Достапни линкови

Ваши коментари - Евроинтеграции и Субрата Рој


Текстовите посветени на закочените евроинтеграции, како и оние за мировниот фестивал во оганизација на индискиот бизнисмен Субрата Рој се најкоментирани на нашата интернет страна.

Интересни се коментарите на текстот дека „Македонија стои, соседите напредуваат и условуваат“, во кој колешката Мирјана Спасовска ги консултира амбасадорот Благој Зашов и политичкиот аналитичар Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност. Се чини дека на посетителите на нашата веб-страница, кои си го искористиле и правото и слободата да дадат свое мислење за конкретната тема, никако не им бендисува кога се зборува реално за Македонија.
Човекот кој е обвинет за тешки измами, корупции и перење пари во Индија, кој на покана на нашата некорумпирана и антинепотистичка влада (и некорумпираната владејачка партија) доаѓа да не посети и кој може да му биде ментор за докторски студии на нашиов режимски мешетар Амби Бајрам.
Коментар од читател.

Така МК Обсервер смета дека нашиот медиум, што го вбројува во платенички, упорно и дрско разгорува страсти кај читателите на „непостоечки теми“, како што пишува, а Владо се согласува со Миле кој смета дека Македонија е под еден вид агресија за „нејзино бришење од картата на светот“. Некој „Р“ не се согласува со амбасадорот Зашов и смета дека државниот врв имал шанса, и покрај пропустите во водењето на надворешната политика, да се запише во историјата ако го прифати предлогот на Нимиц, името Горна Република Македонија, за што е можно поширока меѓународна употреба.

Некои од нашите граѓани не сакаат да видат и дека во земјава постои корупција, исто како и Субрата Рој кој со изјавата дека Македонија ја избрал за мировниот фестивал како некорумпирана наведе некои политиколози да констатираат дека човекот има смисла за хумор. Незабеган пишува дека Рој може да му биде ментор за докторски студии на „нашиов режимски мешетар Амди Бајрам“, а Пиле кратко и јасно коментирал: „Македонија некорумпирана - хумор или пропаганда=орален секс“. Некој Маседониан 36 вели: „Изгледа ќе имаме нов државјанин зашто Македонија нема договорено екстрадиција со Индија, а Субрата сака да се насели тука со финансиска помош на некои членови на владата, онака, без корупција, како подарок. „М“ само пишува: „Малку му е на овој народ, малку“, а Миле го чувствува нашиот прилог како субверзивна активност против стабилноста на Република Македонија.

Гоца од Скопје, во прилогот „ЕУ- Статус кво за името е веќе неодржливо“ си го кажува своето познато дека „грчката агресија врз Македонија не е спор за името туку има за цел да изврши етноцид врз Македониците“. Миле, пак, им наоѓа маана на консултираните експерти, кои, како што вели, ги застапувале интересите на уценувачите на Македонија, а Владо смета дека изјавите на претставниците на ЕУ и на нивните портпароли се само за да ја заштитат својата неспособност или несакање да ги почитува сопствените правосудни институции.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG