Достапни линкови

logo-print

Луѓето во земјите низ светот сметаат дека корупцијата на владите е широко распостранет проблем. Тоа без оглед дали станува збор за земји со слобода на печатот, што е индикатор за добро владеење и развој или за оние со ограничена медиумска слобода. Ова се наведува во истражувањето на Галуп спроведено лани, а чии резултати беа објавени деновиве.

Прашањата за корупцијата се толку чувствителни во некои земји што дури и доколку на Галуп му било дозволено да ги постави, резултатите можат да ја рефлектираат неволноста на нивните граѓани да ја критикуваат владата.

Тоа е особено вистина во земји каде што слободата на печатот е ограничена и затоа Галуп смета дека би било добро корупцијата да се погледа преку рејтингот за слободата на печатот на Фридом хаус.

Во 108 од 129 земји во светот, каде што е спроведена анкетата мнозинството испитаници мислат дека корупцијата на нивните влади е широко распостранет проблем.

Прашањата за корупцијата се толку чувствителни во некои земји што дури и доколку на Галуп му било дозволено да ги постави, резултатите можат да ја рефлектираат неволноста на нивните граѓани да ја критикуваат владата.
Меѓу земјите со слободен печат на дното по корупција, според она како граѓаните гледаат на нивните влади, се Данска и Шведска со 15 и 14 насто.

Соединетите Држави се многу далеку од врвот, бидејќи 73 насто од Американците сметаат дека овој проблем е распостранет кај нивната влада.

Лидер меѓу европските земји со слободен печат е Чешка каде што 94 насто од испитаниците рекле дека нивната влада е корумпирана. Традиционално, екстремно висока е корупцијата на владата во Литванија.

Што се однесува до земјите со делумно слободен печат, жителите на Грузија и на Хонг Конг сметаат дека нивните влади се најмалку корумпирани со 25, односно 30 насто од анкетираните.

Една членка на Европската унија, Грција, се најде на врвот на листата со 92 насто од граѓаните кои сметаат дека владата им е корумпирана.

Најкорумпирани од оваа група на земји со делумна слобода на печатот се владите во Танзанија и Кенија.

Во врска со земјите во регионот, само 50 насто од анкетираните во Црна Гора сметаат дека се шири владината корупција. По неа следат Македонија со 67 насто, Хрватска со 74, Бугарија со 75, Словенија со 76, Албанија со 82, Србија со 84, Босна и Херцеговина со 89 и Косово со 90 насто од анкетираните кои сметаат дека нивните влади се корумпирани.

Овие податоци на Галуп не покажуваат никакво суштинско подобрување во перцепцијата за корупцијата на владите на глобално ниво во изминативе неколку години.

На прв поглед овие наоди изгледаат разочарувачки во однос на ефикасноста на глобалните антикорупциски напори.

Сепак, растечката транспарентност и контролата на корупцијата, како што заклучува Галуп, имаат придонес за подигнувањето на јавната свест за владините корупции.

Резултатите се базирани на телефонски интервјуа со илјада испитаници над 15 години во 129 земји во светот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG