Достапни линкови

Чашулевата „Вејка на ветрот“ за отворање на Театар Фабрика


Вејка на ветрот во режија на Ирена Стериовска.
Вејка на ветрот во режија на Ирена Стериовска.

Со саботната премиера на „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, првата современа македонска драма, во режија на Ирена Стеријовска, и официјално ќе започне со работа новиот независен театар „Фабрика“. Зад него стои група на млади автори кои се водени од заедничката потреба да се креира, промовира и живее театар, а во првиот нивни проект играат Кристина Ласовска, Рубенс Муратовски, Атанас Атанасовски и Драгана Левенска.

Нашиот императив е да бидеме во чекор со постојаната прогресија на театарската уметност, да создадеме здрав алтернативен простор, кој не подразбира извесна географска одредница, туку авангарден духовен и интелектуален простор во кој ќе се продуцираат нови идеи. Во новиот простор наречен Театар Фабрика нашата мисија ќе биде да создаваме подобри светови, да раѓаме посилни ликови, да скицираме постабилни општествени и индивидуални постулати, што е впрочем и универзалната функција на театарот како принцип.
Ќе се стремиме кон добар театар, кон вистински театар. Ќе се стремиме кон создавање на уметност. Ќе се трудиме постојано да бидеме актуелни на начин на кој ние како театарџии сметаме дека театарот заслужува да биде.
Ирена Стеријовска, режисерка.

Ова ќе го запишат во својот проглас основачите на новиот независен театар „Фабрика“, групата на млади уметници кои своето ново и неизвесно културно патешествие го започнаа водени од заедничката потреба да креираат, работат, промовираат и да живеат театар.

Јас ќе ви кажам дека ми е навистина бескрајно задоволство да играм лик кој што е еден од најубаво напишаните ликови во македонската драматургија и во една од најубавите пиеси која што е напишана на македонски јазик. Со совршено, буквално совршено напишани четири лика било кој мижеечки да го одбереш. Велат дека овој текст како и да го фрлиш на нозе ќе се дочека.
Рубенс Муратовски, актер.
„Ќе се стремиме кон добар театар, кон вистински театар. Ќе се стремиме кон создавање на уметност. Ќе се трудиме постојано да бидеме актуелни на начин на кој ние како театарџии сметаме дека театарот заслужува да биде“, вели Ирена Стеријовска, режисерката која го потпишува новото читање на „Вејка на ветрот“, култниот текст на Коле Чашуле со кој ќе биде означен официјалниот почеток на делувањето на театар „Фабрика“.

Стеријовска, која по дипломирањето на Универзитетот ЕСРА зад себе има десетина театарски претстави и која пролетва на сцената на Народниот театар во Охрид ја режираше мрожековата „Емигранти“, дополнува дека не случајно е одбран еден голем автор како Чашуле за отворањето и дека големината на секој театар во било која држава доаѓа од домашната драматургија.

„Она што Коле Чашуле го остави како наследство, како пишан збор, е нешто што не смее да се заборави. Во недостаток на толку големи имиња денеска, јас како режисер решив да спроведам некакво ново читање, современо читање на она што се вика култна македонска драматургија“, вели таа.
Не е едноставно да си заминеш и да си речеш е по ова ништо не важи. Не, напротив. Мислам дека овде треба да се создаваат нови, поцврсти структури и форми и не само во театарот туку и во животот и ние тоа да го пренесеме таму некаде како нешто добро што излегло одовде.
Кристина Ласовска, актерка.

Во оваа приказна која се занимава со отуѓеноста како принцип, со борбата помеѓу илузијата на среќа и неможноста да се дофати истата и која патем отвора низа прашања за некои општествени феномени во Македонија од почетокот и средината на минатиот век до денес, играат Кристина Ласовска, Рубенс Муратовски, Атанас Атанасовски и Драгана Левенска.

За искусниот Муратовски, создавањето на нов театар е како да учествуваш во изградбата на нова држава, нова црква и затоа тој нималку не го крие задоволството што е дел од екипата ентузијасти која не само што се решила на таков храбар потег, туку притоа посегнала по дело на еден од темелниците на македонската драматургија.
Ирена Стериjовска, режисерка.
Ирена Стериjовска, режисерка.

„Јас ќе ви кажам дека ми е навистина бескрајно задоволство да играм лик кој што е еден од најубаво напишаните ликови во македонската драматургија и во една од најубавите пиеси која што е напишана на македонски јазик. Со совршено, буквално совршено напишани четири лика било кој мижеечки да го одбереш. Велат дека овој текст како и да го фрлиш на нозе ќе се дочека. Никогаш не сум окривувал човек кој си оди од нашава татковина. Сигурно дека оди таму некаде за еден касај леб. Мора да си ја прехрани фамилијата или што и да е. Мојот ментален склоп вели дека би требало да останам овде и да помогнам онолку колку што ми дал бог и колку што јас самиот ќе работам. Мислам дека тогаш навистина ќе имаме поголем напредок и прогрес. Да, убаво е да се отиде надвор за да чуе светот за нас, но убеден сум дека главната работа тука треба да ја завршиме. Никогаш не може да има многу театри во еден град. Скопје и Македонија имаат доволно едуцирана театарска публика која ќе знае да го одбере најдоброто“, вели Муратовски.

Кристина Ласовска, пак, потенцира дека им припаѓа на оние на кои им е работа да веруваат и дека ликот на Магда поради комплексноста за неа бил голем предизвик.

„Не е едноставно да си заминеш и да си речеш е по ова ништо не важи. Не, напротив. Мислам дека овде треба да се создаваат нови, поцврсти структури и форми и не само во театарот туку и во животот и ние тоа да го пренесеме таму некаде како нешто добро што излегло одовде“, вели Ласовска.

Инаку, премиерата и првата реприза на „Вејка на ветрот“ на театар „Фабрика“ ќе се одржат в сабота и недела, на 12 и 13 октомври, од 20 часот во Драмски театар (кој логистички го поддржа овој проект), а потем за секој нареден исчекор ќе се бараат нови и алтернативни простори во градов и во државата.

Кон ова само уште информацијата дека до крајот на овој месец ќе се случи и новата премиера за која уште од сега се вели дека со својата естетика несомнено ќе го предизвика вниманието на љубителите на театарот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG