Достапни линкови

Протест во црно поради Кежаровски пред Музејот на ВМРО


Архивска фотографија: Новинарите протестираа против продолжувањето на притворот на Томислав Кежаровски пред Основниот суд Скопје 1 на 25 јули 2013.
Архивска фотографија: Новинарите протестираа против продолжувањето на притворот на Томислав Кежаровски пред Основниот суд Скопје 1 на 25 јули 2013.

Новинарите за утрешниот празник повикуваат на протест пред Музејот на ВМРО во Скопје поради 4,5-годишната затворска казна за нивниот колега Томислав Кежаровски.

Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски утре, на Денот на ВМРО, во 12:05 часот, ќе одржи протест пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, познат и како Музеј на ВМРО. Тие ги повикуваат новинарите, медиумските работници и сите граѓани заедно да ја одбележат борбата за слобода и во нејзино име да изразат несогласување со затворската казна во траење од четири и пол години за Кежаровски.
Придружете ни се со молк и облечени во црно на симболичен начин да покажеме револт поради заробената медиумска слобода.
Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски.

„Придружете ни се со молк и облечени во црно на симболичен начин да покажеме револт поради заробената медиумска слобода“, се вели во повикот од Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски.

Просто е неверојатно да се заклучи дека објавувањето на тој текст пред пет години е вистинскиот мотив поради кој толку сурово се казнува еден новинар.
Билјана Петковска, директорка на МИМ.
Автоцензура, страв, стигматизација на истражувачките новинари и забрана за допирање на одредени теми. Ова се дел од последиците кои ќе ги почувствува општеството по затворањето на Кежаровски. Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска вели дека последиците од затварањето на Кежаровски ќе бидат далекусежни и многу штетни по слободата на изразувањето во земјава.

„Нивото на кое што ќе се подигне самоцензурата меѓу новинарите по пресудата дефинитивно влева преголем страв. Пораката е очигледно да не се истражува, да не се допираат теми за кои институциите во државата решиле дека не треба да се обелоденуваат и доколку новинарите се решат да истражуваат, еве ја казната со која ќе се соочат“, вели Петковска.

На меѓународен план ова значи сериозно деградирање на имиџот и угледот на Македонија која како земја се декларира дека е демократска, објаснува Петковска.
Тоа само уште повеќе ќе ја засили онаа слика која што веќе постои за Македонија, дека е земја во која не се почитуваат правата и слободите, особено слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет.

„Јас не можам да сфатам до толку да се игнорираат повиците од сите меѓународни организации, па и политички, не само новинарски, со коишто се укажува на штетноста на ваквата постапка. Просто е неверојатно да се заклучи дека објавувањето на тој текст пред пет години е вистинскиот мотив поради кој толку сурово се казнува еден новинар“, вели таа.

Директорката на Хелсиншки комитет во Македонија Уранија Пировска се согласува дека овој преседан ќе влијае негативно по однос на демократските принципи и на внатрешен и на надворешен план.

„Македонија во неколку наврати од страна на меѓународни организации, ОБСЕ, беше критикувана токму за овој случај. Хелсиншкиот комитет од самиот почеток го следеше овој процес и утврди низа неправилности во него, а тоа само уште повеќе ќе ја засили онаа слика која што веќе постои за Македонија, дека е земја во која не се почитуваат правата и слободите, особено слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Навистина постои опасност во Македонија да настапи медиумски молк, односно оваа окупација на медиумскиот простор да стане позасилена“, вели Пировска.

Новинарските здруженија најавија дека ќе ја обжалат оваа пресуда.

„Ќе ги искористиме сите правни можности кои ни стојат на располагање да ги убедиме судовите дека во случајот со Кежаровски прават грешка“, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари.

Петковска вели дека во овој момент е неопходна солидарност меѓу самите новинари, а новинарските професионални здруженија во наредните денови ќе потегнат иницијатива за масовно изразување на незадоволството од пресудата.

„Но мислам дека е важно во овој момент сите новинари, но и обични граѓани, луѓе кои што сметаат дека ова е една голема неправда која е извршена на Кежаровски, јавно да го искажат тоа и да побараат преиначувања на оваа пресуда“, вели Петковска.

Репортерите без граници бараат од Европската унија слободата на информирањето да стане услов во пристапните преговори со Македонија. Кристијан Мир, раководител на германската секција на Репортери без граници од Берлин во вчерашната изјава за Дојче Веле побара од ЕУ „заштитата на новинарите кои пишуваат критички да стане еден од централните услови“. Според Репортери без граници, оваа пресуда не ѝ е од полза на Македонија во нејзините евроинтегративни процеси.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG