Достапни линкови

Дипломатијата го смирува хемиското оружје


Советот за безбедност на ОН изгласа резолуција со која се бара Сирија да го уништи хемиското оружје.

Советот за безбедност едногласно гласаше во полза на предлог-резолуцијата со која се бара Сирија да го уништи хемиското оружје. Резолуцијата предвидува последици доколку Сирија не ја почитува, но тие би биле дефинирани со друг таков документ.
Како заедница на народите, ја потврдуваме нашата одговорност да ги браниме беспомошните, оние чии животи се во опасност секој ден додека некој верува дека може да го користи оружјето за масовно уништување и тоа да помине неказнето.
Џон Кери, државен секретар на САД.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека гласањето покажало дека дипломатијата е доволно моќна за да го смири најлошото оружје во војната.

„Значи вечерва сме тука и за прв пат заедно прогласуваме дека употребата на хемиско оружје, за кое светот одамна реши дека треба да биде подалеку од границите на прифатливото човековото однесување, е исто така закана за меѓународниот мир и безбедност секаде каде што би можело да се користи, во кое било време и под секакви околности. Како заедница на народите, ја потврдуваме нашата одговорност да ги браниме беспомошните, оние чии животи се во опасност секој ден додека некој верува дека може да го користи оружјето за масовно уништување и тоа да помине неказнето, изјави Кери.

Претходно американскиот претседател Барак Обама ја нарече нацрт-резолуцијата на ОН "потенцијално огромна победа за меѓународната заедница" и го опиша документот како правно обврзувачки.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, изјави дека Советот за безбедност е подготвен да ги врати казнените мерки доколку се докаже дека двете страни ги прекршиле условите на резолуцијата.

Сирискиот амбасадор во Обединетите нации, Башар Џафари изјави дека Турција, Саудиска Арабија, Франција, Катар и Соединетите Држави мора да се придржуваат на резолуцијата и да сносат одговорност доколку продолжат да им помагаат на бунтовниците. По гласањето, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, изјави дека големите сили се надеваат дека во средината на ноември во Женева ќе се одржи мировна конференција за Сирија.

Инаку со гласањето завршија неколкунеделните дипломатски разговори меѓу Русија и САД. Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации е донесена врз основа на договорот меѓу двете земји постигнат во Женева претходно овој месец, откако на 21 август беше нападнато едно предградие на Дамаск и кога поради употребата на нервниот гас сарин, загинаа стотици лица.

Пред гласањето во ОН, Организацијата за забрана на хемиското оружје која се состои од 41 членка, ја одобри одлуката во Хаг во врска со преземање итни чекори за проверка и уништивање на залихите на хемиско оружје во Сирија. Одлуката ќе ја спроведуваат инспекторите испратени во Сирија почнувајќи од вторник.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG