Достапни линкови

Државно превенство во брзо одење на поштари во Битола


Во Битола денеска се одржа 20. јубилејно државно првенство во брзо одење на поштари на кое учествуваа претставници на подружниците на АД за поштенски сообраќај „Македонска пошта“ - Скопје.

Трките во машка и женска конкуренција се одржаа на рекреативната патека на градското шеталиште под Тумбе Кафе во Битола, и според пропозициите, сите учесници настапија во поштенска униформа. Поштарите мажи се натпреваруваа на патека долга 10 километри, додека жените се натпреваруваа на патека долга 5 километри.

Во машка конкуренција првото место го освои Трајче Михов, а второпласиран беше Виктор Толевски и двајцата вработени во подружницата на „Македонска пошта“ во Велес, додека третото место го освои Тони Веловски од подружницата во Битола.

Во женска конкуренција првото место го освои Тања Ѓурчиноска од Кичево, а второто и третото место ги освоија Билјана Цекова и Даниела Трајковска и двете вработени во подружницата на „Македонска пошта“ во Штип.

Организаторот на 20. јубилејно државно првенство во брзо одење на пошторазнесувачи, синдикалната организација и синдикатот на АД „Македонска пошта“ на најдобрите им додели пехари, и по победата на државниот натпревар во Битола се стекнаа со право да учествуваат на претстојната Балканијада за брзо одење.
XS
SM
MD
LG