Достапни линкови

Обама - Облаци над кредибилитетот на САД


Американскиот претседател Барак Обама изјави дека делумното затворање на владата предизвикано од неуспехот во Конгресот околу новиот буџет го нарушува американскиот кредибилитет во светот. Тој ги повика републиканците да ги прекинат уцените и да дозволат нормално финансирање на владата.

Претседателот Барак Обама во обраќањето пред новинарите во Белата куќа не го криеше разочарувањето во врска со блокадата на владата.

„Веќе оваа недела пропуштив важни средби во Азија за промовирање на американскиот бизнис. Тоа му нанесува штета на нашиот кредибилитет во светот. Тоа не прави да изгледаме дека не дејствуваме заедно“, рече Обама на осмиот ден од делумното затворање на владата.


Претходно, тој, како што беше соопштено од неговиот кабинет, му телефонирал на спикерот на Претставничкиот дом републиканецот Џон Бенер за да разговараат за можното решение на кризата.
Ова нема да биде решено и ние нема да ги смириме кредиторите се додека тие не видат дека спикерот Бенер не го ослободи законот за повторно отворање на владата и за овластување на министерството за финансии да ги плати нашите сметки навреме. Се додека не го видат тоа ќе има облаци над американскиот економски кредибилитет.
Барак Обама, претседател на САД.

Републиканците, особено нивната конзервативна фракција позната како „Ти парти“, бараат промени во планот за здравствена заштита, наречен „Обамакер“, во замена за нивната согасност за нормален рутински привремен буџет за новата фискална година.

Обама инсистира одобрувањето на таквиот буџет да биде одвоено од несогласувањата околу здравството. Поради немањето буџет, владините служби работат ограничено и на стотици илјади федерални работници им е кажано да останат дома.

„Не можеме изнудата да ја направиме дел од нашата демократија“, оцени Обама, додавајќи дека демократијата не функционира на таков начин.

Тој исто така ги предупреди републиканците да не го блокираат претстојното гласање за владината способност да позајмува пари, која веројатност може да го интензивира метежот во Вашингтон.

Доколку Конгресот не успее да го одобри зголемувањето на нивото на федералното задолжување до 17 октомври, Соединетите Држави нема да можат да ги исплаќаат своите сметки и да ги исполнуваат своите обврски.

Кина е најголемиот странски сопственик на американски обврзници чија вредност е 1277 билиони долари.
Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бенер.
Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бенер.

Меѓународниот монетарен фонд, пак, предупреди дека неуспехот да се зголеми лимитот, би можело сериозно да и наштети на глобалната економија.

„Ова нема да биде решено и ние нема да ги смириме кредиторите се додека тие не видат дека спикерот Бенер не го ослободи законот за повторно отворање на владата и за овластување на Министерството за финансии да ги плати нашите сметки навреме. Се додека не го видат тоа, ќе има облаци над американскиот економски кредибилитет.“

Веднаш по обраќањето на Обама, од канцеларијата на Бенер беше соопштено дека претседателот во телефонскиот разговор рекол оти и натаму не сакал да преговара за завршување на делумната блокада или за подигнување на границата на американското задолжување.

Во меѓувреме, ЦИА соопшти дека повикала дел од вработените да се вратат на работа поради неопходноста од продолжување на активностите против заканите за американската национална безбедност.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG