Достапни линкови

Човекот сам си е виновен за глобалното затоплување


Комисија на Обединетите нации составена од научници и владини претставници денеска во Стокхолм предупреди дека со секоја година се зголемуваат доказите за брзото менување на климата на Земјата. Главен виновник за тоа останува човекот.

Меѓувладината Комисија за климатски промени во, како што се наведува, првата сеопфатна анализа, дава преглед на последиците и на начините како да се дејствува во врска со овој глобален предизвик. Оваа Комисија, која во 2007 година ја подели Нобеловата награда за мир, е составена од армија климатолози и специјалисти по агрономија, биологија, економија и социологија.
Од 1950 повеќето од набљудуваните промени се без преседан. Со децении атмосферата и океанот се загреваат, снегот и мразот се намалуваат, нивото на морињата се зголемува, а концентрацијата на штетните гасови расте. Мислам дека ова е важно резиме за она што и го правиме на Плантета.

Во досегашната-25 годишна историја на Комисијата, тие имаат напишано четири прегледи.

„Научните докази за климатските промени се интензивираат со секоја година, оставајќи малку нејаснотии во врска со сериозните последици“, вели претседателот на Комисијата Раџендра Пачаури.

„Од 1950 повеќето од набљудуваните промени се без преседан. Со децении атмосферата и океанот се загреваат, снегот и мразот се намалуваат, нивото на морињата се зголемува, а концентрацијата на штетните гасови расте. Мислам дека ова е важно резиме за она што и го правиме на Плантета“, изјави Пачаури.

Според најлошото сценарио, базирано врз испуштањето гасови од фосилни горива, предвидува тројно побрзо затоплување на атмосферата од досега.
Раџендра Пачаури

Раџендра Пачаури


„Климатските промени се најголем предизвик на денешнината“, оценува копретседавачот на работната група Томас Стокер, додавајќи:
Овие промени се закана за нашите примарни ресурси, почвата и водата, накусо, тие се закана за нашиот единствен дом, Земјата и затоа мораме да интервенираме.

„Овие промени се закана за нашите примарни ресурси, почвата и водата, накусо, тие се закана за нашиот единствен дом, Земјата и затоа мораме да интервенираме“, вели тој.

Стокер наведува дека извештајот е базиран врз милиони мерења на атмосферата, океаните, почвата, мразот и Вселената.

Во извештајот се предвидува дека до 2100 година нивото на морињата ќе порасне од 26 до 82 сантиметри, а температурите до 4,8 Целзиусови степени. Во документот се зголемува увереноста на Меѓувладината комисија дека главен виновник за климатските промени е човекот.

Во претходниот извештај пред шест години увереноста беше 90 насто, додека во најновиот таа е поголема за пет процентни поени, односно 95 насто.

Намалувањето на затоплувањето на атмосферата во периодот од 1998 до 2012 година, феномен што го цитираат оние кои се противат на тезата дека човекот е виновен за климатските промени, според документот, бил поради намалената активност на Сонцето.

Од друга страна, според екологистите, оние што имаат најмногу корист од несовесното однесување имаат големо влијание врз владите. Климатските промени беа подзаборавени во глобалната агенда во изминативе неколку години и поради своевидното фијаско на Самитот во Копенхаген, но и поради светската финансиска криза.

Најголем проблем, според научниците, е како најдобро да се објасни, дека светот ќе страда од почести топлотни удари, поројни дождови и поплави, но и од зголемување на нивото на морињата како што ќе се покачува температурата. Самото надевање дека така нема да биде во иднина не е доволно.

„Се уште има време да ги спречиме најлошите ефекти, но нашата врата на можности брзо се затвора. Овој документ покажува дека е неопходна итна акција“, вели активистката на Гринпис, Стефани Тунмор, заклучувајќи: „Тоа е како да се наоѓате во автомобил што оди во погрешна насока, додека владите се расправаат за местата за седење, а големите индустрии притискаат на гасот.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG