Достапни линкови

logo-print

Политичките субјекти многу често не разговараат со аргументи, туку со искривување на фактите и прикажување на делумна вистина, велат аналитичарите.

Во Македонија стана тренд зголемувањето на моќта на политичката манипулација од страна на политичарите и падот на политичката култура, коментираат аналитичарите посочувајќи го како пример последниот случај со оставката на Борис Кондарко од функцијата претседател на Државната изборна комисија. Непосредно пред да ја даде оставката, премиерот Никола Груевски го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да му даде налог на Кондарко да започне со пречки, овојпат со коментар дека оставката е по налог на Заев и дека Кондарко не треба понизно да постапува по одлуката на СДСМ затоа што тој е на државна функција и одговара пред граѓаните.
Многу често политичките субјекти не разговараат со аргументи, туку со искривување на фактите, прикажување на делумна вистина, значи само они работи кои ним им одговараат, со штелување на статистики.

„Многу често политичките субјекти не разговараат со аргументи, туку со искривување на фактите, прикажување на делумна вистина, значи само они работи кои ним им одговараат, со штелување на статистики, исто така извлечени онака како што најмногу им одговараат“, вели универзитетскиот професор Здравко Савески.

Професор Алајдин Демири се согласува дека извртувањето на тезите од страна на политичарите е вообичаен начин на медиумска комуникација во Македонија. Политичките препукувања во чија основа лежи манипулацијата има единствена цел, а тоа е заштита само и единствено на политичките интереси.
Таа комуникација на лидерите е пред сè храна наменета за фронтмените и за тие луѓе што се во партијата кои треба да се хранат со таа храна и да ја шират таа фама.

„Оваа комуникација веќе станува практика кога станува збор за доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ, односно Груевски, врз Заев. Заев за жал ја прифати оваа игра и делуваше спрема диктатот на Груевски“, вели Демири.

Савевски истакнува дека во ваквата политичка манипулација, не само што не се почитуваат човечките и професионални квалификации на политичкиот противник, туку тој директно се навредува. Она што ја прави ситуацијата полоша е тоа што во услови на ограничена слобода на говор и селективни извори на информации, таквата комуникација има сериозен ефект.

„Секој граѓанин треба да тргне од тоа да не ги зема здраво за готово сите податоци, бидејќи во вакви услови на зголемена политичка маниплулација треба да се има доза на здрава скепса кон изјавите на политичарите“, вели Савески.

Иако во политиката не треба да нè изненадат средствата кои се користат, според Демири, најмногу страда обичниот граѓанин и потенцијален гласач. Сите облици на политичка манипулација имаат за цел маркетинг и добивање на добра позиција во политичката војна.

„Таа комуникација на лидерите е пред сè храна наменета за фронтмените и за тие луѓе што се во партијата кои треба да се хранат со таа храна и да ја шират таа фама“, вели Демири.

Сепак, аналитичарите порачуваат дека во политичката битка за добивање повеќе политички поени, политичарите не треба да заборават дека и граѓаните се свесни дека партиите не водат сметка за нивните интереси и оти не секогаш веруваат во она што во јавноста им се презентира.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG