Достапни линкови

Сиромаштија за повеќе коментари


Анализата „Вавилонски кули и апсолутна сиромаштија“ и сторијата со наслов „Со 1600 денари тешко се излегува на крај“, предизвикаа дебата со коментари про и контра очебијните факти.

Еднаш напишавме дека нашиов народ е чуден: ќе кука, ќе јаде сув леб ако треба, ама ако некој друг му ја каже вистината в очи - е тогаш напаѓа, тогаш новинарите се виновни што пишувале партиски соопштенија, како што пишува во својата порака Дарко од Скопје.
Зарем ние што имаме сега треба да одиме по правливи улици, неуредни булевари и слично, за парите да одат кај мрзливите и необразовани циганчиња... Тие што немаат е нивен проблем.
Коментар на читател.

Станува збор за анализата на колешката Пелагија Младеновска, „Вавилонски кули и апсолутна сиромаштија“, каде што користи само мислења на експерти и политичари, но кажаното - боли. Дури некој потпишан со три њњњ , себично прашува: „Зарем ние што имаме сега треба да одиме по правливи улици, неуредни булевари и слично, за парите да одат кај мрзливите и необразовани циганчиња... Тие што немаат е нивен проблем“. Или според Менде од Битола, кој смета дека
не сме биле сиромашни, туку, цитирам: „...само неписмен народ кој не знај да препознај иднината и како треба таа да се гради...“.
Во секој случај никој не може да ги оправда мрзливите, а што правиме со вредните, па дури и со вработените, кои не можат да врзат крај со крај... Ама за фотки сега простор колку сакаш, ...ај сине трчни, поиграј се во новата спортска сала, ќе ти мине желбата за леб!!!!
Коментар на читател.

Но има и такви посетители на нашата веб-страница, макденес.орг, кои со отворени очи го живеат животот. Весна Петрова од Скопје пишува: „Во секој случај никој не може да ги оправда мрзливите, а што правиме со вредните, па дури и со вработените, кои не можат да врзат крај со крај... Ама за фотки сега простор колку сакаш, ...ај сине трчни, поиграј се во новата спортска сала, ќе ти мине желбата за леб!!!!“, коментира Весна Петрова.

Ангел Биков вели дека во статијата сė е на место напишано, а Вфорвендета забележал: „Партиски или не, ситуацијата е алармантна. На 450 илјади иселени невработеноста не може да мрдне под 30 отсто, што значи економијата не се движи, џабе статистики за БДП и ШМДП“.

И еден друг текст со слична содржина, „Со 1600 денари тешко се излегува на крај “, исто така предизвикал дебата со коментари про и контра очебијните факти. Борче од Скопје е задоволен што нашата редакција објавува вакви прилози, па вели: „Ова пишувајте го, не само политика. Каде е хуманоста, каде е Владата, министрите, опозицијата? Се расправаат за тешки милиони, споменици, буџети, а некој ни за леб нема... Ајде политичарите навистина да им помагаат на обични луѓе, а не да прават телевизиски шоуа за вработување на партиски војници“. Ренато од Кичево напишал: „Господ нека им е напомош, зашто никој друг нема да им помогне“.

А во врска со информацијата за судењето на Паско Кузман, Незабеган напишал дека секоја револуција си ги јаде своите деца, а Загоридивиди вели: „Абе Паско, Паско... никој не ти е крив што не го најде тоа богатство, да го најдеше, сега друга песна ќе беше“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG