Достапни линкови

Две децении дипломатски успеси и неуспеси


Се одбележуваат две децении од воспоставувањето на дипломатски односи на Македонија со повеќе од дваесетина земји. Кои се најголемите успеси и неуспеси на дипломатијата во изминативе две децении?

Македонија успеа да опстои како држава и да не влезе во виорот на крвавите војни на просторите на поранешна Југославија во 90-тите години. Ова, според нашите соговорници, искусните дипломати Денко Малески и Ристо Никовски, се најголемите успеси на македонската дипломатија во изминативе 20 години.
Ако големите потези на државата не се повлечат исправно, тогаш малку може да направат дипломатите на своите приеми или во своите преговори. Многу е важно државата да го држи вистинскиот курс.
Денко Малески, универзитетски професор, поранешен министер за надворешни работи.

Во Македонската опера и балет вечерва свечено се одбележува дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатски односи на Република Македонија со повеќе од дваесетина земји.

Поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески вели дека најголем успех на Македонија е што успеа да стане самостојна држава без да плати данок во крв. Искусниот дипломат Ристо Никовски вели дека најголем успех е што Македонија опстана и се развива релативно добро, и покрај песимистичките прогнози од пред две децении. Тоа што околу 140 земји ја признаа Македонија под уставното име е голема дипломатска победа, а голем успех е и Хашката пресуда грчкото вето за влез во НАТО, вели тој.
Сето тоа што се правеше во голем дел не зависеше од Македонија. И приемот во ОН беше во аранжман на главните светски сили, Времената спогодба беше наметната, војната од 2001 година беше организирана и менаџирана од главниот светски фактор, блокадата што ја доживеавме во Букурешт не е резултат на грчката политика туку многу пошироко.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Малески вели дека најголем неуспех, пак, е тоа што Уставот од 1991 година дозволил мајоризација над малцинствата што доведе до конфликтот од 2001 година. Неуспех е и тоа што не успеавме да видиме што во нашата интерпретацијата на историјата ги вознемирува соседите и да изградиме модерен концепт на развој на Македонија, вели Малески.

„Тоа се во глобала големите потези. Ако големите потези на државата не се повлечат исправно, тогаш малку може да направат дипломатите на своите приеми или во своите преговори. Многу е важно државата да го држи вистинскиот курс“, вели Малески.

Никовски, пак, вели дека нема поголеми дипломатски неуспеси.

„Сето тоа што се правеше во голем дел не зависеше од Македонија. И приемот во ОН беше во аранжман на главните светски сили, Времената спогодба беше наметната, војната од 2001 година беше организирана и менаџирана од главниот светски фактор, блокадата што ја доживеавме во Букурешт не е резултат на грчката политика туку многу пошироко“, вели Никовски.

Малески со задоволство се сеќава на 17 март 1992 година, кога Македонија воспостави дипломатски односи со првата земја – Словенија, што според него бил дипломатски успех. Раскажува како претседателот Киро Глигоров и тој како министер за надворешни работи на скопскиот аеродром ги пречекувале словенечкиот претседател Милан Кучан и шефот на дипломатијата Димитри Рупел.

„Денот беше страотно ветровит. Имаше скромно поставено плато за дочек на странскиот гостин на оној аеродром во Петровец, кој се сеќавате како изгледаше тогаш, имаше некое чергиче ставено како црвен килим, имаше цела група на музичари од воениот оркестар кои требаше да ги интонираат химните и тука со претседателот стоевме на таа ветрометина. Одеднаш јавија дека за кратко ќе се одложи доаѓањето на гостите, бидејќи авионот нешто доцни. Музичарите смрзнаа на пистата и втрчаа во еден хангар во близина. Претседателот Глигоров и јас стоевме на пистата уште некое време, премрзнавме и ние па влеговме заедно повторно во хангарот за да не измрзнеме на пистата. Стоевме 15-20 минути сите заедно стутулени во хангарот, чекајќи да се појави авионот со Кучан и со Рупел на небото. Кога се појави, оркестарот набрзина истрча и се построи, ние застанавме, авионот слета, на тој студ ми се чинеше дека му треба цела вечност да стигне до местото. Кога излегоа се поздравивме и тоа беше таа прва официјална посета на шеф на држава кој доаѓа со својот министер за да склучиме дипломатски односи. Јас би рекол дека тоа беше една прилична победа за Македонија“, се присеќава Малески.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG