Достапни линкови

Меѓуетничките зависни од политичите односи


Архивска фотографија: Во струшкото село Октиси, жители од муслиманска вероисповед спречија изградба на црква. 25.08.2013.
Архивска фотографија: Во струшкото село Октиси, жители од муслиманска вероисповед спречија изградба на црква. 25.08.2013.

Меѓуетничките односи во Македонија не се апсолвирана тема за која може да речеме дека е еднаш засекогаш затворена, а влошените односи помеѓу политичките елити влијаат и на затегнување на односите меѓу граѓаните.

Меѓуетничките односи во Македонија се латентна опасност, што значи дека треба постојано да се работи на нив. Тоа не е апсолвирана тема за која може да речеме дека е еднаш засекогаш затворена, а влошените односи помеѓу политичките елити влијаат и на затегнување на односите меѓу граѓаните, велат нашите соговорници Алберт Муслиу и Владо Димовски, коментирајќи ги меѓуетничките односи во земјава во контекст на последните случувања во струшко.
Ние имаме проблем со дијалогот внатре помеѓу заедниците, имаме исклучивост на политичарите, имаме силна реторика помеѓу политичките партии, кои се носителите на општествените збиднувања и тие даваат лош пример и за граѓаните, така што верувам дека ова е одраз на тоа.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Проблемите со изградба на црква во струшкото село Октиси ги подигна тензиите меѓу граѓаните. Деновиве таму се појави уште еден проблем. Жители од албанска националност се обидоа да подигнат споменик во близина на струшкото село Теферич, но Македонците не дозволуваат и тврдат дека местото било црковно и дека некогаш на тоа место постоел крст.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу го лоцира проблемот во ниската толеранција и недостигот од дијалог.

„Ние имаме проблем со дијалогот внатре помеѓу заедниците, имаме исклучивост на политичарите, имаме силна реторика помеѓу политичките партии, кои се носителите на општествените збиднувања и тие даваат лош пример и за граѓаните, така што верувам дека ова е одраз на тоа“, вели Муслиу.
И токму сега поради тоа во Струга се прават одредени провокации. Едните за да докажат дека и тогаш биле во право, а другите за да си ги лечат комплексите.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.

Владо Димовски од невладиниот Центар за меѓуетничка толеранција се согласува дека проблемот треба да се бара во намалувањето на меѓуетничката толеранција. Тој не е изненаден од овој развој на настаните, затоа што, како што вели, сè навествува на влошување на меѓуетничките односи, а не се прави ништо за да се смири ситуацијата.

„Во моментов моја оценка е дека односите во коалицијата на власт не се на највисоко ниво, а тоа се рефлектира и на пониските нивоа“, вели Димовски.

Зошто тие меѓуетнички тензии се рефлектираат токму во Струга и во струшко, ако се има предвид дека е една од ретките меѓуетнички општини во кои немаше големи проблеми дури ни за време на вооружениот конфликт во 2001 година? Димовски вели дека сегашните случувања се и рефлексија на локалните избори во Струга кои поминаа со етнички набој.

„И токму сега поради тоа во Струга се прават одредени провокации. Едните за да докажат дека и тогаш биле во право, а другите за да си ги лечат комплексите“, вели Димовски.

Муслиу се согласува дека влијание има предизборната кампања во Струга и вели дека граѓаните стануваат понетолерантни.

„Вакви работи се случувале и порано. Имало иницијативи од сите заедници за рефлектирање на нивните етнички или верски карактеристики преку споменици, верски објекти итн., но за жал, кај нас нивото на толеранција е спуштено, така што на која било иницијатива од едната страна, од другата страна се гледа како на нешто ризично и нешто што ги ризикува нивните интереси и затоа реакциите се вакви“, вели Муслиу,

Решението на проблемите, тој го гледа во функционирањето на правната држава.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG