Достапни линкови

Европската комисија во денешниот извештај за прогресот на балканските земји кон Европската унија, меѓу другото, констатира дека тие и натаму се посветени во постигнувањето на таа цел, но со извесни забелешки. Тука пред се станува збор за владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Оваа година целта од балканските земји ја постигна Хрватска која во јули стана 28 членка на Европската унија, откако успешно ги заврши пристапните преговори со Брисел.

Во моментов најголем напредок во амбициите да и се приклучи на Европската унија од земјите на Западен Балкан има постигнато Црна Гора. Таа минатата година ги почна преговорите и досега има затворено две од 35 поглавија.

Во извештајот на ЕК се подвлекува дека на Црна Гора и се неопходни натамошни реформи во владеењето на правото, како и поголем професионализам и транспарентност во јавниот сектор.

Пристапни преговори во јануари идната година се очекува Европската унија да започне и со Србија која стана кандидат за членка во минатата година.
Европската комисија останува најдобар пријател и поддржувач на земјите кандидати и аспиранти во нивниот многу важен пат да станат полноправни членки на Европската унија.

Комисијата ја пофалува Србија за договорот со Косово, но исто така ја нагласува потребата од подобрување во други области.

Во извештајот, како историски се оценува априлскиот договор меѓу Белград и Приштина за нормализирање на односите и за неблокирање на нивниот пат кон Унијата. Сепак, се нагласува потребата од продолжување на разговорите за нормализација.

Исто така се додава дека ќе биде неопходна и поголема работа кога станува збор за политичкото влијание врз именувањето судии и процесуирањето на осомничените за корупција.

Што се однесува до Косово, Европската комисија се надева дека кон крајот на октомври Приштина ќе ги започне преговорите на Договорот за стабилизација и асоцијација кои би требало да бидат завршени до идното лето.

Ваквото покачување на нивото на односите меѓу Приштина и Брисел е своевидна награда за договорот со Белград.

Во извештајот Комисијата ја нагласува важноста локалните избори во ноември да минат во најдобар ред, како и неопходноста од реформи во судството со цел поефикасна борба против организираниот криминал.

Истата забелешка Европската комисија ја има и за Албанија за која се предлага да и биде доделен официјален статус на земја кандидат за членство.

Најмногу отежнат е напредокот на Босна и Херцеговина, откако Европската унија минатата недела објави дека суспендира дел од финансиската поддршка за таа земја поради неуспехот да спроведе реформи.

Европската комисија во извештајот спомнува дека едно од прашањата е дискриминацијата на националните малцинства во изборниот процес.

Исто така се нагласува потребата за единствен механизам во Босна кој ќе ги координира односите на таа земја со Европската унија. Брисел веќе покрена процедура која Сараево може да го чини 47 милиони евра и да го запре стапувањето во сила на Договорот за стабилизација и асоцијација.

Во однос на Турција, во извештајот на Брисел се изразува загриженост за владиниот насилен одговор на протестите против изградбата на трговски центар во близина на истанбулскиот плоштад Таксим во мај годинава. Од друга страна, Европската комисија го поздравува напредокот во реформите што го направи Анкара, вклучувајќи го тука и „демократскиот пакет“ што во септември го објави премиерот Реџеп Таип Ердоган.

И Исланд имаше амбиција да стане членка на Унијата, но новата исландска влада реши да ја стави во мирување. Комисијата има подготвено извештај и за таа земја со оглед на тоа што процесот за членство не е официјално прекинат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG