Достапни линкови

Субрата и „името“ повторно во фокусот на неделниците


Балканскиот мировен фестивал.

Балканскиот мировен фестивал.

Република се занимава со ставовите на СДСМ за името, а Гобус го анализира мировниот фестивал на Субрата Рој.

Република во својот уводник го користи истапот на српскиот патријарх Иринеј, кој на прославата на јубилејот на православието, во Ниш, преведувајќи го поздравниот говор на вселенскиот патријарх Вартоломеј самиот си додаде дека Македонската православна црква е парацрковна организација, за да ја нападне опозициската СДСМ, која, како што пишува, „преку професор Љубомир Фрчковски, на една дебата ја откри формулата на опозициската партија за брзо решение на спорот за името“ - дека решението е Горна Македонија.
Ако опозицијата смета дека власта го држи народот во заложништво со непопустливиот став и дека проблемот лежи во премиерот Груевски... тогаш, нека преговара самата и потоа нека излезат на избори... па народот сам нека реши по кој пат ќе оди.

Република - Вартоломеј и СДСМ

Уводничарот ги прозива и вселенскиот патријарх Вартоломеј и СДСМ дека не дале дополнително објаснување за новопрезентираните ставови, со нагласка дека немало логично образложение за молкот од Бихаќка, како поблиска дестинација, и дека ставот е речиси идентичен со ставовите на грчката страна. „Ако опозицијата смета дека власта го држи народот во заложништво со непопустливиот став и дека проблемот лежи во премиерот Груевски... тогаш, нека преговара самата и потоа нека излезат на избори... па народот сам нека реши по кој пат ќе оди“. Република смета дека сето друго било глумење за лажна загриженост на сметка на националните интереси.

Глобус - забавата на Субрата, млатење празна слама

И уште еднаш за Балканскиот мировен фестивал организиран од фирмата на Субрата Рој, „Сахара“, а под покровителство на Владата. Во колумната „Таленти“ во најновиот он-лајн Глобус, главната нишка е дека она што се случуваше на скопскиот плоштад и во салата на старо-новиот театар било лакрдија, приватна забава. „Настанот не беше ниту балкански, ниту мировен, туку примитивна локална забава со играње, пеење и млатење празна слама“, пишува авторот на колумната, додавајќи дека тоа било „манифестација надвор од просторот и времето која ниту според името, а уште помалку според пораките, кои не стигнаа подалеку од плоштадот, беше далеку од големите претензии - да го поттикне мирот во светот“.

Глобус потсетува дека биле најавени високи гости од соседството, ама не било спомнато ниту едно име, а соседните држави ја игнорираа забавата на ортаците и тоа со право: Балканот одамна веќе не е политичка одредница. Денес е само географски поим и како таков не може да влезе во Европа, пишува Глобус, за да наведе дека е тешко да се разберат вистинските мотиви на организаторите и покровителите на манифестацијата: Балканот веќе не „буре барут“, на кое му треба мировна иницијатива и треба да си забеган, надвор од времето и просторот, па да организираш манифестација која нема ни идеја ни цел. Ни глава ни опаш, завршува неделникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG