Достапни линкови

Како до решавање на сообраќајниот хаос во Куманово?


Илустрација.
Илустрација.

Кога пред шест децении биле проектирани сообраќајниците, во Куманово имало само околу пет-шест илјади возила, а сега има околу 40 илјади возила.

Во Куманово, градот во кој пред шест децении се проектирани сообраќајниците, кога имало само околу пет-шест илјади возила, тешко може да се елиминира сообраќајниот метеж, бидејќи сега бројот на возилата изнесува 40 илјади, вели градоначалникот Зоран Дамјановски. Проблем се и паркинзите, а сообраќајната (не)култура, несовесноста, несоодветно однесување на возачите е друга тема.
Многу е тешко на еден така профилиран град, на дадена инфраструктура, да направиш реална претпоставка за еден регуларен сообраќај. Особено кога се знае дека културата и дисциплина е каква што е, бидејќи се гледа дека секојдневно има сообраќајни хавараии. Тоа е она што не се менува со ниту еден акт, ниту една одлука. Одлуката како таква дава димензии само да го растоварува паркирањето или дава некои други можности, но не ја проширува сообраќајната инфраструктура.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

И позиционите и опозиционите советници се согласуваат дека овој проблем треба да се надмине, да се пререгулираат одредени улици во едно или двонасочни во интерес на граѓаните. Но, за да се помине преку централното градско подрачје треба трпение, а понекогаш и умешност на возачите.

„Многу е тешко на еден така профилиран град, на дадена инфраструктура, да направиш реална претпоставка за еден регуларен сообраќај. Особено кога се знае дека културата и дисциплина е каква што е, бидејќи се гледа дека секојдневно има сообраќајни хавараии. Тоа е она што не се менува со ниту еден акт, ниту една одлука. Одлуката како таква дава димензии само да го растоварува паркирањето или дава некои други можности, но не ја проширува сообраќајната инфраструктура“, вели Дамјановски.

Тој додава дека новата студија подразбира многу голема ескпропријација, што ќе чини многу средства, а тоа пак ќе биде тешко изводливо.
Не би се согласил дека тротоарите треба да се паркинг простори. Улиците кои се направени од двонасочни во еднонасочни тие се за паркинг места за да може да функционира локалното ЈП „Куманово-паркинг“ што се покажа дека не е рентабилно.
Саша Николиќ, советник од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово.

„Новата сообраќајна студија ќе биде во насока на постоечката инфраструктура за да ги реши, да ги димензионира можните проблеми во наредните десет години во градот Куманово“, вели тој.

Според Дамјановски, и во многу европски градови во старите јадра не е можно да се одвива динамично сообраќајот, колку и да е тешко за самите граѓани, тоа мора така да се реши.

Советниците од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, и покрај критиките што ги упатуваат на локалната власт, свесни се дека состојбата тешко може да се смени. Факт е дека недостасуваат паркинг простори во централното градско подрачје, а пред неколку години и половина од сообраќајниците и тротоарите се пренаменети за паркинзи со наплата.

Саша Николиќ од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Не би се согласил дека тротоарите треба да се паркинг простори. Улиците кои се направени од двонасочни во еднонасочни тие се за паркинг места за да може да функционира локалното ЈП „Куманово-паркинг“ што се покажа дека не е рентабилно“, вели Николиќ.

Тој смета дека улиците во центарот треба да се вратат на двонасочен сообраќај.

И според Валентина Јовановска од оваа коалиција, еднонасочниот сообраќај е воведен, не за надминување на сообраќајниот метеж, туку за да може да се наплаќа паркирање.

„Тоа значи дека „Куманово паркинг“ удира по џебот на самите граѓани“, вели таа.

Јовановска не се согласува со образложението дека состојбата е таква и во големите светски метрополи.

Душица Сеизовска Јовановиќ од независните советници вели дека во интерес на граѓаните треба да се испочитува нивниот предлог за враќање на двонасочен сообраќај на познатата улица Нагорички сокак („Иво Рибар Лола“), каде што има многу трговски и угостителски објекти, како и мал Зелен пазар.

„И секој нивен предлог ќе биде добредојден за да почне нешто да се решава во сообраќајот“, вели таа.

Максим Димитриевски од Коалицијата на СДСМ, претседател на општинскиот Совет, се согласува со предлогот за враќање на стара состојба на оваа улица, поради што многу од трговците изминатите години претрпеа големи штети и меѓу другото додава:

„Оваа улица нуди техничко решение со еден слеп крак каде што можат да се паркираат такси возила, во близина на Зелениот пазар, лоциран на оваа улица“, вели тој.

Пренасочување на само една улица во Куманово е капка в море во однос на сообраќајните проблеми. Заради тоа постојано се бара помош и поголема ангажираност од сообраќајната полиција која се чини малку е присутна на теренот. И кога е присутна се случува пред нивни очи да поминуваат возила со неприлагодена брзина, возење на мотоцикли и велосипеди по пешачките патеки, па пешаците секогаш се небезбедни. За да се заштитат од ваквите учесници во сообраќајот неопходно е големо внимание, или како што велат кумановци, треба да имаат очи на сите страни за да не се најдат под тркала, макар и да поминат со лесни телесни повреди.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG