Достапни линкови

Сламков - Не сме пасивни, работиме, без да се фалиме


Ѓорги Сламков
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:17 0:00

Ѓорги Сламков

Наша цел како Комисија не е секој ден да бидеме присутни во медиумите и да се саморекламираме. Кога ќе имаме издржан материјал којшто ќе биде поткрепен со проверки, ние тогаш ќе излеземе и ќе ги кажеме тие податоци, вели претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Ѓорѓи Сламков во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Сламков, дали Комисијата за спречување на корупцијата има различни приоди кон корупцијата во зависност од тоа дали се работи за претставници на власта или на опозицијата, со оглед на тоа дека отворивте постапка за Заев, а експресно реагиравте на пример за министерката Јанкулоска дека имотот е законски стекнат? Сè повеќе ја обвинуваат Комисијата за селективност при работењето.

Државната комисија за спречување на корупцијата работи во согласност со Уставот како базичен документ, правен акт на Република Македонија, работи согласно Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување на судир на интереси, како и Законот за лобирање, се разбира во делот што се однесува на нашите надлежности. Согласно овие документи, основни принципи во работењето се законитост и еднаквост на сите граѓани. Настојуваме да воспоставиме еден систем, согласно законските норми, во којшто без никаква селективност, значи сите граѓани нам ни се исти во своите права и своите обврски, дури ние кога излегуваме во јавноста, дали со иницијативи или со други акти коишто значат натамошен тек на постапката, ние излегуваме со иницијали. Нас не нè интересира името и презимето на лицето, туку нè интересира функцијата што ја врши, јавните овластувања што ги врши и дали тие се пречекорени, односно дали се злоупотребени за лични цели или се согласно законот. За овие шест месеци колку што сум во Комисијата, како член и како нејзин претседател, можат да кажам дека таквите обвинувања се апсолутно неточни. За секој граѓанин ние имаме еднаков пристап согласно законските норми.

Ако постапувате по информации објавени во јавноста, тогаш гледате ли простор да реагирате за она што го посочува и СДСМ? Дали сметате дека треба да ги испитате посочувањата на СДСМ дека во врвот на власта сите се роднини или кумови?

Начинот на работење на Државната комисија за спречување на корупцијата во делот на утврдување на предмети за постапување е воспоставен во смисла да бараме материјални докази. Ние во изминативе неколку месеци имаме отворено повеќе од 10 предмети, многу повеќе. Овој што го спомнавте е само еден од нив и доколку новинарите не прашуваа за него, сигурно и тој немаше да го спомнеме. Ние кога ќе утврдиме дека има некои информации во јавноста коишто укажуваат дека некој носител на јавна функција во неговото поведение има елементи коишто укажуваат на коруптивно однесување или на судир на интереси, ние како Комисија проценуваме дали има простор за отворање на предмет и доколку го отвориме предметот, ние за него не зборуваме, туку работиме, затоа што сè додека се работи на тој предмет, тоа лице го штити презумпцијата на невиност и другите негови права согласно Законот за кривична постапка, што значи дека во моментот кога ние ќе утврдиме дека има иницијатива, тогаш ќе излеземе во јавноста и кажеме, меѓутоа и тогаш ќе ги кажеме со иницијали, а не со име и презиме, односно ќе ја споменеме функцијата којашто тој ја врши. Тоа значи дека станува збор за материјално издржан начин на работење. Наша цел како Комисија не е секој ден да бидеме присутни во медиумите и да се саморекламираме. Јас лично сметам дека нема потреба да се зборува за предмети што се во тек. Тоа е само непотребно изнесување на околности кои се однесуваат на таа личност, меѓутоа кога ќе имаме издржан материјал којшто ќе биде поткрепен со проверки, ние тогаш ќе излеземе и ќе ги кажеме тие податоци.

Не ве разбрав, дали сметате дека треба да го испитате ова посочување, дали отворивте некаква постапка за ова посочување и дали веќе има нешто во врска со тоа?

Апсолутно. Нас не нè интересира дали луѓето се на власт или се во опозиција. Тоа што политичките партии се борат меѓу себе за власт и притоа како една од темите на расправа им е корупцијата неминовно доведува до приближување кон нашиот домен на работа, доменот на работа на Државната комисија за спречување на корупцијата, меѓутоа нас воопшто не нè интересира таа битка. Нас нè интересира дали има елементи и за секое лице што ќе бидат изнесени податоци ние проверуваме и врз основа на тоа понатаму постапуваме.

И Заев го прозва шефот на УБК Сашо Мијалков дека и тој има незаконски стекнати пари. Дали сметате дека треба да го испитате и овој случај?

Доколку се појават наводи коишто оставаат простор за постапување на Комисијата, се разбира. Сите граѓани, сите носители на јавни функции се исти меѓу себе во своите права и обврски.

До каде е предметот со Заев?

Тоа не можам да ви кажам. За предмети коишто се во тек, ние не зборуваме. Тоа е мој личен став како кривичар, како професор по кривично право, и процесно и материјално, тука го имаме членот 2 од Законот за кривична постапка, презумпција на невиност и јас сум за тоа дека оваа презумпција мора да биде почитувана. Предметот, како и сите други коишто ги работиме, е во тек.

Дали како независно тело имате механизми да разграничите што е партиски реваншизам, а што е корупција и дали борбата против корупцијата страда во овие партиски препукувања? Еве наближуваат претседателските избори, гледаме дека и кампањата вообичаено се води со обвинувања за корупција.

Токму тоа и го споменав. Ова е тема за којашто се пресметуваат политичките партии и токму тука се приближуваат до работата на Комисијата. Се разбира, критики ќе има во една или во друга насока, меѓутоа нас како комисија не нè интересира таа нивна меѓусебна борба. Нас нè интересира дали елементите што се споменати во јавноста или што се утврдени имаат коруптивни основи или судир на интереси па да постапуваме по нив. Нам ни е тоа сосема јасно и ние така постапуваме, согласно законите.

Како тогаш експресно реагиравте за министерката Јанкулоска, а за Заев отворивте постапка?

За Заев бевме прашани од страна на новинарите. Ние немаше да кажеме дали водиме предмет доколку новинарите нè не прашаа конкретно и тоа е единствената информација што им ја дадовме. Сите други информации се дека тој предмет е во тек и мислам дека треба да се прифати како и сите други предмети за коишто ние си имаме тековно постапување и со ништо да не се издвои во таа маса. Во поглед на првиот дел од прашањето за министерката за внатрешни работи, мислам дека самата таа министерка се обрати во јавноста и ја повика Комисијата јавно да се произнесе дали има елементи за обвинувањата на нејзина сметка, но од она што е евидентирано во анкетните листови кај нас, состојбата е таа што е.

Колку претставки сте добиле, дали годинава е зголемен бројот и за колку имате информации дека Јавното обвинителство отворило постапка?

Кога зборуваме за претставки, уште една мора да повторам дека најголем соработник на Државната комисија за спречување на корупцијата во борбата против корупцијата се граѓаните. Секоја претставка којашто стигнува од граѓаните ние ја земаме предвид и ја испитуваме до најситен детаљ со цел да утврдиме дали наводите коишто се содржани во неа се вистинити или не. Значи, од тој аспект ние настојуваме да бидеме што е можно посуштински. Има значителен број на претставки, сега не можам да кажам конкретна бројка, бидејќи тоа и да ви го кажам ќе биде за неколку месеци, меѓутоа сепак точна бројка не можам да ви кажам, бидејќи тоа е постојан процес. Од друга страна, ние како Комисија отвораме предмети по своја иницијатива, не чекаме некој да ни каже дали има или нема корупција, ние самите анализираме дали има и постапуваме по тоа, дали ќе бидат корупциски, дали ќе бидат судир на интереси. Натамошниот тек е, кога ние ќе утврдиме дека има простор за постапување, се обраќаме до надлежна институција, дали ќе биде преку прекршочна постапка, барање за поведување или иницијатива за кривична, тоа е кај надлежните органи. Што се однесува за делот кај Јавниот обвинител, нашите иницијативи одат кај Јавниот обвинител, кој ја врши функцијата на овластен тужител за кривични дела за кои се гони по службена должност, што значи дека од моментот на поднесување на иницијативата, тоа е веќе во негов домен и тој постапува согласно Законот за кривична постапка.

Подолго време се води дебата и за пасивност на Комисијата и за начинот на избор на членови на Комисијата. Колку има шанси Комисијата да биде независна ако членовите ги избира Собранието?

Поставивте три прашања. Првото е во поглед на пасивноста на Комисијата. Може да се забележи во одредени медиуми дека постојано од страна на одредени лица се истакнува таа теза дека Комисијата е пасивна, дека не гледа некои работи, станува збор за состојба во која повеќе пати се кажува една информација и се настојува таа информација како таква да биде вградена во свеста на луѓето. Апсолутно не се согласувам со таквото тврдење. Државната комисија за спречување на корупцијата со максимално искористување на сите свои ресурси, а морам да кажам дека имаме потреба од јакнење на капацитетите во делот на секретаријатот, посебно во одредени одделенија, со максимално искористување значи настојува да ги извршува сите свои обврски. Како информација, од завршување на изборите па до средината на летото беа поднесени 1.700 анкетни листови на лица на коишто им почнува или им завршува мандатот, а само едно лице имаме во тоа одделение коешто треба да ги евидентира сите тие состојби. Слична е состојбата и со судир на интереси, што значи дека кај нас е потребно кадровско јакнење на институцијата внатре, во делот на секретаријатот за да бидеме поуспешни во своето работење. Не сме пасивни, далеку од тоа, но прашањето можеби е зошто толку нè нема во јавност. Ви кажав, наша цел, моја како претседател, но и на членовите на Комисијата не е секој ден да се рекламираме во медиуми, да излегуваме со секакви изјави и да кажеме до каде е некој предмет. Наша цел е сето она што го работиме да биде материјално поткрепено и на крајот, кога ќе излеземе со одредена иницијатива или, пак, со барање за поведување прекршочна постапка или иницијатива за разрешување на некој функционер или за јавна опомена, тоа да биде издржано, а не во натамошната постапка тоа да падне пред друга институција.

Подолго време се води дебата и за начинот на избор на членови на Комисијата. Постои ли шанса Комисијата да делува независно ако членовите ги избира Собранието?

Јас не гледам зошто Комисијата да не може да делува независно. Комисијата, согласно Законот за спречување на корупцијата, ја избира Собранието. Лицата коишто се пријавуваат се пријавуваат на јавен конкурс и потоа се избираат во Собранието. Вие треба да погледнете во биографиите на членовите на Комисијата, па потоа да кажете дали овие лица имаат компетенции или не. Значи, прво тоа ќе го анализирате, а второ, од досегашното мое искуство како член и претседател на оваа Комисија, апсолутно да, никакви притисоци, Комисијата си работи согласно своите законски надлежности и врз основа на нив да покаже резултати во своето работење.

Сакате да кажете дека не сметате дека постои начин поинаку да биде поставена Антикорупциската комисија?

Тоа е веќе прашање на законодавниот дом, тие го носат законот.

Се добива впечаток во јавноста дека борбата против корупцијата е преместена и наместо да се води во институциите, се води во политички амбиент, она што претходно го зборувавме. Постојано се вели дека корупцијата главно е сконцентрирана во државните институции, но најтешко е тука да се работи, никој како да нема храброст да чепка таму.

Кога зборуваме за борба против корупцијата, ние, согласно Законот за спречување на корупцијата, подразбираме злоупотреба на овластувања од страна на избрани или именувани лица, како и други лица коишто се одговорни во правни лица коишто располагаат со државен капитал. Тоа е централниот предмет на наша работа, тоа се државните институции и ние работиме токму на таа проблематика. Мене ми е нејасно кој дел од прашањето е спорен, бидејќи тоа е доменот на наше работење.

Не покажавте храброст да се испитаат случаи за корупција за претставници од државните институции. Досега не сме виделе такво нешто, случај на корупција на претставник од државна институција.

Мислите од повисоките ешалони, логично е така да го поставите прашањето. Ние како Комисија имаме голем број на предмети за разни субјекти од разни позиции во општеството и ние како Комисија ќе излеземе во јавноста, ќе покажеме податоци, во оној момент кога ќе бидеме сигурни дека во тие предмети навистина постојат материјални докази за одредено коруптивно однесување или судир на интереси. Значи, се работи и ќе се изнесе во оној момент кога ќе има простор. Законот за кривична постапка вели основи за сомневање како простор за поднесување кривична пријава. Ние настојуваме тие основи за сомневање на ги приближиме до основано сомневање, значи што е можно повеќе да му ја олесниме работата на Јавниот обвинител за да потоа тој преку основаното сомневање да си продолжи во натамошниот тек на постапката. Бараме значи што е можно посилна материјална поткрепеност.

Дали Комисијата во меѓувреме се занимава со споредни работи, еве сега се испитуваат случаи на судир на интереси и на корупција во внатрешноста, имавме случај во Демир Хисар, а на страна се оставени државните институции?

Апсолутно, судирот на интереси е еден од нашите домени на работа. Во медиумите деновиве беа наведени некои елементи за судир на интереси во некои училишта и бидејќи таква е праксата, да не ги изнесуваме работите додека се во тек, но јас можам да кажам дека за голем број од тие работи за коишто се препукуваат во јавноста, ние веќе си водиме предмети.

Пред неколку дена индискиот бизнисмен Субрата Рој рече дека дошол во Македонија затоа што нема корупција. Дали тоа значи дека веќе нема работа за оваа институција и се согласувате ли со оваа констатација?

Не сум ја слушнал таа изјава и не би сакал ни да ја коментирам. Државната комисија за спречување на корупцијата е специјализирано тело во Република Македонија за борба против корупцијата којашто соработува со сите антикорупциски тела од регионот. Ова не е проблем на Република Македонија, ова е регионален проблем. Скоро имаше објавено една информација од Транспаренси интернејшнал за 2013 година, испитување на довербата на граѓаните во институциите. Дури и загрижувачки беа податоците коишто ги добивме од некои други земји во регионот, на пример во Грција каде што 90 отсто од населението смета дека има висок степен на корупција кај носителите на политички функции, Србија, Хрватска, значи ние сме блиску до нив со тие бројки, но не во такви екстремни форми. Корупцијата секаде ја има, корупцијата постои, таа постои со појавата на самото човештво, тоа е нешто што ние мора да го менуваме, како со превентивни, така и со репресивни мерки. Ние како Комисија преземаме голем број на превентивни активности. Еве како пример, можеби некому ќе му изгледа незначајно, меѓутоа во моментов со Министерството за образование и наука спроведуваме еден проект за едукација на учениците од основните училишта за антикорупциско поведение. Тоа се воглавно ученици од седмо одделение, го спроведовме како пилот проект во неколку основни училишта минатата година, сега ќе одиме на територијата на целата држава. Сакаме да тргнеме од свеста кај граѓаните. За овие 20 години транзиција во Република Македонија, болен процес, транзицијата донесе многу негативни појави, една од нив е корупцијата, сиромаштија, невработеност, меѓутоа корупцијата е една од нив и таа негативна појава се вгради некако во свеста на категориите граѓани коишто мораа да поминуваат низ таа транзиција. Некои тоа дури го сфатија како нормална појава или, пак, на полесен начин да се стигне до целта. Ние како Комисија тргнуваме од тоа дека треба да се делува од најрана возраст, да изградиме една нова свест кај граѓаните за тоа дека оваа појава има катастрофално штетни последици, како по развојот на демократското општество, така и по човековите слободи и права. Во исто време, превенција да, но и репресија и апсолутно како Комисија, ние бараме надлежните органи, а тоа се пред сè судовите, кога ќе имаат некој предмет за корупција, тој да не заврши со условна осуда, тој да не заврши со минимална парична казна или кратка затворска казна, ние бараме конфискација, проширена конфискација, судење во разумен рок, што значи дека сакаме тие мерки коишто ги пропагираме, за коишто се бориме да имаат ефект, меѓутоа конечниот ефект не зависи само од нас, бидејќи ние сме само една од алките во системот, натамошниот тек е обвинителот, судовите и казнените институции.

Господине Сламков, и од надвор постојано ни доаѓаат посочувања за корупцијата, значи таа не е нова појава па сега првпат да се справуваме со неа, се споменува судството и финансирањето на политичките партии.

Кога зборуваме за финансирањето на политичките партии, ние пред неколку дена имавме и јавна дебата, имаше и истражување токму на оваа тема, како за квалитативна, така и за квантитативна анализа. Се разбира, тоа е простор каде што има многу отворени прашања за делување и не случајно, ако ја имате погледнато државната програма, првиот сектор од државната програма е токму овој, политичкиот сектор, каде што двата први проблеми, ризични фактори, се врзани со финансирање со кампањата на партиите или, пак, за нивното редовно финансирање и ние како Комисија внатре имаме предвидено активности со рок за реализација коишто се врзани токму со ова прашање, измени во изборното законодавство, како и во Законот за финансирање на политичките партии со цел тој простор за какви било злоупотреби да биде стеснет.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG