Достапни линкови

Богов - Штедните влогови растат и во криза


Тешко е некогаш да се објасни од каде доаѓа тој прилив, меѓутоа укажува дека во економијата има извори коишто создаваат приходи, коишто создаваат потенцијал за штедење, вели гувернерот на Народната банка Димитар Богов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Богов, дали крајот на кризата во еврозоната директно ќе се рефлектира на зголемување на економскиот раст во Република Македонија?

Секако, еврозоната и Европската унија се најголемиот трговски партнер на Република Македонија, најголем дел од нашиот извоз се пласира таму, следствено на тоа побарувачката во еврозоната влијае многу на производството во Македонија. Нас не охрабрија податоците за вториот квартал за оваа година за Бруто домашниот производ, кадешто после шест квартали на негативни резултати, конечно беше остварена позитивна стапка на раст. Очекуваме тоа да продолжи и во наредниот период, свесни сме дека тој раст во еврозоната и во Европската унија, сè уште е многу слаб и многу ранлив, сè уште таму постојат ризици, но оптимизмот е тука, индикаторите коишто секојдневно излегуваат од економијата на еврозоната се главно позитивни, така што очекувањата се дека тоа соодветно ќе се одрази и на растот во македонската економија.

Дали неодамнешната трговска војна која ја имавме со соседно Косово може некако да ги расипе овие математики за овој позитивен раст?

Косово е еден од најголемите наши извозни пазари и секако дека е значаен пазар за Македонија. Тој застој во трговијата беше релативно краток, така што ќе ги видиме податоците за септември кога ќе бидат достапни, меѓутоа се надевам дека тоа нема позначително да ја наруши економската активност во нашата земја.

Прогнозите се дека растот ќе биде околу два, два и пол отсто на годишно ниво. Колку проценти раст се потребни за да можат граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од економскиот раст?

За оваа година нашата проекција сè уште е 2,2 проценти, но по објавувањето на податоците за вториот квартал за БДП, веројатно ќе дојде до поместување нагоре. Ние сега ја започнуваме новата рунда проекции којашто ќе биде готова некаде кон крајот на октомври, меѓутоа за очекување е дека растот на Бруто домашниот производ оваа година веројатно ќе биде над 3 отсто. Потребен е раст во континуитет, значи раст од 3,4, па и 5 проценти во континуитет од повеќе години за тоа позначително да се почувствува кај сите граѓани, кај сите слоеви и кај сите претпријатија.

Според податоците на Народната банка, забележан е раст на штедните влогови. Ако имам точни податоци, депозитите се зголемени за околу 87 милиони евра. На што се должи ваквиот тренд?

Да, интересно е дека депозитите континуирано растат кај нас, дури и во најтешките моменти на глобалната финансиска криза почетокот на 2009 година ние имавме пораст на депозитите. Тешко е некогаш да се објасни од каде доаѓа тој прилив, меѓутоа укажува дека има во економијата извори коишто создаваат приходи, коишто создаваат потенцијал за штедење, значи штедењето, иако е можеби недоволно, сè уште е значително во нашата земја и тој раст на депозитите е нешто понизок од оние добри години, меѓутоа е позитивен и е во континуитет, што е охрабрувачки. Економски раст во секој случај би требало да предизвика и пораст на оваа стапка на раст на депозитите, ако оваа година тие растат со 5, 6 проценти, очекуваме да се вратат на стапките од над 10 проценти.

Дали тоа значи дека банките се повеќе фокусирани кон прибирање на капитал, отколку кон пуштање на пари во економијата во форма на кредит?

Можеме да констатираме дека депозитниот раст е повисок од кредитниот раст во последните неколку години, но исто така растот на депозитите е рефлексија и на немањето доволно други алтернативи за инвестирање, знаете дека берзата е замрена, немаме некои други финансиски пазари каде што оние граѓани коишто имаат штедење може да го пласираат и од тука секое штедење се пласира главно во депозити кај банките, така што тука е концентриран целиот оној потенцијал којшто постои во македонската економија.

Покрај тоа што забавува инфлацијата, во последните неколку месеци, барем според проценките на НБРМ, банките сепак се чини се воздржани од давање на кредит. Дали е тоа показател на неповолна состојба во стопанството или на пазарот, или, пак, станува збор за обид за понатамошно намалување на инфлацијата?

Не, инфлацијата не е проблем, бидејќи таа е на доста умерено ниво, 2,8 проценти е последниот податок за август и очекуваме за целата година, да имаме просечна инфлација од околу 2,8 проценти, немаме потенцијал за инфлациски притисоци во наредниот период. Воздржаноста на банките од кредитирање е резултат на повеќе фактори, односно последица на повеќе фактори. Еден е економската криза којашто беше во еврозоната, забавувањето на нашата економија минатата година, внимателноста на банките, растот на лошите кредити. Друг фактор многу значаен е состојбата во матичните банки на некоја од сопствениците на нашите банки, знаете дека тие главно доаѓаат од еврозоната, некои од нив имаат сериозни проблеми во своите сопствени земји и се исправени пред сериозни предизвици, иако нивните банки во Македонија се исклучително квалитетни и во добра состојба, бидејќи стратегијата се прави на ниво на групација, проблемите во матичната банка преовладуваат за да би имале конзервативна стратегија и во нашата земја.

Токму тоа беше причина за паника кај населението, дека некои банки имаат проблеми во главните филијали. Дали се стабилизира малку состојбата на тоа поле?

Состојбата тука е главно стабилна, иако можеби во јавноста повремено се јавуваат гласини, во податоците тоа не се забележува и ние немавме намалување на депозитите во овие банки коишто имаат матични банки со проблеми во ниту еден момент и депозитите генерално растеа во период од сите овие неколку години. Јасно е, се обидовме да им објасниме и на граѓаните и мислам дека сите тоа добро го разбраа, дека депозитите остануваат тука во Македонија, дека тие не се изнесуваат надвор, тие се пласирани во македонската економија и апсолутно нема никаква причина за страв дека тие депозити би можеле да се изгубат.

Кога сме веќе кај банките, токму фирмите добиваат помалку кредити од населението. Дали тоа е знак дека банките не му веруваат на стопанството?

Факт е дека последните година, година и половина, банките повеќе се насочени кон населението, а помалку кај фирмите. Основната причина за тоа ја гледаме во поголемиот ризик кај фирмите, бидејќи лошите кредити кај претпријатијата растат во последните две години, додека кај населението тие стагнираат или дури се намалуваат. Тоа секако има одраз врз перцепцијата на банките и врз нивното однесување.

Сепак, со стапување во сила на инструментот задолжителна резерва се забележа растот на штедните влогови, но дали ваквиот инструмент може да поттикне и раст на кредитирањето?

Да, ние во изминативе 12-тина месеци донесовме неколку мерки, особено кај задолжителната резерва коишто беа насочени прво кон поттикнување на кредитирањето и второ, кон промени во структурата на штедењето во корист на денарското штедење на сметка на штедењето во евра и оние мерки коишто ги донесовме кај задолжителната резерва со коишто банките се мотивирани да кредитираат извозно ориентирани претпријатија и претпријатија коишто произведуваат електрична енергија затоа што банката добива бенефит за дадените такви кредити. Секако, мерката којашто стапи во сила во јануари каде што ја намалуваме обврската за задолжителна резерва за кредитите дадени на нето извозници и производители на електрична енергија веќе дава резултати, веќе имаме некаде 70-тина милиони евра такви кредити дадени оваа година, додека мерката којашто треба да го поттикне денарското штедење на сметка на штедењето во евра стапи во сила од почетокот на овој месец и очекуваме во наредните месеци банките да ги прилагодат своите каматни политики соодветно на таа мерка.

Дали се оствари вашето предвидување од почетокот на годинава дека барем во првиот квартал владата нема многу да се задолжува на домашниот пазар?

Владата во овој период, од почетокот на годинава досега, не се задолжува многу на домашниот пазар, бидејќи има акумулирано доста средства на нивните сметки во Народната банка. Исто така, задолжувањето што го направи од странство на почетокот на годинава сè уште е расположиво на нивната сметка и поради тоа немаше потреба дополнително да се задолжува на домашниот пазар.

Сепак, дел од економистите стравуваат дека токму задолжувањето во странство е неповолно, велејќи дека тоа е за неисплатливи, непродуктивни цели. Како гледате на оваа ситуација, постои ли ризик?

Видете, Македонија има недостаток на домашно штедење и како земја нам ќе ни треба странско штедење и ќе ни треба уште долг период и таква е ситуацијата со повеќето земји во развој, така да кажам. Значи, странско штедење е потребно и дел од тоа штедење ќе доаѓа преку странските директни инвестиции, а дел преку задолжување. Секако дека, говорејќи од аспект на монетарната политика, ние би сакале да видиме државата да се задолжува и во странство, а не само на домашниот пазар, бидејќи тоа дава дополнителна сигурност и стабилизација на македонската економија. Нивото на долг сè уште е умерено и не предизвикува други неповолни импликации.

Значи, сакале или не, ние мора да се задолжуваме, подобро во странско, за, ако ништо друго, да ги покриеме и тековните расходи?

Видете, буџетот на државата е така структуриран што таму има дефицит, значи потреба за финансирање, а дали тоа финансирање оди за тековни или капитални потреби, тешко е да се одреди, бидејќи тоа е една сметка на државата од која се финансираат сите тие потреби.

Ако се создаде проблем при враќање на парите, хипотетички, дали тоа ќе значи дека и монетарната политика може да осети последици?

Секако, фискалната и монетарната политика се меѓусебе испреплетени и монетарната политика секогаш се прилагодува за да се одржи рамнотежата во македонската економија. Ако дојдеме во ситуација таа рамнотежа да биде нарушена, монетарната политика соодветно ќе реагира за да повторно се воспостави таа рамнотежа.

Депозитните резерви за еден месец се стопиле за близу 80 милиони евра. Дали резервите се трошени за одржување на стабилноста на денарот или, пак, за други намени?

Не, девизните резерви се намалија во првата половина од годината. Намалувањето беше некаде околу 150 милиони евра. Најголемиот дел беше поради ценовните промени на златото и девизните курсеви долар-евро. Знаете дека златото се намалуваше и ние сметководствено имавме помала вредност на златото во евра и поради тоа се намалија девизните резерви. Меѓутоа, треба да знаеме дека во претходниот период кога цената на златото растеше, нам ни растеа девизните резерви токму поради тоа, чисто сметководствено. Еден мал дел беа наши интервенции во вториот квартал, коишто вообичаено сезонски се случуваат затоа што некои големи компании тогаш исплатуваат дивиденди и тогаш има недостиг на девизниот пазар којшто Народната банка го задоволува. Меѓутоа во третиот квартал, повторно сезонски, има обратни движења и ние веќе ги надокнадивме тие интервенции коишто ги имавме во вториот квартал. На ниво на цела година, Народната банка има повеќе откупено девизи на девизниот пазар, отколку што има продадено. Значи дека намалувањето во овој момент е многу помало од она што го споменав претходно и тоа целосно се должи на ценовните промени на златото.
XS
SM
MD
LG