Достапни линкови

Апсења, ребаланс и вработувања, интересни за медиумите


МВР е мошне ефикасен, почна битката за новиот буџет, електронска акција за вработување, се топ темите за кои известуваа медиумите.

МВР е мошне ефикасен. Катаден открива и запленува дрога, апси криминалци, без почитување на презумпцијата на невиност и без случајот и да стигне до судот, неговиот портпарол изјавува дека полицијата веќе има обезбедено докази за кривично гонење (Иво Котевски за Сител ТВ за најновиот случај со Шиповиќ).
Социјалдемократот и претседател на Советот на Општина Центар Шиповиќ се бара за криминал од милион евра.

„Социјалдемократот и претседател на Советот на Општина Центар Шиповиќ се бара за криминал од милион евра“, објави Дневник, а тој да ти биде кај синот во Америка и достапен на телефон (Телма ТВ). Утрински ја објави реакцијата на СДСМ: „Шиповиќ не е во бегство, акцијата е политичка“.

Почна битката за новиот буџет. „Ребалансот ја покачи температурата во Собранието“, пишува Утрински, а нивото на дебатата за најважниот финансиски документ на една држава се гледа по насловот објавен во Вечер. На прашањето на Шеќеринска колку чинат роуд-шоуата на владата,
Ставревски одговори дека чинат „колку ѓерданите на Шеќеринска“.

„Политичарите како чорбаџијата што му купил џигер на сиромашниот“, насловува Нова Македонија по електронската акција за вработување на 1600 невработени: „Ниту една власт, од која и да е партија, не ја пропушта можноста на големо да ја промовира хуманитарната улога кога им помага на сиромашните, што се виде и со последната акција за вработување“, пишува весникот. Утрински пресметал дека новите вработувања, заедно со најавените во полицијата и здравството ќе ја оптоварат фискалната каса за нови 9 милиони евра годишно, во ситуација кога, на пример, Србија најави намалување на платите во јавниот сектор и заштеди од 200 до 300 милиони евра. Главна црковна вест во политиката или обратно, ако сакате, е дека „Македонија го фати во лага српскиот владика Иринеј“, како што објавија сите медиуми. Нова Македонија дури оди со наслов: „Вселенската патријаршија говори со устата на српската“.

Вечер, оркестрирано со Сител ТВ ја турка тезата за тоа дека СДСМ е за промена на името на земјава, овој пат со Фрчковски: „Ако грчкиот не помине, СДСМ има нов предлог за промена на името - само Горна Македонија“. Но најважно од сè, се чини, е дека „Субрата Рој, пред да си замине од Македонија, ја посетил својата идна млекарница во Џумајлија“, објави Вечер. А владејачката и најголемата опозициска партија се караат и околу Избирачкиот список. Претседателските се ближат, а се чини и оние предвремените парламентарни.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG