кај љубителите на фудбалот, но и кај поранешните репрезентативци. Тие, сепак, во моментов не сакаат да долеваат масло на огнот и повикуваат на смирување на страстите, а екс капитенот Митко Стојковски, порачува:

Ова не е клуб, ова е репрезентација која ја претставува државата. Сериозна работа е ова, треба да се седне и да разговараме, да ги расчистиме проблемите еднаш за секогаш.
Артим Шакири, поранешен капитен на фудбалската репрезентација.
„Се случи тоа што се случи. Сега треба да се извлече поука, да се направи анализа од сето ова. Да се гледа конструктивно, не деструктивно. Да нема суети ни кај играчите ни кај луѓето кои што го водат фудбалот. Да гледаме да ги корегираме сите грешки досега што ги направивме. Ние сме мала земја го сакаме фудбалот, меѓутоа нашиот квалитет и условите што ги имаме сме лимитирани во секој поглед. И затоа мислам дека само со позитивна атмосфера, со другарство меѓу играчите, стручниот штаб и федерацијата, само со таков пристап, со таков однос, ние можеме да се извлечеме од оваа ситуација“.

Слично размислува и Артим Шакири. И тој смета дека не е момент да се бараат „глави“, особено поради тоа што има многу причини за хаосот во националниот тим. Затоа и повикува на дијалог, за надминување на ни малку пријатната реалност.

„Полошо од ова мислам дека не може. Кажано е се, резултатите кажуваат, позицијата на репрезентацијата кажува. Ако е еден проблем се решава, но во оваа ситуација мислам дека има многу повеќе проблеми и треба работите да ги гледаме пошироко. Ова не е клуб, ова е репрезентација која ја претставува државата. Сериозна работа е ова, треба да се седне и да разговараме, да ги расчистиме проблемите еднаш за секогаш и со позитивна мисла да се влезе во наредните квалификации“, рече Шакири.

Екс капитените додаваат и дека бевме дел од најсилната група и дека на неколку средби среќата ни го сврте грбот. Затоа и веруваат дека бргу ќе докажеме дека не сме во рангот на аматерите од Сан Марино, Андора и Лихтенштајн. Но, за тоа да се случи, неопходно е сите во и околу мак фудбалот да создадат позитивна клима, а пред се да не се направи грешка при ангажирањето на нов селектор.

„Тука не треба да се згреши. Треба да се постави селектор човек кој што ги знае приликите, кој што може да создаде единство, како прво меѓу играчите, кој што ќе има силен стручен штаб и луѓето кои што го водат фудбалот да му дадат полна доверба на тој човек. И сигурен сум дека со малку спортска среќа и добра организација можеме многу повеќе од ова што го направивме во овој квалификациски циклус“, додаде Митко Стојковски.
XS
SM
MD
LG