Достапни линкови

Притвор за грчкиот неонацист кој уби музичар


На неонацистот, осомничен за убиство на антифашистички музичар, што предизвика протести ширум Грција, одреден му е притвор после сослушувањето пред истражен судија и обвинител. Судските власти соопштуваат дека 45-годишниот осомничен, чие име не се наведува во официјалните документи, а медиумите тврдат дека станува збор за камионџија Јоргос Рупакијас, изјавил дека го нападнала група луѓе и оти делувал во сомоодбрана, кога во средата наутро го прободе 34-годишниот музичар Павлос Фисас. Пред Судот во Пиреја, тој е обвинет за убиство со предумисла и илегално поседување оружје.

Полицијата соопшти дека осомничениот признал дека имал некаква поврзаност со екстремистичката десничарска партија Златна зора и дека им помагал во дистрибуирањето храна за сиромашните.

Полицијата ги испитува извештаите од мобилните телефони за да утврди дали нападот бил координиран. Осомничениот демантира дека пред нападот разговарал со кого било од функционерите на Златна зора. Оваа партија веднаш ја демантираше поврзаноста со осомничениот убиец, но набрзо се појавиле фотографии на кои Рупакијас учествува во активностите на партијата, а членови на неговото семејство наводно работеле за оваа организација.

Рупакијас се појави пред истражниот судија во придружба на огромно обезбедување, а полицијата и специјални единици ја опколија зградата на судот.

Тој е осомничен дека го избодел со нож 34-годишниот музичар во средата утрото во еден кварт на Атина, а полицијата соопшти дека го признал злосторството веднаш по апсењето.

Извикувајќи „Стоп за фашизмот“ околу 2.000 демонстранти со пароли и знамиња мирно прошетаа по атинското предградие Никеа, близу местото каде 34-годишниот хип хоп музичар Фисас, познат како Кила П, беше убиен.
XS
SM
MD
LG