Достапни линкови

Како се ширеше Златна зора?


Лидерот на грчката Златна Зора Никос Михалолиакос.

Лидерот на грчката Златна Зора Никос Михалолиакос.

Лидерот на грчката Златна зора Никос Михалолиакос вчера е префрлен во строго чуваниот затвор Коридалос во западниот дел на Атина, откако беше обвинет дека предводел криминална организација. Тој е прв грчки партиски лидер кој се најде зад решетки во последниве три децении. Владата најави дека тоа е само почеток во справувањето со ова неонацистичка партија која доживеа вистински подем за време должничката криза во земјата.

По една тепачка во Атина во почетокот на минатиот месец во која членови на Комунистичката партија на Грција кои лепеле плакати биле претепани од припадници на неонацистичката Златна зора еден од сведоците, како што пишува весникот „Та Неа“ извикал:
Ова е најдинамичниот третман против неонацистичка криминална организација во европската, а можеби и во светската историја.

„Па тие напаѓаат Грци? Јас мислев дека тие напаѓаат само странци.“

Откако го консолидираа своето присуство во јавноста со напади врз имигранти, членовите на оваа партија постепено ја менуваа нивната стратегија.

Се фокусираа врз создавање локални ќелии особено во посиромашните места. Само за еден месец, октомври лани, во Грција беа формирани 15 нови локални организации на Златна зора.
Демократијата во нашата земја е силна. Целиот правен систем беше покренат за да се справиме со оваа тешка ситуација со која се соочуваме. Ние сме правна земја и морам да кажам дека секој ќе има фер судење.

„Не сакаме опортунисти во нашите редови“, изјави тогаш лидерот Никос Михалолиакос, додавајќи дека ширењето на организацијата било строго контролирано.

За некој приврзаник да влезе во партијата тој треба да има препораки од повеќе членови по што една година бил на проба. Ако ги исполнувал критериумите, тогаш добивал маскирни панталони и црна маица, но и задачи: од обезбедување на собири до разнесување литература, најчесто по двајца. Како војници.

Тие исто така биле вклучени во акциите за давање храна само за Грци. Членовите на Златна зора особено биле фокусирани врз семејства со финансиски проблеми, ветувајќи им дека ќе им ги платат долговите или сметките за струја и вода. На други, пак, им ветувале вработување.

Но, како што наведуваат грчките медиуми, тешко е да се најде некој кој би бил подготвен јавно да проговори дека прифатил помош од Златна зора.

На изборите оваа партија успеа да влезе со 18 пратеници во парламентот, но со тоа се зголеми и бројот на инциденти врз расистичка основа во кои некогаш биле вклучени и самите пратеници.

Сето тоа кулминираше со убиството на раперот Павлос Фисас од член на Златна зора, по што грчката влада презеде акција против оваа партија.

„Ова е најдинамичниот третман против неонацистичка криминална организација во европската, а можеби и во светската историја“, изјави портпаролот на владата Симос Кедикоглу, најавувајќи продолжување на истрагата, додека луѓе облечени во маскирни панталони и црни маици пред судот во Атина извикуваа „Крв, чест, Златна зора“.

Грчкиот министер за правда Хараламбос Атанасиу ветува фер судски процес.

„Демократијата во нашата земја е силна. Целиот правен систем беше покренат за да се справиме со оваа тешка ситуација со која се соочуваме. Ние сме правна земја и морам да кажам дека секој ќе има фер судење“, рече Атанасиу.

Според некои наводи, владата презела и акција за убедување на 400 илјади Грци кои гласаа за оваа партија дека погрешиле.

Во Грција се интензивираа и споредбите на активностите на Златна зора со слични такви организации во светот. Германскиот експерт Дирк Борстел вели дека тоа не е случајно:

„Сето тоа го имаме видено и во Германија. Всушност тоа покажува дека овие групи се во постојан контакт и координација“, вели тој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG