Достапни линкови

Заев - политички дијалог со власта за да ни успее државата


Канонада на критики кон Заев, ми апсат луѓе директно и целото тоа не го подобрува амбиентот за дебата, за дијалог, но и покрај се останувам непоправлив оптимист да верувам дека за националните прашања, прашања од интерес треба да дебатираме, да разговараме, да направиме напори сите заедно за застанеме за државата да ни успее, вели во инервју за Радио Слободна Европа Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Господине Заев, како ги коментирате критиките дека се уште не можат да се видат потези кои ги повлекува СДСМ, а кои го менуваат досегашниот имиџ на партијата?

Како критики од противнички табор, или да не кажам злонамерни. Промените се гледаат на секој чекор. Ние сме партија која успеа да отвори политички дијалог и успешно да го заврши, за настаните од 24 декември. Проактивниот однос со прес-конференции, изјави, активностите во парламентарната група и насекаде се едно своевидно унапредување, не би рекол целосна новина, секако. Организационите активности кои што стартуваа на локално ниво, по вертикала на партијата и она што значи брз, користејќи го летниот период, избор на сите органи и тела на партијата од централно до локално ниво и келиите на партијата- месните одбори, апсолутно се завршени. Тоа се постапки што ја направија СДСМ да биде подготвена партија за евентуални предвремени парламентарни избори. Тоа значи дека заедно со оваа промоција што ја имаме на програмата се обидуваме да се понудиме колку што е тоа можно поквалитетно пред граѓаните, за да знаат која е таа алтернатива на власта.

Како ќе понудите алтернатива на владините политики, бидејќи слушнавме уште на самиот почеток конкретно еве мерката за ДДВ-то веднаш беше прокоментирана како една популистичка мерка слична на оние кои ги повлекува власта.

Ние не можеме да бидеме поголеми популисти, од најголемиот популист на светот-Груевски, според нас кажано. Од нас граѓаните очекуваат сериозна понуда и токму затоа оваа прва мерка и наредните мерки коишто веќе ги презентиравме како нов пакет на четири мерки, сите заедно потврдуваат дека има сериозен пристап, дека нешто е практично изводливо и корист ќе имаат сите граѓани во Република Македонија и тоа користа ќе биде во функција на унапредување на квалитативот на живеење во оваа општество, на секое семејство, преку пуштање на повеќе пари за секое семејство, ДДВ-то е едно од ваквите мерки.

Добро, нели е популистичка самата мерка - враќање на средната класа?

Ова мерка што значи. Кога имате општество кадешто повеќе од 30 проценти имате даночна инвазија заради тоа се овие затворања на дуќаните насекаде, преземате одреден чекор од којшто бенефит ќе има и државата и стопанството и граѓаните. Оваа мерка значи дека секој граѓанин стимулиран од тоа што ќе враќа пари ќе биде своевиден даночен инспектор, веќе никој нема да продава производ без фискална сметка. Зошто? Заради тоа што никој нема да купува од него, сите ќе купуваат од таму од кадешто ќе можат да повратат дел од овој данок. Досега Република Македонија од ДДВ во буџетот собира 45 милијарди денари. Со само половичен успех на мерката која ја предлагаме во државата ќе има 55 милијарди денари, 10 милијарди повеќе, осум милијарди или 130 милиони евра се тоа ги враќаме назад кон граѓаните, а две милијарди плус повеќе остануваат во државата. Тие можат да се употребат за зголемување на социјална помош, за решавање на проблеми на ранлива категорија на граѓани, да ги отстраниме децата кои просат на улици, луѓе спијат под мостови, да го направиме општеството поправично и финансиски поспокојно.

Беше интересно да се виде како започнавте во еден наш амбиент комуникација со власта, во стилот на подадена рака, стоиме на располагање, ја нудиме нашата помош, делуваше и малку наивно.

Ова е една од новините на СДСМ. Отпочнување и инсистирање на политички дијалог, толку насушно потребен во секоја демократија, кај нас е изгубен. Вие немате дуели на електронски медиум, немате дебата за одредени прашања, еве сега имаме некаков исчекор. Охрабрен сум дека во една невозможна мисија за заклучоци во кои власта признава кршење на устав, успеавме. После тоа беше канонада на критики кон Заев, не само тоа, ми апсат луѓе директно и целото тоа не го подобрува амбиентот за дебата, за дијалог, но и покрај се останувам непоправлив оптимист да верувам дека за националните прашања, прашања од интерес треба да дебатираме, да разговараме, да направиме напори сите заедно за застанеме за државата да ни успее.

Ако добро ве разбрав, сметате дека апсењата кои што следуваа се на некој начин реваншизам за постигнатиот договор за комисијата?

Можеби и тоа. Оваа власт не е научена по пат на дијалог да постигне одредено решение во полза на државата. Сега се случи. Мој коментар е дека двете последователни прес конференции од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, на премиерот Никола Груевски, сами по себе, анализа нека направат граѓаните. Што значи тоа? Беше како ранет лав, како и да е, нека преспие, успехот за државата го постигневме. И на крајот ја испративме пораката да не ни се повтори повторно. Го боли некои работи на Заев и порано на Црвенковски и на некои други политичари, но нека мевлемче за тоа болка ни биде успехот на државата, тоа е важно. Од таа причина тоа го гледам како реакција консеквентна на ваква власт, вака поставена и со апсењето на Шиповиќ и со канонадата на цела кампања против Заев со истрошени преку 500 илјади евра сигурно за рекламирања по медиуми, за да се извалка името на својот политички противник.

Кога го спомнавте Шиповиќ, рековте дека е политички монтиран случај, за да се блокира работата на Општина Центар. Зошто вие немате план Б? Велите дека власта стално има план Б, ако не успее ова, се обидува со нешто друго да ја блокира оваа општина. Зошто вие немате план Б во одредените пречки кои се појавуваат во врска со функционирањето на оваа општина.

Секој пат и досега сме имале план Б. Што ли не ни направија за време на изборите. Трипати прегласување, но успеавме во упорноста и вербата кон нашиот народ. Со блокирањето на општината кога се носеа одлуките за поништување на урбанистичките планови и тогаш успеавме. Планот Б беше презакажување на самата седница и продолжува да функционира Општина Центар. И во овој случај секако дека имаме план Б, ниту еден поединец не е важен во споредба со институциите, но ние мораме да го штитиме дигнитетот на сето она во коешто веруваме. Ние сме убедени дека нашиот претседател на Општина Центар не е виновен. Никој не го докажал тоа, само Суд може да докаже вина или невиност. Нема да дозволиме општината да биде блокирана. Веќе почнаа разговори со малцинството да го кажам, со опозицијата во општина Центар, а тоа се советниците од ДПМНЕ и од другите партии за одредени точки врзани со греење на градинките, на школите, да разговараме, да поминат таквите точки. Еве имаме план Б, да тераме со таа работа, не мислиме дека готово Општина Центар треба да потоне, секогаш имаме план Б. Секогаш мораме да бидеме исправени, со верба во она во коешто сме сигурни, а тоа е дека ова што се случува со Шиповиќ, изречена мерка за апсење поради можност за пуштање во бегство на човек којшто тргнал да се врати назад, апсолутно не е во ред.

Можете ли во овој момент да бидете сигурни дека зад одреден потег или протест којшто можете да го организирате може да застане одреден критична маса за вас.

Секако, но не гледам решени во тие работи. Заради тоа имавме вака спонтано организиран протест, гледате дека бројката не беше голема. Целта беше да изразиме солидарност и да испратиме недвосмислена порака, бараме фер, правда подеднаква за сите, толку, без било какво мешање или влијание во судството. Јас не верувам дека треба веднаш да се посегне по најкрајните мерки, а тоа се протести, напуштање, бојкоти, отпори, и тие се оставени на располагање како кај секоја опозиција, така и кај нас, но прво треба да направиме напори со сите демократски средства коишто ги имаме на располагање.

Сега доколку се исполнат сите овие услови, најпрвин се ревидира избирачкиот список и останатите услови за предвремени парламентарни избори, дали вие како партија во овој момент сте подготвени да ги одмерите силите со власта?

Поставивме централен одбор на партијата, избравме извршен одбор на партијата, ги конституиравме сите совети на партијата, ги избравме сите претседатели на општински организации, месни одбори, хоризонтално и вертикално по двете основи партијата е целосно поставена и подготвена за избори. Имаме комплет понуда со што можеме да се понудиме на граѓаните, а тоа е досега политичка понуда која за два дена преминува во изборна програма, тоа значи дека СДСМ е подготвен за избори. Многу е важно граѓаните да ја осознаат таа понуда која им ја даваме. Ние веруваме дека преку тоа ќе имаме поголема доверба, преточена во повеќе гласови на изборите. Едно знам, предвремени избори имавме на двапати, тие не и донесоа ништо добро на Република Македонија. Можеби ние ќе ги бараме за месец, два, го кажувам тоа што во моментот го мислам, но истовремено СДСМ нема да дозволи да улета и легитимира уште едни криминални и нелегитимни избори, не фер и недемократски избори. Зарем е фер 55 милиони евра да се дадат субвенции два дена пред изборниот ден, 12 милиони евра да се пуштат на медиумите на два дена пред изборниот ден? Сите директори на социјални грижи со списоци во раце да трчаат по најкревките, најраниви категории, тоа се социјалните случаи кои што живеат со тие пари и да им се закануваат директно. Полицијата да биде прва партиска војска на власта. Тоа не се фер шанси. Јас сакам како претседател на СДСМ да знам дека секој граѓанин кој што донел одлука да гласа за СДСМ кога ќе дојде денот за гласање да гласа за СДСМ, а не да биде запашен, уценет буквално душичката да му биде земена од страна на власта, тоа не е во ред. На секаде во Македонија пред кампања и од денеска предкампања, до денот на изборите луѓето се тресат како лист од страв, не знаат дали ќе им дојде инспекција, некоја кривична пријава, извршно решение, дали ќе бидат притворени ли не, тоа не здраво општество. Преку изборната регулатива ќе ги отстраниме сите овие можности на репресија врз гласачите или граѓаните од страна на оние кои треба да бидат сервис на раѓаните, а тоа е владејачката политичка партија којашто ја бирале досега. Ред е во секоја демократска земја, пред избори, изборниот законик го носат власта и опозицијата со консензус, излегуваат во таков случај и Груевски и Заев, соопштуваат дека сега имаме фер регулатива и одиме на избори. Кога ќе го постигнеме тоа, ние сме подготвени за избори.

Дали како дел од програмата ќе ги обелодените и вашите ставови околу спорот за името затоа што досега го знаеме вашиот став,
не сакате многу да излегувате со коментари со оглед на тоа што не сте директно информирани од власта?


Црвената линија е јасна за сите и јас верувам дека не постои роден политичар во Македонија којшто ќе дозволи да се промени нашиот национален идентитет, нашиот јазик, нашата култура, нашата национална посебност. Ние преговараме за промена на кованицата ФИРОМ што ја употребуваат, не разговараме за промена на името и овде треба да се најдат сите можни аспекти како да се успее во оваа работа. Реално немаме грам информации, во последните 5-6 месеци имаме нови предлози, владата дала одговор, па имаме 2-3 пати средби коишто се организираат, не знаеме ништо и некоректно од нас е да се очекува да го кажеме нашиот став. Токму поради тоа велиме, целосно позитивен потстрек кон власта, ја охрабруваме, ја повикуваме заедно да изградиме државен консензус по ова прашање, да бидеме посилни пред очите на цела Европа, на цел свет и пред очите на соседот Грција за полесно да го решиме.

Сметате дека предлогот Горна Македонија е прифатлив за Македонија и за откочување на евроинтеграциите?

Ниту знам дали е тоа предлог, ниту некој го соопштил. Јас мислам дека за нашето име не може да се зборува вака, Горна, Северна или што било. Јас сум Македонец, јас ги имам истите корени како секој Македонец, моето семејство има намера да опстојува како Македонци во оваа земја и нема да дозволам ни повеќе ни помалку од кој било свесен, трезвен, родољубив Македонец да се отстапи од нашите позиции. Затоа лицитирањето со вакви предлози за мене е апсолутно неприфатливо и кога некои наши поддржувачи или поединци го споменуваат ова прашање, тоа не е став на СДСМ. Нашиот став по основ на ова прашање секогаш јасно го кажуваме, дали тоа било прифатливо или не, име вакво, Горна, Северна или слично за Република Македонија, не, за нас е неприфатливо.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG