Достапни линкови

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за анексите на Скопје 2014-та


СДСМ обвини дека во изградбата на комплексот „Карпошово востание“ со потпишување на анекс договори се потрошени милиони евра за кои јавноста не знае.
Потпретседателот Дамјан Манчевски на прес-конференција презентираше документација, од која, како што рече, се гледа дека првично склучениот договор за изградба на комплексот, во висина од 5 милиона евра, е надграден и проширен со анекс на договор, за непредвидени дополнителни работи во висина од 1,5 милиони евра.
- Дополнително, со истата фирма, „Бетон“ од Скопје, склучен е договор за партерно уредување на комплексот во висина од 850 илјади евра. Постапката за анексот на договорот е спроведена со преговарање, без објавување оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, рече Манчевски.
СДСМ тврди дека слични примери се и изградбата на Музејот на ВМРО за кој со 21 анекс договори е зголемена цената за 10 милиони евра, Стариот театар со 33 анекс договори и цена од 30 милиони евра и за зградата на Уставен суд со два анекс договори е зголемена цената за 7 милиони евра.
Според СДСМ, со анекс договорите за објектите од проектот „Скопје 2014“ се потрошени 60 милиони евра.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се вели: Доколку СДСМ изминатите години изгради барем еден проект или објект можеби ќе знаеше дека при изградбата секогаш се појавуваат непредвидени работи во градбата, за кои секогаш се креира анекс на договорот.
Во писмената реакција ВМРО-ДПМНЕ посочува дека сите анекси за кои говорел потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски од СДСМ се дополнети согласно Законот што тоа го регулира и зголемувања согласно со предвидените максимални 30 проценти од износот на основната набавка.
XS
SM
MD
LG