Достапни линкови

Грција - Судири, поделби и можни нови избори


Во Атина синоќа дошло до судири меѓу полицијата и неколку илјади демонстранти кои во текот на антифашистичкиот протест марширале кон седиштето на Златна зора. Освен протестите кои се шират во Грција, деновиве е во тек и полициска акција за расчистување со наводните илегални активности на оваа неонацистичка партија. Има најави дека Златна зора би можело да излезе од парламентот.

Грчката полиција синоќа во Атина се судри со демонстрантите на крајот од масовните протести кои се реакција на убиството на антифашистичкиот рапер Павлос Фисас, од членот на Златна зора Јорго Рупакиас. Невработениот шофер на камиони призна дека го убил Фисас, но тоа, според него, било во самоодбрана.
Оваа влада е решена да не им дозволи на потомците на нацистите да ги трујат нашите животи, да извршуваат злосторства, да тероризираат и да ги поткопуваат темелите на нашата земја каде што е родена демократијата. Демократијата е многу посилна отколку што веруваат нејзините непријатели.
Андонис Самарас, премиер на Грција.

Во изминативе месеци Златна зора беше обвинувана за напади врз странски мигранти и политички опоненти, а неколкумина нејзини пратеници беа вклучени во тепачки, но полицијата ретко интервенирала.

Меѓотоа, по убиството на Фисас курсот се смени и полицијата почна да врши истраги во канцелариите на Златна зора во потрага по оружје. Има наводи дека партијата организирала воени обуки за нејзините членови и оти во тоа и помагала грчката војска и самата полиција.

Златна зора, чии членови не кријат дека го обожуваат нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, оцени дека станува збор за смислена кампања за нарушување на угледот на партијата чиј подем се базира врз социјалните тензии во задолжената земја која има стапка на невработеност од околу 28 насто. Тоа доведе до нејзин успех на изборите и влез на 18 пратеници во парламентот.
Подготвени сме на се што е потребно. Егзил. Дури и затвор.
Никос Михалолиакос, претседател на Златна зора.

Сепак, последните анкети велат дека поддршката за оваа партија, која беше третта по популарност во земјата, нагло опаѓа. Најновата, извршена по убиството на Фисас, покажува дека поддршката сега изнесува 6,8 насто. Осумдесет проценти од Грците оценија дека таквите насилни акти се закана за демократијата во земјата. На тоа деновиве предупреди и грчкиот премиер Андонис Самарас.

„Оваа влада е решена да не им дозволи на потомците на нацистите да ги трујат нашите животи, да извршуваат злосторства, да тероризираат и да ги поткопуваат темелите на нашата земја каде што е родена демократијата. Демократијата е многу посилна отколку што веруваат нејзините непријатели“, изјави Самарас, наведувајќи дека во моменти кога се прават големи жртви за економско заздравување на земјата не и се потребни и внатрешни конфликти и тензии.

Во меѓувреме, грчките медиуми јавија дека Златна зора размислувала да ги повлече нејзините 18 пратеници од парламентот со цел да предизвика политички промени во земјата.

„Тоа ќе биде политичко самоубиство за таа партија“, оцени заменик премиерот и шеф на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, кој додава:

„Тоа не е закана, тоа е голема можност.“

Според него, доколку крајната десница излезе од парламентот, изборите би се одржале во само 15 изборни единици што ќе биде шанса за другите партии да се обединат против Златна зора.

Венизелос вели дека владата ги презела сите можни законски средства против оваа партија, вклучувајќи и истрага за можни криминални дејства. Лидерот на Златна зора Никос Михалолиакос предупреди дека обидите оваа партија да се стави надвор од законот ќе ги отвори, како што рече, вратите на пеколот.

„Подготвени сме на се што е потребно. Егзил. Дури и затвор“, изјави тој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG