Достапни линкови

МЗТ Скопје ги почнува настапите во АБА лигата


Кошаркарите на МЗТ Скопје задутре, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, играат против словенечката Унион Олимпија во првиот натпревар од АБА(Јадранската) лига.

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром в петок ја започнува новата авантура во реномираната АБА (Јадранска) лига. За „металците“ ова ќе биде втор настап во натпреварувањето составено од најдобрите клубови во поранешните југословенски републики, а во него влегуваат со осетно променет состав, откако покрај новиот тренер Влада Вукоичиќ, летоска негови членови станаа и Американецот Џастин Рејнолдс, потоа Србите Урош Лучиќ и Стефан Синовец, како и домашните засилувања Аxлександар Костоски и Љубомир Младеновски.
Да, одиме чекор понапред, сакаме оваа година да се пласираме директно во Еврокупот, што не беше случај минатата сезона, кога ни фалеше една победа. Мислам дека имаме добар тим, конкурентен за да бидеме горе на табелата. Добро сме подготвени имавме неколку контролни натпревари, можеби ни треба уште малку време за да се воиграме, но, мислам дека ќе сме добро подготвени за новата сезона. Па здравје, ќе видиме како ќе биде.
Дамјан Стојановски, кошаркар во МЗТ Скопје.

Општо е мислењето дека овие кошаркари го зголемија квалитетот на тимот од Аеродром, па затоа сега неговата цел во АБА е пласман за барем една позиција подобар од ланското седмо место, односно обезбедување учество во второто по квалитет европско клупско натпреварување – УЛЕБ купот.

„Да, одиме чекор понапред, сакаме оваа година да се пласираме директно во Еврокупот, што не беше случај минатата сезона, кога ни фалеше една победа. Мислам дека имаме добар тим, конкурентен за да бидеме горе на табелата. Добро сме подготвени имавме неколку контролни натпревари, можеби ни треба уште малку време за да се воиграме, но, мислам дека ќе сме добро подготвени за новата сезона. Па здравје, ќе видиме како ќе биде“, изјави еден од главните адути на „металците“, македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски.

Првата можност да ги оправдаат овие амбиции, тој и неговите соиграчи ќе ја имаат задутре, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, против словенечката Унион Олимпија. Станува збор за еден од фаворитите за висок пласман и екипа на чија клупа седи сега поранешниот тренер на МЗТ и македонски селектор, Алеш Пипан. Ова и дава посебна тежина на пресметката со клубот од Љубљана, но, и не го намалува оптимизмот кај нашиот претставник во АБА.

„Знаеме дека Алеш Пипан е тренер таму. Знаеме дека е добар тренер, сигурно добро ќе ја подготви екипата за нас. Дел од играчите не знае, дел не ги знае, па ќе видиме, мислам дека ќе биде интересен меч. Ние сме подготвени за тој натпревар и ќе одиме на победа. Сакаме и сме подготвени да стартуваме победнички. Како што стартувавме и минатата година, мислам дека ќе стартуваме и оваа така“, додаде Дамјан Стојановски.

Инаку, покрај со Унион Олимпија, во наредните 7 месеци МЗТ Скопје Аеродром во АБА лигата по два пати ќе се сретне и со бранителот на трофејот Партизан, вицепрвакот Црвена Звезда, исто така српските клубови Раднички и Мега Визура, со хрватските Цибона, Цедевита и Задар, со босанските Игокеа и Широки, како и со словенечката Крка, со црногорскиот Будуќност и со унгарскиот Шолнок.
XS
SM
MD
LG