Достапни линкови

Груевски: Обновената препорака - признание за остварените резултати


Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.

Обновената препорака на ЕК за почеток на пристапни преговори претставува признание за остварените резултати во изминатата година и очекуваме дека и земјите членки во Советот на ЕУ ќе се раководат од овие аргументи и во декември, ќе донесат одлука за почеток на преговорите, изјави вечерва премиерот Никола Груевски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав кој му го предаде Извештајот на ЕК за напредок на земјата за 2013 година.

„Се согласуваме со констатација на Комисијата дека почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата“, рече Груевски.

Во однос на грчко-македонски разлики околу името тој повтори дека Македонија сака што поскоро да се реши спорот и оти патот до решение е преку владеење на правото и почитување на меѓународната правна рамка дефинирана од ОН и Меѓународниот суд на правдата.

„Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого“, изјави премиерот.

Груевски вели дека отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може да придонесе за унапредување на односите меѓу двете земји и надминување на разликите.

Тој изјави дека Извештајот темелно ќе биде разгледан, а препораките ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес.
XS
SM
MD
LG