Достапни линкови

Законот за абортус пред Уставниот суд


Даниел Калајџиески, програмски координатор за млади во ХЕРА.
Даниел Калајџиески, програмски координатор за млади во ХЕРА.

Со овој закон државата се меша во уставното право на жената да одлучи дали да има или не деца, пишува Даниел Калајџиески, програмски координатор за млади во ХЕРА, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Законот за прекинување за бременоста којшто летово беше донесен во македонското Собрание, откако беше објавен во Службениот весник, стапи на сила. Иако не се донесени сите подзаконски акти за целосно да се операционализира законот и сите предвидени процедури, тоа не го спречи министерството тоа да си го направи и неформално.
Со овој закон државата се меша во уставното право на жената да одлучи дали да има или не деца. Сега можеби се прашувате како, кога ова е само закон за абортус. Сепак, постапките кои што ги вклучува законот всушност им оставаат можност на комисиите коишто ќе одлучуваат после 10-та недела да ѝ дозволат или, пак, не на жената да има абортус, а тоа всушност преставува директно кршење на ова право, односно ѝ се одзема слободата на жената целосно и самостојно да донесе своја одлука.

За сето она што жените и гинеколозите го чувствуваат од новиот закон за абортус, малку подолу. Граѓанскиот сектор ги презема сите институционални чекори за вистински да се заштити и унапреди здравјето на жените во Македонија, затоа што новиот закон, онаков каков што е донесен, може само да го загрози здравјето.

Вчера од страна на ХЕРА, Реактор, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Хелсиншки комитет за човекови права и доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд беше поведена постапка пред Уставниот суд на Република Македонија за испитување на уставноста на одредени членови од законот. Она што после сите анализи на новиот закон се покажа е дека со него не само што се кршат уставните права на жените кои што се поврзани со изборот да се има или не абортус, туку прекршува и низа други уставно загарантирани права.

Пред Уставниот суд се користат повеќе аргументи кои укажуваат на тоа дека новиот закон е спротивен и на Уставот, но и на меѓународните документи коишто нашата земја ги потпишала и ги ратификувала. Најпрвин со овој закон државата се меша во уставното право на жената да одлучи дали да има или не деца. Сега можеби се прашувате како, кога ова е само закон за абортус. Сепак, постапките кои што ги вклучува законот всушност им оставаат можност на комисиите коишто ќе одлучуваат после 10-та недела да ѝ дозволат или, пак, не на жената да има абортус, а тоа всушност преставува директно кршење на ова право, односно ѝ се одзема слободата на жената целосно и самостојно да донесе своја одлука.

Исто така, правните аргументи кои што се користат пред Уставниот суд се однесуваат и на тоа што со законот се забранува доколку жената сака да направи повеќе од еден абортус годишно. Покрај тоа, доколку се смета дека постапката на абортус може да го загрози здравјето на жената, истата не може да биде изведена. Претпоставувам дека сега помислувате на тоа дека државата правилно постапила, но сепак тоа не е така. Што ако таа бременост е резултата на криминално дело, како што е силување? Жената е немоќна затоа што така одлучила државата.

Покрај тоа, новиот закон ги става во подредена положба и младите девојки. Повторно се наметнува прашањето зашто? Според овој закон, за малолетна девојка, или, пак, за лице на коешто му е одземена деловната способност ќе биде потребна согласност од родител или старател за да се изврши абортусот. Притоа ваквата поставеност на постапката воопшто не го зема предвид мислењето на девојката која што сака да абортира. Тука пак се гледа „дволичноста“ на државата, Македонија има потпишано и ратификувано документи, коишто им овозможуваат на децата, односно лицата под 18 години, да донесат одлука самостојно, а не последен збор да го имаат родителите или старателите. Сега се поставува прашањето зошто Македонија ги ратификува овие конвенции? Само за да изгледа фино кога некој од министрите ќе отиде на Генерално собрание на ОН или во Брисел? Сепак, вистинскиот мотив треба да е секако поинаков, да се имплементира тоа и во нашиот секојдневен живот.

Дискреционите права на министерот за здравство да уредува одредени аспекти од самиот процес на постапката за извршување на абортусот е исто така противуставна. Притоа не се почитува поделбата на власта во државата, односно нешто што е законодавна материја не може да биде пренесено како таква на извршната власт. Советувањето пред извршувањето на абортусот е исто така спорно само по себе. Доколку тоа е задолжително, тогаш не се работи за советување, туку се работи за психолошка проценка. Советувањето исто така е спорно и од друг аспект. Жените ги прави нееднакви со другите, затоа што за другите медицински интервенции не е пропишано задолжително советување. Токму поради ова, овој закон истовремено е дискриминирачки и е спротивен на Уставот, како и на принципите за еднаквост меѓу мажите и жените.

Овој закон не ги става само жените во нееднаква позиција, туку и самите доктори. Со законот се предвидуваат и казни за самите доктори. Овој дел од законот е спорен затоа што и во самиот Кривичен законик на Македонија се предвидуваат казни за дела кои што се однесуваат на противправно прекинување на бременоста. Од друга страна, овие казни исто така се и заплашувачки за самите доктори, дали целосно ја спроведуваат целата предвидена постапка, која не е во сите делови доволно јасна.

Ова беа правните аргументи коишто се изложени пред Уставниот суд, кој што треба да оцени дали и во која мера овој закон е спротивен на Уставот. Но, што се случува во реалниот живот? Иако не поминаа многу месеци, подзаконските правни акти не се донесени, првите ефекти веќе се наѕираат.
Дискреционите права на министерот за здравство да уредува одредени аспекти од самиот процес на постапката за извршување на абортусот е исто така противуставна. Притоа не се почитува поделбата на власта во државата, односно нешто што е законодавна материја не може да биде пренесено како таква на извршната власт.

По направените интервјуа со дел од болнички гинеколози и жени, може всушност и да се согледа вистинската намера на иницијаторот на овој закон, односно министерот за здравство на Република Македонија. По објавувањето на законот во Службениот весник, до гинеколошките клиники е испратено известување за новините во законот и насоки дека тие треба да се применуваат. Особено ова се однесува на задолжителното чекање од три дена, како и задолжителното советување. Она, пак, што е спорно, особено со советувањето, е тоа што во законот е предвидено дека тоа ќе биде уредено со подзаконски акт, но таков не е донесен. Од тука, нејасно е врз која основа и во каква форма ќе биде спроведувано. Сепак, она што стоело во самите насоки од Министерството е дека советувањето треба да биде насочено кон штетните последици и можните компликации од абортусот. Притоа, иако жената е решена да биде направена интервенцијата, тие дополнително се жртва на притисок и стрес, затоа што на ним ќе им бидат кажани само можните последици од абортусот. Се разбира овие насоки не содржат никакви аспекти како да ѝ се понуди соодветна психолошка поддршка на самата жена. Од друга страна, пак, во различни болници советувањето го спроведуваат различни лица, некаде тоа се само гинеколозите, некаде, пак, се социјални работници или психолози. Тука се наметнува прашањето какво советување ќе добие жената? Дали ќе ги добие целосните информации?

Дел од законот, пак, што се однесува на задолжителното чекање од три дена, всушност е многу подолг од тоа. Трите дена почнуваат да се сметаат од денот кога жената ќе отиде во установата каде што се прави абортусот. Ако жената отиде веднаш во гинеколошката болница каде што се прави абортусот, таа ќе биде препратена кај својот матичен лекар за да ги направи задолжителните медицински иследувања, па потоа со тие да се упати во болницата. Поради тоа овој период е и подолг од 3 дена. Исто така, ова е информација која е добиена од жена која што во овој период донела одлука да абортира.

После сите правни аргументи кои што се вклучени и во самата претставка до Уставниот суд, но и искуството на гинеколозите и жените во овој краток период од кога новиот закон стапи на сила, дали сè уште верувате на ставот на министерот Тодоров дека овој закон е донесен само да го заштити здравјето на жените?

Денеска е 28 септември, овој ден е глобален ден за акција до пристап до легален и безбеден абортус.
XS
SM
MD
LG