Достапни линкови

„Скулптури на новото време 2013“ во Прилеп


Дваесет дела од исто толку уметници ќе се најдат на биеналната изложба „Скулптури на новото време 2013“ што од 27 септември до 10 октомври ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Идејата водилка е да се претстави актуелната состојба и различните концепти во овој вид творештво кај нас, а долгогодишен носител на проектот е Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.

Александра Богоеска, Бранко Величковски, Сашо Саздовски. Влатко Зафирковски, Нела Јанковска, Ристо Станковски, Јордан Јанев, Маја Танева, Емил Солески, Беди Ибрахим...се само некои од 20-те уметници чии дела ќе се најдат на осмата биенална изложба „Скулптури на новото време“ што овој петок ќе биде отворена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Современа модерна скулптура многу малку се работи во Македонија. Моментно она што постои е во рамките на оние влијанија од шеесеттите до осумдесеттите години на минатиот век. Интерактивната скулптура, она што е актуелно и што се работи во Европа тоа се скапи електронски склопови, цели инсталации...и проблемот е финансиски првенствено. Од друга страна, треба да се каже и тоа дека државата не финансира вакви проекти.
Роберт Цветковски, куратор.

Оваа збирка првично беше претставена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, националната институција која се јавува како носител на проектот, а историчарот на уметност Роберт Цветковски забележува дека иако нивната првична замисла била да се позанимаваат со најновите и најсовремени скулптури и скулпторски техники и концепти блиски до оние што ги следеле на светските културни сцени и кои нуделе едно сосема ново дефинирање на поимот „скулптура“ со користење на новите медиуми (електроника, космичка технологија, биохемиски материјали, нанотехнологија, биоарт...), подоцна увиделе дека, со оглед на моменталната ситуација на македонската уметничка сцена, тоа не е можно.
Скулптура на Ристо Станковски.
Скулптура на Ристо Станковски.

„Современа модерна скулптура многу малку се работи во Македонија. Моментно она што постои е во рамките на оние влијанија од шеесеттите до осумдесеттите години на минатиот век. Интерактивната скулптура, она што е актуелно и што се работи во Европа тоа се скапи електронски склопови, цели инсталации...и проблемот е финансиски првенствено. Од друга страна, треба да се каже и тоа дека државата не финансира вакви проекти“, вели кураторот Цветковски.
Овие скулптури кои што се прават за иднината, за некое идно време, за жал, барем сега не се поддржани од нашето Министерство за култура, но верувам дека во наредниот период ќе се даде акцент и на нив а не само на оние кои што се прават во рамките на проектот Скопје 2014.
Роберт Цветковски, куратор.

Тој дополнува дека кај нас се вложија огромни средства за реализација на скулптури по однапред утврдени конкурси и со прецизна намена, па така оние автори коишто сакаа да создаваат дела што одговараат на духот на времето во кое живееме речиси останаа без подршка и можност своите идеи и концепти да ги реализираат токму сега.

„Овие скулптури кои што се прават за иднината, за некое идно време, за жал, барем сега не се поддржани од нашето Министерство за култура, но верувам дека во наредниот период ќе се даде акцент и на нив а не само на оние кои што се прават во рамките на проектот Скопје 2014.“
Скулптура на Маја Танева.
Скулптура на Маја Танева.

Од друга страна, организаторите се свесни дека со промовирањето на селектираните 20 дела од автори од повеќе генерации, нивниот проект и не може прецизно да ги прикаже состојбите бидејќи, квантитативно гледано, тоа е мала бројка за донесување на некакви релевантни заклучоци, но сепак очекуваат оваа изложба да овозможи галериски континуитет, присуство и актуелност на овој специфичен вид на авторски остварувања и, секако, понатамошна едукација на пошироката публика во насока на разбирање и прифаќање на современата скулптура.

Од таму, тие се убедени дека ваквите проекти мотивирајќи ќе делуваат и на самите скулптори кои во неможност да реализираат самостојна изложба поради финансиските обврски вака добиваат можност па макар и само со едно дело да бидат во контакт со публиката.

Дури, тие очекуваат во наредните години интересот за неа да оди по нагорна линија бидејќи, како што велат, „менувањето на просторот во кој што се движиме и делуваме отсекогаш било предизвик за креативните автори коишто без оглед на радикалноста биле спремни да ги споделат своите идеи со публиката, а згора на тоа ништо не е толку моќно околу нас како што е оригиналната авторска скулптура која што ја чини конекцијата помеѓу творецот, конзументот, околината и времето“.

Конечно, по Куманово и Прилеп, амбициите и плановите се оваа биенална постановка во догледно време да ја видат и љубителите на уметноста во останатите градови од земјава.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG