Достапни линкови

logo-print

Средба Венизелос - Бан Ки-мун во Њујорк


Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун синоќа во Њујорк се сретна со грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, кој ја предводи грчката делегација на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации, пренесува МИА.

Според кусото соопштение од кабинетот на Бан, спорот за името бил водечка тема на разговорите.

„Соговорниците разменија мислења за перспективите за решавање на спорот за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, вклучително и исходите од неодамнешната посета на личниот пратеник на генералниот секретар, Метју Нимиц“, пишува во соопштението.

Се додава дека тема на разговор било и очекуваното продолжување на разговорите за статусот на Кипар наесен, како и состојбата во Сирија.

Засега не е најавено дали во Њујорк ќе има средба меѓу претставници на македонската и на грчката делегација. Македонската делегација ја предводи премиерот Никола Груевски, а во неа е и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Нема потврдени средби ниту со посредникот во разговорите, Метју Нимиц, за кого се знае само дека утре ќе се сретне со евро-комесарот задолжен за проширување Штефан Филе.
XS
SM
MD
LG