Достапни линкови

Драконски казни за полнење на буџетот


Владата предлага закон за зголемување на казните и веќе си предвидела и сума пари за во буџетот, велат упатените. Од друга страна, оваа политика не води сметка за оние многумина на кои ни извршителите не им можат ништо, бидејки немаат од што да платат. Така наместо да води сметка за превенција на прекршоците, излегува дека власта трие раце да има повеќе казни.

Владиниот предлог закон за зголемување на прекршочните казни е дискутабилен и отвора многу прашања на кои не е понуден одговор, коментираат дел од експертите и бизнисмените во земјава. Од досегашното искуство, високите казни не ги решаваат проблемите ниту кога станува збор за фирмите, ниту кога станува збор за работници или генерално за граѓани, коментира правникот Драге Јовановски.
Не е целта да се донесе драконска мерка, драконски казни, па сега ако тргнеш така во секој случај, утре ќе ги праќаш луѓето директно во затвори.
Драге Јовановски, правен експерт.

„Еден граѓанин којшто нема никакви приходи ќе плати одредена казна и сега со тие проблеми се соочуваат извршителите. Не работи сопругот, не работи сопругата, а направиле на пример некакво сообраќаен прекршок и не го платил, сега од каде тие ќе го платат, значи државата мора да дава одговор на тие прашања“, посочува Јовановски.
Обраќање на премиерот Никола Груевски пред бизнис заедницата во Скопје.
Обраќање на премиерот Никола Груевски пред бизнис заедницата во Скопје.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи како најпроблематично го смета тоа што сумата на пари во буџетот која треба да се собере од глоби и казни е однапред планирана.
Вака ќе навиваме дај боже да има повеќе казни.
Мендерес Кучи, Стопанска комора на северозападна Македонија.

„Прашање е дали тие средства од казни треба да го полнат буџетот и притоа да им овозможат на владата да се расфрлаат со пари или пак превентивно истите средства да се користат токму за тие кои се прекршители, оти тие казни не секогаш се по нивна вина, а не вака ќе навиваме дај боже да има повеќе казни“, вели Кучи.

Тој стравува дека доколку не се исполни предвидената ставка во буџетот, тоа би можело да повлече напад врз бизнисите. Државата треба да преземе се за да има помалку прекршители на законот преку едукација или преку измени во законите, додава Кучи.

Јовановски го смета за подобро решение пропишување на помали и почести казни што би ја исполнило целта на вистински начин.

„Не е целта да се донесе драконска мерка, драконски казни, па сега ако тргнеш така во секој случај, утре ќе ги праќаш луѓето директно во затвори.“

Јовановски е на мислење дека предложениот закон е обид да се пресликаат западните норми неприлагодени на македонски услови што ќе наиде веднаш на проблеми при неговото спроведување.
XS
SM
MD
LG